Добивај вести на Viber
Изминативе денови, по убиството на рускиот опозиционер Борис Њемцов, луѓето се изнаслушаа и се изначитаа еден куп работи поврзани со него. Кој бил, што бил, каков бил..? Како и верзии, кој го убил, зошто го убил..?
Да кажам и јас нешто. Со Борис Њемцов се запознав во руската Државна дума во 2000-те, како член-новинар во македонската собраниска делегација предводена од тогашниот претседател на Собранието Саво Климовски. Њемцов беше заменик претседател на Думата и лидер на Партијата СПС(Сојуз на правите сили). Средбата беше невообичаена. Најнапред влеговме во седиштето на пратеничката група на Комунистичката партија на Руската Федерација. Таму во приемниот кабинет не пречека секретар, маж на свои педесетина години. Сите луѓе што се вртеа низ думското седиште на КПРФ беа во поодмината возраст. По разговорите што ги имаше Климовски со претставникот на КПРФ, заминавме на средба со Њемцов.
Вратата на кабинетот на лидерот на СПС, Њемцов, ни ја отвори една млада убавица чиниш само што се симнала од некоја модна писта. Насекаде минуваа млади и убави луѓе и претежно од женски пол. Само што седнавме во удобните фотељи, во приемната соба влезе Борис Њемцов, насмеан, висок и грлат. Во полчасовната средба слушавме за неговите планови да помогне Русија да стане просперитетна земја. Почитувана и од својот народ и од надвор. И сакаше да чуе што може да и помогне на Македонија.
Додека работев во Москва, од 1993 до 1999 година, во годините на владеење на Борис Елцин, Борис Њемцов најнапоред беше губернатор, и тоа многу популарен, на Нижњоновгородската област, а потоа лично ќерката на Борис Елџцин, Татјана Диченко, замина во Њижни Новгород да му ја донесе писмената покана од Елцин да замине во Москва и да работи во владата. Њемцов не го сакаше многу московскиот воздух преполн со извештаченост и интриги и повеќе го привлекуваше родниот град. Но кога те моли претседателот да му помогнеш, а тој тогаш беше тешко болен по прележаниот инфаркт, тогаш тоа не се одбива. И така Њемцов замина во престолнината.
Идеалистот, умниот, убавиот, младиот, надарениот и пред се непоткупливиот провинциски политичар веднаш го освои главниот град со својот шарм. Олигархот Борис Березовски, според Њемцов, сакал да претстави дека тој бил оној кој го довел во Москва, а не претседателот Елцин. Исто како што викаше подоцна дека тој го внел Владимир Путин во големата политика. Њемцов предано се посвети на својата работа додека беше министер во владата и нејзин потпретседател и полека ги учеше сите игри на политичарите и олигарсите. Тогаш сметаа дека ќе биде наследник на Борис Елцин и за тоа наголемо се говореше. А олигарсите му се додворуваа. Се чини, тоа е моја претпоставка, дека пречката на тој пат му ја поставија токму олигарсите. Њемцов не беше нивна крвна група. Потоа замина во Думата и од 2003 исчезна во бизнисот, бидеј
ќи неговата партија не успе да го надмине изборниот праг за влез во Думата. Тоа беше крај на реформаторското крило во Русија. Егор Гајдар веќе беше мртов, Анатолиј Чубаис го ставија директор на електростопанството на Русија, Сергеј Кириенко, во „Росатом“.
За волја на вистината огромното мнозинство од рускиот народ не ги сакаше реформаторите. Тие ги сметаа нив за зло. Зло кое им ги уништи сите илузии за спокоен живот каков што го имале во Советскиот Сојуз, зло, кое им ги обезвредни заштедите, зло кое ги донесе Американците и ја направи Русија зависна од нив. Обичниот народ беше против реформаторите. Тие беа поддржувани од бавнорастечката средна класа, која за жал во тие години се уште не беше доволно моќна да вилјае врз политиката. Тогаш имаше богати олигарси и богати корупирани чиновници и милиони, милиони осиромашени луѓе. Реформаторите во тогашна Русија не беа луѓе за своето време, туку за некое ново, кое веројатно ќе дојде по два триесет години. А во меѓувреме во Русија се воспостави авторитарен режим, чиј крај не е на повидок.
Знаејќи го ова Борис Њемцов одново се вклучи во политиката, но овој пат како опозиционер. Во Русија да си опозиционер, особено вонпарламентарен, е исто како да си болен од чума. Чим некој крене глава, веднаш го удираат по неа. Било со закани, било со закони, било со затвори, а некои беа убиени. Во Русија да си политичар е опасно занимање. Особено опозиционер. И особено ако си отворен противник на претседателот.
Општеството е така настроено, како што се штима клавир, и секоја клавиша или жица мора да го даде точниот тон. Клавирштимер е власта потпомогната од медиумите. Тотална пропаганда, Оние медиуми кои се однесуваат професионално, се подвргнуваат под притисоци. Некои кубурат, некои се затвараат самите. Главните медиуми се под котрола на власта и ја шират нејзината вистина. А таа е дека опозиционерите се предавници, дека критичарите на војната во Украина се продадени души... И кога тоа се повторува секој ден, кога политиката нема намера да ја смени песмата, тогаш јасно како ден е дека нејзината песна ќе биде пеена од многумина кои се замислуваат како заштитници или бранители на големата Русија од американските- странските слуги и слично. И нормално е да има закани за убиства и убиства.
Борис Њемцов е жртва на политиката. На системот што се гради со години. Не е битно кој и зошто го убил. Не е битно дали беше популарен последниве години или со големо влијание. Битно е дека беше опозиција на власта и на Путин, човек кој јавно рече дека се плаши дека ќе биде убиен од Путин за своите дејства. А убиец може да биде било кој, само не некој љубоморен пријател на неговата украинска девојка. Може да биде власта, може руски националист, може украински националист, може американски или некои други странски служби.Њемцов секако е жртва на политиката. Впрочем тоа завчера го кажа и претседателот Владимир Путин. -Правозашитните органи на Русија треба да посветат сосредоточено внимание во откривањето на злосторствата со политичка позадина – такви како што е убиството на Борис Њемцов, рече Путин на состанокот на проширениот колегиум на Министерството за внатрешни работи во средата. А, ако така вели Путин тогаш сигурно е дека Њемцов е жртва на политиката.
Секоја сличност со Македонија е разбирлива сама по себе.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: