25 Април, 2024
0.0272

И по Путин – Путин!

Објавено во: Колумни 06 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

По еднонеделно гласање Русите ги усвоија измените на Уставот.  Гласањето на референдум се спроведуваше од 25 јуни до 1 јули. Се гласаше за безмалку 200 измени во пакет. Нив ги одобрија 77,92 проценти од гласачите кои излегоа на референдумот. Што е над 57 милиони избирачи. Излезноста беше 67,97 проценти, односно 74 милиони луѓе. Измените стапија во сила на 3 јули со декрет на претседателот Владимир Путин.

Иницијатор за измени на уставот во јануари годинава беше Путин. Тој тогаш предложи да се зацврсти приоритетот на Уставот пред меѓународните договори, да се намали бројот на уставните судии, да се дадат нови овластувања на Државната дума и Советот на Федерацијата и други промени.  А по предлог на депутатот од Државната Дума, космонаутката, Валентина Терјешкова, во Уставот се вгради и промена која дозволува бришење на претседателските мандати на Владимир Путин, со што нему му се овозможува и покрај крајот на сегашниот мандат во 2024 година, да се кандидира за претседател во наредни два мандата. Доколку ги добие изборите тој би бил претседател се до 2036 година!  

Референдумот повеќе беше фарса отколку вистинско гласање. Зашто формално се беше решено пред неколку месеци. Државната Дума  со огромно мнозинство тогаш ги прифати промените. Исто и Советот на Федерацијата. Претседателот ги потпиша тие решенија. А Уставниот суд не се противеше. А како ќе се противи кога неговиот претседател Валериј Зоркин заговараше промени на уставот уште пред години. Како што пренесоа некои медиуми (ARD), „Целата процедура на гласање предизвикува прашања“, изјавил Виталиј Аверин од „Голос“, невладина организација која ги следи изборите. Според него, „Таа процедура била специјално измислена по тој повод. Во уставот таков вид гласање за сите измени одеднаш, воопшто не е предвидено. Можеше да се спроведе вистински референдум. Но тогаш би требало да се гласа по секоја точка од измените поодделно. Но, најверојатно не сакале“. Путин бараше народот да излезе на референдум и прифаќањето на измените го условуваше со резултатот од него.

Забелешките на критичарите на власта дека имало неправилности во гласањето беа игнорирани. Имаше новинари кои тврдеа дека гласале два пати. Имаше тврдења дека не се проверувале личните податоци на гласачите. Уфрлање на цели пачки гласачки ливчиња. Желбата на власта да направи се’ по свое доминираше над потребата од демократско гласање. И без користење на административните ресурси и пропагандата промените ќе беа усвоени. Но сигурно не со бројките од гласањето.

Големиот број измени тешко може да ја долови вистинската слика за нив. Во јавноста еден дел ги коментираше измените од социјалната сфера и подобрувањето на управувањето со државата , а друг дел бришењето на досегашните мандати на Путин, како знак дека тој сака да остане долго во власта. Со Уставот се гарантира квалитетна и ефикасна здравствена заштита, социјална помош, минимална плата во висина не помала од минималните трошоци на живот, а исто така и индексација на пензиите. Така на хартија се потврдува ставот дека Русија е социјална држава. Мошне важна е промената која на уставот му дава приоритет над меѓународните решенија и норми. На овој начин Русите велат дека во тој поглед се изедначуваат со практиката на некои западни држави. Донесена е промена со која никој не смее да отуѓи дел од државата. Се смета дека со ова може да се стави крст на враќањето на Крим во составот на Украина, а и враќањето на Курилските острови на Јапонија. Иако кај ова прашање може да се направи нешто со потпишување на мировниот договор меѓу Русија и Јапонија, кој не е потпишан и по 75 години од крајот на Втората светска војна. Претседателот, барем теоретски, отстапува некои свои овластувања на Думата и Советот на Федерацијата, но истовремено добива и поголема контрола врз други институции.

Измените во кои се зборува за границите и целосноста на земјата деновиве ги поддржа и Путин. Тој смета дека во Уставот мора да има норма  за неповредување на границите и „неможност за отуѓување на наши територии“. На тој начин, според него, „ќе се зацврсти нашата државност и ќе се создадат услови за постепен развој на нашата земја во наредни десетлетја“. Кога зборува за зајакнување на државноста Путин нагласува дека во советскиот Устав усвоен во 1922 година била вградена „мина со забавено дејство“. И тоа Русија сега треба да го избегне. Таквата мина било решението со кое на републиките им се дава право на отцепување и „монополот на комунистичката партија во власта“. Сегашните решенија сега никој отворено не го критикува, но измената со која на рускиот јазик му се дава статус „јазик на државотворниот народ на Русија“ може да биде мала мина со забавено дејство. Тоа се покажа и во некои дебати во предвечерието на референдумот. 

Ваквата мала мина засега е игнорирана. Но затоа главниот апологет на Путин, претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, продолжува во свој стил и околу промените на Уставот. За него бришењето на мандатите на Путин е оправдано, бидејќи тој е најсилен кандидат за претседател. Освен тоа Володин тврди дека бришењето на мандатите не е назначување на Путин ни продолжување на мандатот. Туку ќе има нови избори на кои партиите можат да предложат свои кандидати. „Ако мислиме на нашата земја треба објективно да кажеме: претседателот Путин ефикасно се справува со своите овластувања, поврзани со меѓународните односи, безбедноста, одбраната, тој е гарант на нашите права. И министрите кои се поврзани со него во владата се најпопуларни и најефикасни“, вели Володин.

Во некое од минатите изданија на фактор пишувавме за Волдин и неговото тврдење-фразата: „Го има Путин – ја има Русија, нема Путин –  нема Русија“ . Во едно интервју во деновите пред референдумот за порталот „Газета.ру“, новинарот го посочи толкувањето дека со промените во уставот се создава систем за „после Путин“. И праша дали Володин е согласен со тоа? „А после Путин ќе биде Путин“, одговори Володин. „Ако зборуваме за силна Русија, тогаш после Путин ќе биде Путин. Се што ќе се случува после претседателот Путин, ќе се случува според моделите, кои тој ги втемели. Русија може да биде само силна. Тоа го направи Путин. Тој втемели систем кој ја прави Русија посилна секоја година“, вели Володин. Според него врз таквиот темел ќе се потпира и следниот претседател. Во најмала рака тој ќе биде продолжувач на делото на Путин.

Сето ова ме враќа 40 години наназад кога во тогашна Југославија, по смртта на Јосип Броз, беше исфрлена паролата „И по Тито – Тито“. Не проживеа таа парола ни 10 години. Продолжувачите на делото на Тито ја растурија државата. Веројатно темелот врз кој се градела бил криво поставен. Или имало вградени во него мини со забавено дејство. Кои подоцна доведоа до експлозија и распад на системот и на државата со стотици илјади жртви. Така и Володин нека не зборува пред рака и нека не тврди дека путиновиот систем, во најмала рака, ќе ги надживее сите. Распаѓањето на Советскиот сојуз како да беше фарса и помина речиси бескрвно. Но распадот на Русија ќе биде трагедија  со несогледиви последици. Андреј Колесников од Карнеги фондацијата вели дека во „гласањето за измените-2020, програмиран е раскол на нацијата, демобилизација на „путиновото мнозинство 3.0“ и негово дробење на сума безнадежни малцинства“.

Владимир Путин денес не вели дека нема да се кандидира и на некои нови избори. Но дотогаш му остануваат уште цели четири години да ја води Русија. Промената со бришење на неговите мандати се чини повеќе е знак за некои амбициозни политичари или олигарси, а и луѓе од неговото опкружување, да не бараат негов наследник уште од сега.  Впрочем историјата на доаѓањето на Путин на власт е доволно поучна. Се’ се заврши за неполна година. Оттука прашање е дали тој по 2024 година ќе се кандидира за претседател. Апологетите уште сега велат дека без Путин нема Русија и навиваат тој да биде претседател се’ додека може. Како ќе се развиваат работите знае само Путин. Извесно е само тоа дека тој ќе биде на чело на Русија до 2024 година.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок