Добивај вести на Viber
Пред објективите на фотоапаритете, градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ свечено им додели по 100 евра на семејствата кои имаат новороденче, а живеат во оваа општина. Скромната помош беше дадена за 35 семејства кои за своето новороденче доставија комплетна документација за еднократна помош.
Ваквата одлука, по теркот на уште неколку скопшски општини беше донесена од Советот на општината на 4-тата пленарна седница, а ќе важи за сите деца што ќе се родат оваа година. Сепак, нагласи Беличанец-Aлексиќ, дека проектот кој е дел од програмата од социјалната сфера на општината ќе се запази до крајот на истекот на најзиниот четиригодишен мандат.
„Со мерката која Општина Кисела Вода првпат ја применува од оваа година, искрено се надевам дека ќе дадеме скромен поттик и стимул за семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња", рече Беличанец-Алексиќ.
Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.
Родителите кои присуствуваа на свеченоста, ја поздравија иницијативата на градоначалникот и изјавија дека средствата ќе им бидат од големо значење, беше објавено на порталот на општината.
Ова е второ свечено доделување на еднократната помош од 6000 денари за новороденче. Првиот пат им беше доделена на 19 семејства минатиот месец.