Добивај вести на Viber
Во Кривичниот суд денеска започна судскиот процес против 34-годишната измамничка М.Џ, позната во јавноста како „Генерал Мими“. Скојанката пред судот ја призна вината дека измамила повеќе граѓани ветувајќи им лажни вработувања, но тоа го направила поради лошата психичка состојба.
„Виновна сум, ги доведов во заблуда, лажев луѓе, но за тоа придонесе мојата психичка состојба. Од 2008 година се лекувам на психијатрија, а сега во приватна ординација и посетувам психолог двапати месечно", сведочеше скопјанката пред судот.
Според неа, дел од парите не ги зела воопшто, а дел им ги вратила на оштетените. Полицијата ја приведе пред два месеци и и изрече мерка притвор на скопјанката под сомнение дека се претставувала како шефица на базата Бонстил и ги лажела граѓаните дека ќе им обезбеди вработувања, тендери и бизниси во базите на НАТО.
Таа на своите жртви, меѓу кои се споменува и познат скопски бизнисмен, им велела дека посредува македонски фирми да добијат тендери за снабдување на базата во Косово со храна,средства за хигиена или пијалоци. Од јануари до јули годинава со лагата успеала да заработи десетина илјади евра.
Измамата одела до таму што измамените граѓани ги испраќала да се облекуваат во скапи бутици за да бидат претставителни на бизнис средбите кои требало да ги договори. Сепак наместо ова, откако ќе ги земела парите, измамничката ја снемувало.
Овој случај стигнал и до помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, амбасадорот Дирк Бренгелман.