14 Мај, 2024
0.0239

Хипокризија на хуманоста

Објавено во: Колумни 30 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Да го прегрнеш ближниот и пријателот во мигови на тага и беспаќе,  да пружиш рака  на оној кој му треба,  да дадеш понада на гладниот, чаша вода на жедниот, да го помилуваш отфрлениот, да го охрабриш обесхрабрениот, да му вдахнеш тронка надеж на разочараниот, да го смириш гневниот, да го изведеш на прав пат изгубениот, да му помогнеш на сиромавиот, да дадеш дар на недаруваниот, да го подучиш неписмениот, да го просветлиш замаглениот, да му разјасниш на  замислениот, да му го отвориш срцето и душата на секој оној кој бара од тебе помош и подршка е вистинска одлика на хуманиот. Хуманоста не е одлика на луѓето сиромашни по дух Хуманоста не се кажува, туку се покажува и докажува, хуманоста не се импровизира, туку реално, искрено и од срце се практицира, хуманоста на дело се чествува. Хуманоста не е одлика на луѓето сиромашни по дух, со гневно срце и замаглени мисли, хуманоста не е одлика на луѓе со бедна и мрачна душа, со круто срце и затворен ум, хуманоста е одлика на луѓето со широка и чиста душа, со отворено и вдахновено срце,  со весели и јасни мисли и благороден и искрен ум.  Хуманоста е врвна вредност на пиедесталот на вредности и морални норми на оние луѓе кои искрено, недвосмислено и недвојбено умеат и сакаат да поддадат рака на секому кому му е потребна. Хуманоста е врвен приоритет на оние индивидуи кои чесно и возљубено даваат, без возврат и без резервно, на луѓе кои ги краси добрина, позитивност и правичност. Хуманоста е специфика на големите луѓе, на оние кои без поштедно се даваат на ближниот, на пријателот, на добронамерникот, на оние на кои не им е потребно да им кажеш да ти помогнат туку самите чувствуваат и увидуваат и веднаш ти излегуваат во пресрет. Хуманоста ги краси великаните, алтруистите, космополитите, луѓето кои сочувствуваат со секој оној кој моли, бара и апелира за помош, луѓето кои искрено и без скрупули умеат да сакаат, да даваат, да помагаат  и вистински да љубат. Хуманоста е одлика на силните, на карактерните, на емотивните, на рационалните и само оние кои ја поседуваат и покажуваат може да се наречат луѓе во вистинска смисла на зборот и да го носат епитетот човек. Дали она што го прави секој од нас е вистинско, искрено, реално, умствено и емоционално чисто Хипокризија на хуманоста, овде и сега, вчера и денес, близу до мене, но и далеку некаде, во мојот двор, но и пошироко, кај блиските, кај соседите, но и кај непознаниците....Хипокризија на хуманоста во сите сфери, од сите професии, нации и генерации... Хипокризија на хуманоста во реалноста, во фиксацијата, во делата и неделата, во умот, во душата, во дејанијата, во околината, во животот. Како во еден маѓепсан круг се вртиме, даваме и земаме без да мислиме, нудиме и се нудиме без да дејствуваме, пристигнуваме и бегаме без да се свртиме и така во недоглед....Симболично и метафорично, но вистинито и реално. И тука се наметнува прашањето кое не тишти и длаби одвнатре:Дали она што го прави секој од нас е вистинско, искрено, реално, умствено и емоционално чисто, без умисла и размисла, дали помагаме заради себе и по себе или заради самиот чин и потреба, дали подаваме поддршка затоа што искрено сакаме и знаеме или затоа што некој не подучил, дали миговите на пласирана тага и сочувство се наши исполени мигови, кои биле во нас и се изнедриле искрено од нас или пак гледајќи ги другите сме се придружиле на толпата....Ах толку многу или и толку многу дали, ах толку многу мисли и размисли, а малку отворени, јасни, концизни и прецизни одговори..... Да печалиш на грбот на оној кој е обвиен во тага и изгубена надеж е повеќе од вулгарно Секој од нас, почнувајќи од себе си си ги поставува деновиве овие прашања и си ги наметнува дилемите до каде оди човечкиот ум и колку може хипокризијата да не навјаса и во мигови на човечки несреќи и елементарни незгоди...Може и те како да се злоупотребува една чиста и исконска човекова хуманост и тоа на најдрзок и највулгарен начин. Сведоци за тоа сме сите деновиве кога добиваме информации кои секојдневно осамнуваат, а се однесуваат на злоупотреба на хуманитарната помош и собирање на политички и индивидуални поени на плеќите на нечија тага и несреќа. Да препродаваш помош наменета на оние кои ги изгубиле своите домови и сето она што со години го создавале и за миг животот им се претворил во пекол и ја изгубил сета смисла е далеку од човечки. Да печалиш на грбот на оној кој е обвиен во тага и изгубена надеж е повеќе од вулгарно. Да оствариш профит преку хумани донации, за деца, за возрасни, за оние кои загубиле се, па дури и сопственото достоинство е навистина бескрупулозно. Исто како што е безобразно и самото сликање и појавување на сите медиуми покажувајќи колку помош си пратил и глумејќи тага и револт за сета мака на оној кој во неа се нашол. Ниту едното ниту другото не се во доменот на хуманоста, напротив, се квази вредности и дејанија кои се косат со хуманото, доброто, позитивното, посакуваното. Оној кој е искрено хуман дава без да го осознаат и дознаат, оној кој во својот животен дискурс ја има хуманоста како приоритет донира и не се перчи со тоа, напротив кроти, трае и тоа го прави искрено и од срце. Оној кој дава молчешкум дава од душа. Хуманоста не е одлика на ефтини луѓе, бескарактерни, полтрони и мегафони, таа е одлика на скромни, искрени, морално и вредносно изградени добродетели...И за верниците...Блажени се сиромашните и добрите бидејќи нивно е царството небесно... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка