Хрватска и Словенија без решение за граничниот спор
Објавено во: Балкан 25 Ноември, 2016
Хрватска и Словенија се уште имаат многу различни позиции во врска со пограничната политика, пренесува интернет изданието Total Croatia News.
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Давор Иво Штиер и неговиот колега од Словенија Карл Ерјавец денеска во словенечката престолнина Љубљана разговарале за односите меѓу двете држави и голем број други прашања, меѓу кои и проблемот со бегалците.
И двајцата рекле дека дека нема напредок во темата како да го решат граничниот проблем помеѓу страните. Словенечкиот министер објаснил дека границата сеуште „не е дефинирана“ и го повтори својот став дека пограничниот договор со Хрватска треба да биде постигнат со арбитража, кој треба да донесе до решение. За оградата која Словенија ја издигна на некои места долж границата со Хрватска и која доведе до протестна нота од страна на Загреб минатата недела, словенечкиот министер коментира дека овој проблем останува нерешен, но тој е убеден дека прашањето ќе биде решено во краток рок.Министрите на Хрватска и Словенија ја коментираа и Турција. Тие сметаат дека е неопходно да се одржуваат конструктивни односи меѓу Европската унија и Анкара. „Не е во интерес ниту на ЕУ, ниту на Хрватска или Словенија, прекинувањето на преговорите со Турција. На нас ни треба балансирана позиција спрема Анкара“, објасниле двајцата министри.