27 Октомври, 2021
0.0267

Генерали инвестментс: Ако вакцината е ефективна, динамиката во најпогодените сектори ќе се промени од корен

Објавено во: Финансии 23 Декември, 2020

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

-2020 година полека завршува но многу подобро отколку што можеше да се очекува на почетокот на пандемијата. Претпоследната недела од годината ни донесе нов стимулативен пакет во САД во износ од 900 милијарди долари. Се очекува дека ќе ги ублажи ударите предизвикани од пандемијата, а сите погледи се свртени кон новата администрација на Бајден, која се очекува да добие дополнителна поддршка во февруари. Стимулативниот пакет, меѓу другото, носи еднократна поддршка од 600 УСД за секој Американец и 300 УСД дополнителна поддршка на невработените лица неделно, до крајот на март 2021 година. Стимулацијата беше очекувана на пазарите, па затоа не очекуваме прекумерна реакција на почетокот. Од друга страна, гледаме како се интензивира пандемијата, бројката на новозаразени и смртни случаи на глобално ниво поставуваат рекорди, па овој пат Божиќните и Новогодишните празници ќе бидат навистина различни. Во Европа, преовладува затворање на услужниот сектор, некои земји како што е Германија овојпат презеде поостри мерки отколку при првиот бран од пролетта. Според економистите ова ќе донесе пад на БДП во последниот квартал на 2020 година, за Германија се проценува пад на БДП од 1%. Но, ситуацијата се менува многу брзо, како што видовме за време на викендот во Велика Британија, каде што новиот вид на Ковид-19 предизвика помалку паника, и побрзо беше усвоено построго затворање на јавниот и економскиот живот. Новиот вид е исто така најголема закана за економиите во новата година, бидејќи потенцијалната слаба ефикасност на вакцината против новиот вид може сериозно да ги разниша плановите за економско обновување, а тоа ќе има одраз и на пазарите на капитал. Од друга страна, ја имаме Кина, каде што се забележува солиден економски раст оваа година, а закрепнувањето продолжува под строга контрола на јавниот и приватниот живот.

-Пазарите на капитал достигнаа нови највисоки нивоа во претпоследната недела од годината, делумно поткрепени со очекувањата за стимулативна поддршка од САД. Дури и без стимулативна поддршка, ликвидноста на пазарите е одлична, а уделот на малите инвеститори вклучени во шпекулации е рекорден. Ако реакцијата на луѓето во САД со оваа еднократна помош од 600 американски долари е слична на првиот пат кога беа истурени многу пари на берзата, можеме да очекуваме раст на поризични и шпекулативни акции. Како резултат на тоа, тешко е да се изврши голема корекција, бидејќи оптимизмот постојано се храни со приливот на добри вести и се разбира, ликвидноста. Но, претпазливоста не е излишна. Проценките се високи, некои ги надминаа нивоата од врвот во 2000 година, оптимизмот и на малите и на институционалните инвеститори е близу до крајности, уделот на обврзници со негативни приноси е рекорден и увереноста на инвеститорите дека ја знаат насоката на пазарот е исклучително силна.

-Предизвиците за 2021 година остануваат исти како и пред неколку месеци. Парите и обврзниците главно носат негативни приноси, така што оние кои не бараат само безбедност, прибегнуваат кон акции и некои други инвестиции. Берзите беа обележани со ротација помеѓу индустриите во последните неколку недели, бидејќи претходните губитници станаа кандидати за победници, а победниците од корона кризата земаа одмор. ЕЦБ не помогна во ротацијата, бидејќи ограничувањата на европските финансиски компании при исплата на дивиденда и купување сопствени акции беа само делумно укинати, додека ФЕД многу повеќе ги релаксираше своите мерки, зголемувајќи ја привлечноста на американските банки во споредба со европските.

-Но, ниските каматни стапки, кои создаваат голем притисок врз маргините и резултатите, остануваат, што ги прави акциите попривлечни за краткорочно тргување отколку за долгорочни инвестиции. Акциите од индустријата и стоките за широка потрошувачка продолжуваат да бидат во првите редови, каде што најсилното закрепнување се очекува во 2021 година, а индустријата исто така е поддржана со преминот кон еколошки начин на живот. Животната средина е исто така тема што стимулира инвеститори во снабдувачката индустрија, а досега очекувањата на аналитичарите за индустријата се многу поволни. Аналитичарите ја препорачуваат и здравствена заштита за 2021 година каде покрај пандемијата, има и неколку други позитивни промени, а со констелацијата на ѕвездите во американската политика е силно насочена кон статус кво состојба, што значи дека здравствената реформа нема да им наштети на големите фармацевти. Дополнителен шарм на индустријата се релативно поволните проценки и убавите дивидендни приноси. За инвестициите во инфраструктурата вклучувајќи ја и зелената инфраструктура, потребни ни се материјали и суровини. Индустријата оствари добивка повеќе од 10% во последниот месец, а поризичните акции уште повеќе. Енергетската индустрија, продолжува да биде под голем притисок поради пандемијата и преминот кон почисти извори на енергија. Точно е дека проценките се поволни, но сепак повеќето инвеститори не сакаат да го набљудуваат нејзиниот развој. Основните, прехранбени производи беа голема инвестиција во пандемиската 2020 година, а очекувањата за 2021 година се движат во насока  на паузирање. Аналитичарите очекуваат стагнација или само мал раст на профитот, но индустријата нуди стабилност со малку повисоки проценки, така што останува привлечна кај инвеститорите. ИТ индустријата останува привлечна, но со највисоки проценки, а во некои случаи некои од овие проценки се на работ на апсурд, затоа тука е потребна зголемена претпазливост, но како што многу пати претходно истакнавме, автоматизација, дигитализација, роботика, е-трговија, се трендови што пандемијата само ги засили и забрза. Затоа ИТ индустријата останува составен дел од портфолиото.

Совети за инвеститорите:

Информациите за вакцините и ликвидноста на централната банка продолжуваат да ги обликуваат берзите. На долг рок, акциите на технолошките компании како и оние од е-трговијата и работата од дома остануваат сегменти со натпросечен раст, но се чини дека ќе биде потребно да се направи пауза. Овие акции се скапи и пазарната капитализација е огромна, така што инвеститорите ќе бидат повнимателни и воздржани, а тука се потребни повеќе пари за да има движење кај нивните цени. Скапите обврзници и негативните приноси на банкарски производи продолжуваат да ги принудуваат инвеститорите да се насочуваат првенствено во инвестиции во акции. Благодарение на вакцините и позитивниот исход во американската политика, инвестирањето во акции денес е помалку ризично отколку порано. Остануваме посветени на општата препорака дека е неопходна диверзификација на портфолиото. Препорачливо е да се подели портфолиото во различни класи, помеѓу акции, обврзници или пари. Продолжува ликвидносната поддршка како за обврзниците така и за акциите. Можностите надвор од технолошкиот сектор се привлечни, особено во сегментите на пазарот кои очекуваат силна промена во деловното опкружување на подобро поради вакцините. Еден таков сегмент е сè она што е поврзано со почиста животна средина и поодржлив начин на живеење. На некои места, силниот скок можеби започна да ја надминува реалноста во работењето на овие компании, но ликвидносната поплава не ги загрижува инвеститорите. Ако вакцината е ефективна, тогаш динамиката во најпогодените сектори ќе се промени од корен и ротацијата помеѓу индустриите ќе се интензивира. Трендот на раст на пазарите може да продолжи како резултат на стимулативниот пакет, кој е повеќе насочен кон индустријата, инфраструктурата и повеќе еколошки живот, но се очекува структурата на растот да се промени во 2021 година. Историјата не учи дека главните двигатели на растот на пазарот драматично се менуваат со текот на времето. Затоа е неопходен балансиран пристап кон инвестициите, а тежината во форма на индивидуални учества може да биде претставена од индустрии кои подобро би ја преживеале оваа криза и каде проценките не се претерани. Ова вклучува главно здравство, индустрија и нега, но исто така и повеќе засегнати индустрии со цел додавање зачин. Инвеститорите со долгорочни цели на заштеда треба да издржат и да продолжат со периодични плаќања, а оние што би инвестирале поголема сума, истата потребно е да ја распределат на подолг временски период. Дигитализацијата, автоматизацијата, е-трговијата, работењето од дома, почиста енергија, работењето во согласност со социјалните норми и придржувањето кон таканаречените ESG препораки се долгорочни трендови. Компаниите и индустриите на кои им е тешко да се прилагодат на ова, ќе станат сè помалку популарни меѓу инвеститорите. Иако флуктуациите во една или друга насока можат да бидат силни, тие не треба да нè заведат кога размислуваме како да го структурираме и составиме портфолиото за долг период на заштеда.



Можеби ќе ве интересира

НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ „ТРИЈАТ“ РАЦЕ - од идната година повеќе пари и од данок на доход и од ДДВ, како ќе се контролираат во трошењето?

НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ „ТРИЈАТ“ РАЦЕ - од идната година повеќе пари и од данок на доход и од ДДВ, како ќе се контролираат во трошењето?

ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ ГО ЗГОЛЕМИ КАПИТАЛОТ ЗА ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА - друштвото сега има капитал од 15,5 милиони евра

ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ ГО ЗГОЛЕМИ КАПИТАЛОТ ЗА ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА - друштвото сега има капитал од 15,5 милиони евра