И грозјето тема на дискусија во Собранието: Четири денари субвенции за килограм
Објавено во: Економија 29 Август, 2020
Во собранието
денеска тема на дискусија беше и грозјето за кое мандатарот Зоран Заев најави четири
денари субвенции за килограм грозје. Во текот на минатата недела токму за ова
прашање имало состанок со винарските визби.
Тој објасни дека се разработуваат две идеи, односно едната е подготвеноста да се убедат визбите да ја зголемат до максимум откупната цена за грозјето која стартуваше од 4 до 5, односно 6 до 7 денари, во зависност дали станува збор за смедеревка или за вранец.
-Оваа година откупната цена на партнерски основ, ќе биде 11 со 9 денари, при што владата ќе интервенира со четири денари за да може да постигнеме 15 со 13 денари. Нема да застанеме тука туку 2,5 милиони евра од 5-те предвидени во буџетот ќе одат директно за двата денари субвенција, а останатите 2,5 милиони евра ќе одат за поддршка на транспортните трошоци за извоз на наливното вино и на флашираното вино, рече Заев, нагласувајќи дека ќе се субвенционираат трошоците за транспорт во износ од 30 отсто за флашираното вино и 20 отсто за наливното се со цел да се испразни вишокот количини.
Ова практично беше реплика на Љупчо Димовски, поранешниот министер за земјоделство, кој му порача на идниот министер предложен од редовите на Беса, Аријанит Хоџа, веднаш да се замине за Кавадарци и да го реши прашањето за откупот на грозјето.