03 Мај, 2024
0.0273

Грција си пукаше во нога

Објавено во: Колумни 06 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Левичарската влада на Ципрас ја оствари заканата со народот, меѓутоа, ни на крај на паметта не и паѓа да отпочне процеси за излегување на Грција од еврозоната и напуштање на еврото. А за преоѓање на драхмата нема ни збор. Тоа значи дека вчерашниот „перформанс“ беше само алтернација со која Грците и европјаните се плашеле меѓусебе, бидејќи ниту Европа сака Грција да испадне од европската заедница, ниту пак Грција во тоа решение може да најде поголема надеж. Станува збор за решавање на огромен должнички проблем во еврозоната кој може да се разреши само како заеднички. Едностраните решенија силно ќе ги погодат двете страни. Се разбира, помалата многу повеќе. И тоа е голем ризик за Грците, особено доколку, и покрај отфрлањето на бриселскиот предлог,  што поскоро, не успеат да обезбедат барем сличен на него. Во тој случај Ципрас ќе се најде во многу тешка ситуација, бидејќи испушти предлог со кој ќе ги надминеше минатонеделните проблеми и сцени пред банките и банкоматите, пред бензинските пумпи и продавници, извлекувањето на депозити од банките и стравот за останатите депозити...А веќе  се лиферува информација според која разликите меѓу преговарачите на предлогот (што се отфрли на референдумот) биле сведени на само 60 милиони евра. Тоа значи дека ако потрајат неизвесностите, штетите ќе бидат многу поголеми,а разликата во она што го бара Ципрас и она што го нуди Европа ќе биде поголема. Бидејќи ова се знаеше и пред закажувањето на референдумот, очигледно е дека присуствувавме на претстава на „ценкање“  на Ципрас со претставниците на еврогрупата кој ќе обезбеди поповолни услови за својата страна. Со напуштањето на преговорите пред да се услогласи предлогот, Ципрас презеде голем ризик. На пример, што ако поради одбивањето на предлогот европските претставници не сакаат да разговараат со него? Ќе ги напушти ли еврото и еврозоната како што најавуваше ? Со таквото однесување тој си наметна дилема:  или ќе успее да ги ублажи барањата на кредиторите или вината за досегашните негативни последици ќе падне врз негов грб, со сите последици за неговата политичка кариера. Храброста на Ципрас да ги напушти преговорите се поврзува и со ставовите на нобеловците Штиглиц и Кругман кои, разгледувајќи го случајот на грчката должничка криза, особено условите за нејзино надминување, јасно се определија Грците да се спротивстават на бриселските предлози, како на нешто што ќе ги влоши состојбите во земјата. Не им беше далечно ниту напуштањето на еврото и излегувањето од еврозоната, иако укажуваа дека и тој процес не е без ризици. Го споменаа и воведувањето на драхмата и покрај бројните неповолни последици врз стабилноста во развојот на земјата (девалвација на драхмата, инфлација, пад на стандардот и тн.).     Без поголема елаборација   на предностите и слабостите на бриселскиот предлог за штедење (притисоци за остварување на внатрешни девалвациони ефекти, заради зголемување на конкурентноста на грчкиот извоз, плус програма за преструктурирање) и на неизбежните последици од враќањето на драхмата, нобеловците ги поттикнаа „апетитите“ на левицата.  Некои дури и помислија дека и со спротивставување на  штедењето  може да се надмине кризата, до која всушност и дојде поради расипничко трошење во изминатите 20-тина години, од повеќе влади, избирани од народот. Од долгото „лумпување“ се заборави дека нема бесплатен ручек, односно  дека кога-тогаш цехот мора да се палти. Во овој контекст нормално е да се очекува да се извршат определени корекции на бриселскиот предлог. И што побрзо тоа се направи толку подобро и за еврото и за Грците. Меѓутоа, прашање е дали Ципрас ќе успее „со гласот на народот“ да обезбеди поповолно решение од она до кое стигна, но не го потпиша. Сега ќе се бори да дојде  барем до решение со кое ќе се покријат досега направените штети, бидејќи состојбите се далеку од остварувањето на неговата идеја за потемелно реформирање  на европскиот економски и монетарен систем и врз таа основа да се подобри состојбата во Грција. Дури и да се прифати тоа како определба   прашање е колку тоа ќе и‘ помогне на Грција да ја надмине сегашната катастрофална економска и финансиска состојба. Затоа што, таквите промени не се прават брзо, а проблемите се кумулираат. Инаку, во Грција нема човек што знае со сигурност што ќе се случува во земјата по референдумот. Деновиве ќе видиме дали нешто ќе се промени во ставот на европските преговарачи, бидејќи тие тврдат дека најповолното возможно решение кое нема да предизвика „зараза“ и во другите земји од еврозоната веќе е понудено. Се што Грција бара повеќе од понуденото, според европејците може да предизвика силна дестабилизација на еврото и еврозоната. Оттука, по грчкото НЕ, извесно е само дека допрва започнува борбата во Грција против економската катастрофа, која барем според побеничкиот одговор на референдумското прашање и понатаму повеќе се расположени да ја  решаваат со раскалашено трошење,  наместо  со штедење, како што впрочем им предлагаат европејците. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина