16 Мај, 2024
0.0345

И пред Рамазан како пред Божиќ: Шопинг треска во Лондон!

Објавено во: Стил 27 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Ултра-богати купувачи од Блискиот Исток го преплавија Лондон деновиве, во пресрет на Рамазан. Преполни се луксузните шопинг центри како Хародс и продавниците за дијаманти во Мејфер.

Веќе стана традиција, секоја година, во пресрет на муслиманскиот свет месец, кој започнува овој викенд, бран на исклучително богати купувачи од Блискиот Исток да се слее во британскиот главен град и на сосема ново ниво го издигнува шопингот во лондонските продавници - со комплетна придружба на бодигарди, шофери, ролс-ројс и ферари автомобили регистрирани во некоја од заливските земји и донесени во Лондон специјално за оваа прилика.

По примерот на Божиќната треска, што се чувствува секој декември, продавачите и на овој тренд му дадоа име - Рамазанска треска. Тоа е всушност трендот во кој богатите Арапи патуваат во Велика Британија за да избегаат од врелата пустина и да си ги задоволат апетитите за луксузни подароци пред да се вратат дома за месец на пости и религиозни придржувања. Уште еден бран доаѓа на крајот на Рамазан, за време на Рамазан Бајрам.

Напливот на купувачи е толку голем и забележителен во Лондон, што жителите на Велика Британија, овој феномен на шега го нарекуваат „Аџилак во Хародс“, според традиционалниот муслимански аџилак во светиот град Мека.

„Лондон е местото во Европа каде што блискоисточните гости купуваат најмногу. Тоа е како нивен втор дом“, вели Гордон Кларк, менаџер за Велика Британија во Глобал Блу, швајцарска компанија за истражување на пазарот. Според нивните проценки, продажбата пред Рамазан минатата година се зголемила за 60%, во споредба со минатат година.

Иако туристите од богатите со нафта Обединети Арапски Емирати, Кувајт, Саудиска Арабија и Катар сочинуваат само мал процент од вкупниот број на туристи што ја посетуваат Велика Британија, во споредба со оние од САД или Европа, сепак тиа важат за многу поголеми потрошувачи. Според официјалните податоци, лани туристите од Блискиот исток биле 19-ти по бројки, но на високото второ место по потрошени пари - потрошиле околу 1,5 милијарди американски долари.

Убедливо најголеми потрошувачи се жителите на Кувајт, кои лани во Лондон трошеле околу 2.275 американски долари (1.340 британски фунти) на секоја трансакција.

Овие податоци ги потврдува и Лондонскиот Луксузен Кварт, групација која ги поврзува најлуксузните брендови и бизниси во централен Лондон. Според нивните податоци, потрошувачите од Блискиот Исток лани биле на второ место кај нив, веднаш зад оние од Кина.

Големите нафтени богаташи во Лондон најчесто купуваат ексклузивни дизајнерски торби и ташни, чевли, часовници и накит. Нивната залуденост по шпингот знаат да ја искористат и продавачите, кои токму во пресрет на Рамазан подготвуваат специјални понуди и ВИП услуги за овие гости, па дури и посебно ангажираат помошници и лични шофери кои зборуваат арапски.