29 Март, 2024
0.0414

Горбачов - Човекот со изгубени илузии

Објавено во: Колумни 08 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Минатиот вторник првиот и последен претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Сергеевич Горбачов, наполни 90 години. За него се знае многу, напишани се стотина книги и ден денес се пишува. Па го нарекуваат - човекот кој сакаше да го спаси СССР, или таткото на германското единство, човекот кој го урна комунизмот, човекот кој го уништи СССР,  па прашуваат: веруваше ли Горбачов во реформи? И уште многу потрошени зборови за еден човек кому му се распрснаа илузиите. Ги изгуби. А можеше да биде татко на реформираниот Советски Сојуз.

Да се доживеат 90 години и да се гледаат плодовите од распрснатите илузии не е лесна работа. И згора на тоа да бидеш обвинуван во својата земја за предавник и уништувач на едно минато. И кога ќе одиш на избори да добиеш едвај еден процент од гласовите. Зарем толку брзо Русите го заборавија втемелувачот на перестројката и гласноста? Човек кого во средината на осумдесеттите години го гледаа и слушаа како да се симнал од небото. Човек кој им овозможи на луѓето да не се плашат да зборуваат јавно, а не затворени во тесните кујни. Човек кој го искоренуваше стравот од власта кај луѓето. Очигледно петте години слава брзо минуваат, а остануваат десетици за соочување со минатото. Во деведесеттите години имаше во Русија еден премиер, Виктор Черномирдин. Позната е една негова изрека: „Сакавме подобро, ама се случи како секогаш“. Во Русија реформаторите не успеваат. И остануваат запаметени по своите намери. Па така таму го споменуваат генералниот секретар на КПСС Никита Хрушчов кој беше симнат од власта, потоа царот реформатор Александар втори кому му е извршен атентат и други.

Кои беа визиите на Михаил Сергеевич? На почетокот кога стана најмлад генсек во партиската историја тој најави престројување во економијата, отворање приватен сектор, пазарни елементи во економијата. Економските проблеми и истоштеноста на индустријата доведоа до потреба од намалување на воените трошоци. Горбачов го „средува“ Политбирото. Старата гарда ја исфрла. Таму носи реформатори. Владимир Фјодоровски, дипломат, во својата книга „Роман за перестројката“, пишува дека реформаторите „сакале да го задржат влијанието во партијата, ама сосема заборавиле на КГБ, вистинската држава во држава и најопасен противник на реформите“. Мала дигресија. Ова личи како кај нас кога почнавме да ја градиме независна Македонија. Службите со години беа главни. ДБК помагаше основање партии и се мешаше во политиката на властите. Можеби и ден денес да е така?

ЦЕЛОСНА РЕФОРМА НА СИСТЕМОТ

 И така Горбачов гледајќи ја партијата подзаборава на КГБ. Се разбира не до крај и има коректни односи, па некои добиваат впечаток дека перестројката всушност е измислена од КГБ. Во ривалството со КГБ Горбачов на крај излегува губитник. Веројатно во реформите да вклучел некој од КГБ работите би биле поинакви.  Фјодоровски во својата книга ја цитира  Hélène Carrère d’Encausse, доживотен секретар во Француската академија. Таа вели:„ КГБ во Русија е исто што и Националната школа за администрација во Франција. КГБ подготвуваше раководни кадри. Во КГБ ги избираа најпаметните луѓе. Во КГБ ги покануваа луѓето со најдобро образование. Шпионскиот дел од неговата работа е познат на сите и денес не претставува интерес. Главно е тоа што КГБ подготвуваше раководни кадри. И тој така треба да се гледа“.

Намерите на Горбачов и неговите идеолози биле за целосна реформа на системот. Тие сакале да не дојде до крвав хаос кој би довел до зачувување на тоталитарниот режим. Се планирале слободни повеќепартиски избори, слобода на медиумите, парламентарна власт и независно судство. На економски план работите не биле многу јасни. Едни биле за целосна слобода, други против. Меѓу првите потези на власта било ослободувањето на политичките затвореници од логорите и од психијатриските болници. Според идеологот, главен, на Горбачов, Александар Јаковљев, тој предложил воспоставување односи со Ватикан со кој би се нашол заеднички јазик „врз основа на човечките вредности“. И Горбачов по тој повод изјавил дека тие вредности се над вредностите од класната борба. На прашањето до Јаковлев, дали Горбачов искрено ги застапувал тие идеи, тој неочекувано одговорил:„ Горбачов лажеше, а старецот Реган веруваше, Горбачов ги влечеше сите за нос, и Митеран, итриот лисец, и тој му поверува. Тој лажеше толку добро што на крајот од краиштата и сам почна да верува!“

СОЈУЗЕН ДОГОВОР

Руската војска тие години беше повлечена од Авганистан. Со САД се разговараше за договори за разоружување. Горбачов постојано повторуваше дека дијалогот нема алтернатива. Гласноста беше буквално сфатена и сите кои дотогаш молчеле се креваа на бунтови. Не поединци. Туку републиките кои беа составен дел од СССР. Доаѓа до бунтови против властите во Грузија, Литванија, со десетици загинати. Горбачов е немоќен да направи нешто освен да повикува на смирување. Во 1990 година неколку републики прогласија суверенитет. Во рамките на СССР. Меѓу нив и Русија. Летото таа година се одржа конгрес на народните депутати на кој Горбачов беше избран за претседател на Советскиот Сојуз. А потоа работите се развиваа во насока на постепено распаѓање на СССР. Имаше и референдум за зачувување на Советскиот Сојуз, на кој шест републики не излегоа. А во август 1991 година обид за пуч додека Горбачов беше на Крим. Пучот не успеа, но затоа зимата таа година претседателите на Русија, Украина и Белорусија, во Беловешката шума во Белорусија,  додека се релаксираа во бања, се договорија за распад на СССР. Борис Елцин, Леонид Кравчук и Станислав Шушкевич, го ставија крстот на гробот ископан од Михаил Горбачов.  На 25 декември Горбачов престана да биде претседател на државата.

Џек Метлок, поранешен амбасадор на САД во Русија смета дека Русија му е должна на Горбачов. Според него СССР се распаднал неможејќи да го издржи притисокот на внатрешните фактори. Тој бил ослабен од комунистичкото владеење. Системот не водел грижа за проблемите на луѓето. САД сакале да му помогнат на Горбачов да склучи нов Сојузен договор со сите републики, освен  трите балтиски, кои никогаш и не ги признавале за дел од СССР. Дури и Џорџ Буш во Киев на 1 август 1991 година им советувал на сите 12 републики да го прифатат предлогот на Горбачов за нов Сојуз. Сигурно Американците не сакале СССР да исчезне, особено не со формирање на нови држави со нуклеарно оружје.

Метлок вели дека САД и Запад немале никаква улога во таа драма. А како виновници за распадот на СССР ги смета Елцин, Кравчук и Шушкевич.

РАЗОРУВАЊЕ НА СССР ДО СМРТ

Во сето она со што се занимаваше Горбачов додека беше на чело на СССР, посебно место заземаат односите со САД. Американците знаеја каква е состојбата во Русија. Проблемите со кои таа се соочуваше. И му ветија на Горбачов поддршка во реформите. Се разбира во замена да задоволат некои свои интереси. Па така дојде до распад на Варшавскиот пакт. И до обединување на Германија. НАТО пактот се шири и натаму кон Русија, иако Горбачов сметал дека со распадот на Варшавскиот ќе исчезне и НАТО пактот и ќе стане политичка организација, а сите работи ќе одат преку ОБСЕ. Ама тоа е во идеален случај, а во политиката нема идеали.  Горбачов долго време не сакал да се сретне со американски колега. Ама, како што напиша во една прилика, „Во нашите територијални води се појавија американски воени бродови. САД извршија испитување на ново нуклеарно полнење со голема моќ“. Напнатоста се повеќе се продлабочувала со непријателска реторика, „шпионски скандали“. Идејата за средба со претседателот на САД, Роналд Реган, се родила откако тој прочитал американски и руски документи за разоружување. Преговорите оделе тешко, а нему му биле потребни напредни идеи за намалување на притисокот на воено индустрискиот комплекс. Во СССР разбирале дека трките во вооружување се цел која еден од членовите на администрацијата на Реган ја окарактеризирал како „разорување на СССР до смрт“, кое земјата нема да го издржи. Згора на тоа тогаш Реган ја лансираше и доктрината на вселенско војување, која до дене денес не е реализирана. Ама ги уплаши Русите.

За Горбачов има уште многу работи да се пишуваат. На пример како дојде до обединување на Германија или ширење на НАТО пактот, наместо Русија да се вклучи во атлантските интеграции со еден вид Маршалов план. Гледано од денешно време Русија има извлечено поуки од однесувањето на Горбачов пред повеќе од 30 години. 

ПОДДРШКА НА ПУТИН

Ако се следат зборовите на Горбачов за преговорите со Американците и причините кои го натерале да седне да преговара, тогаш денешна Русија со право внимава на своите интереси. И постојано ги нагласува. На зад тоа стои оружјето. Инаку тешко ќе дојдеше до продолжување на Договорот СТАРТ-3 уште за пет години. Ако имаа Американците свои скриени адути тие сигурно ќе ги извадеа на маса и Договорот, можеби ќе се продолжеше, но во изменет вид. Вака е продолжен на обостран интерес. Не случајни се и изјавите на Американците дека со Русија ќе соработуваат онаму каде што и двете држави имаат заеднички интерес. Може да следат нови договори на оружен план. А секако тука е и климата, а ако сакаат Американците можат и да го прифатат отворениот руски предлог за постигнување договор за интернет криминалите и слично. Имајќи го предвид погорното не е чудно што Горбачов ја поддржува надворешната политика на Владимир Путин. Наспроти внатрешната, која ја критикува.

Има уште една интересна работа. Во 1989 година Горбачов ја посети Кина. Дотогаш односите меѓу двете земји не беа баш најдобри. Се смета дека оттогаш наваму тие само се подобруваат. Горбачов во Пекинг дојде на две недели пред крвавите настани на плоштадот Тјенанмен. Се сретна со таткото на модерна Кина Ден Ксјиаопинг. Илјадници демонстранти го дочекуваат со плакати на кои пишува „Го поздравуваме амбасадорот на демократијата“. Тие бараат реформи како во Русија. Тој е политичка ѕвезда за Кинезите. Тоа време Ден ја промовираше својата нова политика. Една земја два система. Значи, за почеток, премин кон пазарна економија во некои региони на државата, но без удар врз Комунистичката партија. Ден смета дека само еднопартискиот систем може да ја спаси Кина. И Горбачов и Ден зборуваат за социјализам. Но со различни негови содржини.

ЗАПАДОТ МУ Е ДОЛЖЕН НА ГОРБАЧОВ

Ден Ксијаопинг по некоја недела ги задуши протестите во Пекинг. Ја засили авторитарната власт и почна да преоѓа кон пазарна економија. Денес Кина е главниот соперник на Америка. Американците почнаа сега да ја критикуваат Кина со старите флоскули за комунизам, како што беше тоа со СССР. Но тешко дека ќе имаат успех. Сигурно СССР нема да се повтори во Кина. Кај ќе беше Русија ако Горбачов во 1989 година се определеше за кинескиот модел на реформи? Реторичко прашање, иако одговорот не е извесен.

Ова е прашање кое треба да се смести во времето кога СССР беше во тешка состојба. Кина тие години преземеше нови приоди кон развојот, а СССР размислуваше за слобода на медиумите, за повеќепартиски систем, независно судство...Денес Русија има нешто од ова, но ја нема економската моќ. И ќе гледа во грбот на САД и на Кина. Горбачов ја урна советската диктатура, а на нејзина почва израсна капитализам со авторитарни бои.

Благодрение на Горбачов стотина милиони луѓе денес се дел од НАТО и ЕУ. Германија е единствена. Оние кои заедно со СССР беа закана за Западот,  сега се закана за Русија. И Западот му е должен на Горбачов. Зашто токму тој имаше храброст да направи чекори за кои некои го слават, а други го кудат. Само едно не му признаваат и на Запад и дома. Тврдењето дека крајот на студената војна бил заедничка победа на западните земји и СССР. Џорџ Буш постариот во приодот кон преговорите со Горбачов одеше со ставот дека „ние сме победници“ и така треба да се водат преговорите со СССР, водејќи сметка за американските интереси.  Актуелната руска власт се согласува дека Горбачов дозволил така да бидат водени преговорите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?