Добивај вести на Viber
Полицијата кај Струга вчера уапси една од двете недостапни осомничени за несовесно работење во „Македонска пошта“, поради што била овозможена кражбата на 211 илјади евра од поштата во Чаир. Уапсената, која засега неофицијално е сопруга на поранешен министер за транспорт од ВМРО-ДПМНЕ, во отсуство доби мерка притвор од еден месец.
Втората осомничена во истиот случај, инаку роднина на висок функционер од ДУИ, останува недостапна за полицијата.
Во полициската акција пред неколку дена уапсени беа уште осуммина вработени во „Македонска пошта“. Сите добија притвор од 30 дена. Според полицијата, тие ја злуоупотребиле својата положба, па крадците на 26 јули во поштата во Чаир слободно си влегле низ службениот влез и ги украле парите. Меѓу уапсените беа управникот на поштата во Чаир, двајца контролори, главниот благајник и двајца соработници за безбедност, потоа шефот на обезбедувањето, двајца поштари и еден раководител на службата за внатрешна контрола.