29 Април, 2024
0.0259

Глас фрлен во пустина

Објавено во: Колумни 14 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Во ситуација кога бројот на стручњаци од областа на економијата е приближно еднаков на бројот на жители на нашата земја, се чини дека нема ништо полесно од тоа да се пишува колумна на економска тема. Човек ќе седне пред компјутерот, ќе потроши еден час од своето слободно време со цел своите „мудри мисли“ да ги сподели со јавноста, а потоа ќе го исклучи компјутерот и ќе им се посвети на малите работи кои го прават убав нашиот живот.

          Со оглед на тоа што бројот на колумнисти во сферата на економијата е драстично помал од бројот на жители (а со тоа и економски стручњаци), изгледа дека компјутерот и слободното време не се единствените фактори коишто влијаат врз поединецот да пишува колумни со економска проблематика. Веројатно треба да се одбере и соодветна тема која што ќе биде обработена. Имајќи го во предвид фактот дека економијата е прилично широко подрачје, бројот на теми за обработка не е за потценување. Уште повеќе, одредена тема може да се обработува од повеќе аспекти, така што се чини дека само небото е граница кога се во прашање колумните што третираат одредени прашања од сферата на економијата. Па сепак, дали е баш така лесно и едноставно како што изгледа на прв поглед? Основната дилема што си ја поставува секој колумнист е дали да пишува на стручни теми или да пишува популистички со цел да биде разбран и прифатен од пошироката јавност. Ако човек пишува на стручни теми, ќе биде разбран од исклучително тесен круг на стручната јавност. Тој тесен круг е сосема разбирлив, затоа што специјализацијата на одредено поле подразбира ангажирање на релативно мал број на луѓе и нивно дистанцирање од другите области на економијата. Стручните теми на кои пишува еден колумнист со најголемо внимание ќе бидат анализирани точно од тој тесен круг на луѓе. Некои од нив ќе се сложат со ставовите на авторот, други ќе ги оспорат тие ставови, но сите без исклучок ќе разберат „што сакал писателот да каже“. Единствениот „проблем“ е во тоа што колумнистот е во постојана комуникација со тој тесен круг на стручната јавност и таа јавност „во живо“ може да се запознае со неговите ставови. Нема потреба да чита колумни. Од друга страна, пишувањето на популистички теми наидува на подобар прием во јавноста. Иако бројот на „лајкови“ за една колумна на економска тема никогаш нема го достигне бројот на „лајкови“ за новата фризура на Џенифер Лопез, сепак најголемиот дел од читателите ќе пројават интерес за таква колумна. Тоа позитивно влијае врз популарноста на колумнистот, но до одредена мера, во прашање ја доведува неговата стручност кога се во прашање одредени економски теми коишто имаат „поголема тежина“. Во крајна инстанца, самата тема на која што се пишува не може да биде битна сама по себе. Пишувањето на одредена тема мора да вроди со некаков плод. Да даде некаков ефект. Ако не во моментов, барем во догледна иднина. Е, кога е во прашање ефектот што ќе биде (или нема да биде) постигнат, се враќаме на почетокот. Доволно е да човек да има компјутер и еден час слободно време. Дали ќе пишува за пингвините или за висината на каматните стапки, исто му се фаќа. Во двата случаи ќе изостане посакуваниот ефект. А ако изостане ефектот, која е целта на пишувањето на колумни? Зошто воопшто да се троши време и енергија? Која е придобивката од сите „мудри мисли“ содржани во една економска колумна? Кога човек е сам во пустина, сосема е сеедно дали вика или шепоти. Децибелите на неговиот глас немаат никаква улога. На крајот на денот, ќе го чуе само ехото што ќе му го врати пустината... д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД