06 Мај, 2024
0.0237

И треба ли на Русија нова перестројка?

Објавено во: Колумни 30 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Кон крајот на април пред 30 години тогашниот генерален секретар на КПСС, Михаил Горбачов, на пленум на нејзиниот Централен комитет објави програма за широки реформи под мотото „Забрзување на социјално –економскиот развој на земјата“. Во средината на мај истата година, за време на посетата на Ленинград на средба со партискиот актив на градот тој за прв пат го употреби зборот „перестројка“. „Очигледно, другари, сите ние треба да се престроиме. Сите“. Овие зборови на Генсекот до денес одѕвонуваат во нечии глави, но односот кон „перестројката, до ден денес не е еднозначен. Мнозинството граѓани не сакаат многу да се сеќаваат на него. Но има и такви за кои „перестројката“ беше кислород пуштен во општеството за полесно дишење. И навистина, уште кога работев во Русија, во почетокот на 90-тите години од минатиот век, таа како да беше проколната во во државата. Повеќето граѓани ја сметаа за зло за сите зла. Пред нивните очи, тие  години, се распаѓаше Советскиот сојуз, Русија дури два пати беше на работ на државен удар, граѓанска војна во Чеченија, а да не зборуваме за војните и немирите во постсоветските држави. Стандардот на населението паѓаше. Парите заштедени за купување автомобил, толку беа обезвереднети што не стигаа дури ни за купување на ковчег за погреб. За сето ова го обвинуваа Михаил Горбачов и неговата „перестројка“. Потврда на овој факт беа и резултатите на претседателските избори на кои учествуваше и тој во тие години, на кои добиваше само околу еден процент од гласовите на избирачите. А во средината на осумдесеттите сигурно тие беа одушевени од неговите потези за демократизација во државата. „ Системот тогаш требаше да се престројува, но идеите за демократизација и за приватна сопственост не беа донесени до умот“, изјави неодамна Александар Руцкој потпретседател на Русија од 1991 до 1993 година. Човек и до чиј ум, веројатно, не дојдоа идеите за перестројката, па беше еден од главните учесници во обидот за расчистување на сметките меѓу Врховниот совет и претседателот Борис Елцин, а кој заврши со тенковски гранати врз забарикадираните противници на Елцин во зданието на Врховниот совет или парламентот, а каде што денес е сместена руската влада. Неодамна во Русија беше спроведена анкета, токму по повод 30 години од перестројката. Главни последици денес, од реформите во тоа време, за граѓаните се неизвесноста за иднината, хаосот, кризата во меѓунационалните односи и продлабочувањето на економската криза. Дури 56 проценти од испитаниците и ден денес сметаат дека перестројката „била потребна, но се спроведувала толку неумно и со незнаење, што довело до поголема штета, отколку полза“. Ова го потврдува фактот дека кога станува збор за идеја за реформи, за менување на нештата кон подобро, таа секогаш е прифатлива. Но, ако се гледа според ставот за последиците од него, тогаш резултатот е обратен. Значи прашањето е како да се менуваат нештата, а да не се добие нешто полошо од што било? Применето на нашите сегашни состојби, на пример, како да постапат застапниците за промени, а да не се случи да се добие состојба, која е полоша од денешната. Многумина ќе речат дека од ова што го имаме денес не може полошо. Но, очигледно минатото подучува. И Руцкој е во право. Идеите за промени, за демократија, треба да бидат донесени до умот на сите граѓани. Па дури и до умот на оние од кампот на „бранители на демократијата“ спроти Собранието и нивните истомисленици ширум државата. 30-те години од перестројката во Русија, не беа повод и тамошната власт да се позанимава со неа и да каже дека тогаш е ставен темелот на промените во Русија, какви да се резултатите од нив. Но, човек кој што жали за распадот на Советскиот Сојуз, како што е претседателот Владимир Путин, сигурно нема на ум да одбележи некоја таква дата. И тој е дел од оние незадоволните од перестројката.Но, не обичен дел. Некои во Русија велат дека власта нема да ги спомене реформите и перестројката, бидејќи спроведува конзервативен курс. И дека за неа е поважна 70 годишнината од победата во Втората светска војна и 15 години од изборот на Путин за претседател. Но не мислат сите така. Комитетот за граѓански иницијативи на Алексеј Кудрин и „Горбачов-фонд“ по повод јубилејот подготвија извештај „1985-2015: Вредностите на перестројката во контекстот на современа Русија“. Тие тврдат дека е потребна нова етапа за длабоки демократски реформи, која ќе биде стимулирана од неефикасноста на сегашниот политички модел,економското заостанување и опасната надворешно-политичка спротивставеност. Алексеј Кудрин е еден од најверните соборци на Путин уште од Санкт Петербург. Двајцата дури ги споменуваат за некакви криминални дела, кои официјално не се докажани. Како и да е, кога Путин стана претседател во мај 2000 година, Кудрин стана министер за финансии. И се до пред крајот на 2011 година беше на таа позиција, но мораше да замине по јавната критика што ја искажа кон политиката на тогашниот претседател Димитриј Медведев. Но, веројатно, таа повеќе го засегна, тогашниот премиер Путин. Стануваше збор за носење државна програма за вооружување до 2020 година,  на што тој се спротивставуваше, дури и јавно, пред се поради буџетските ризици од неа и од социјалната политика. Авторите на извештајот велат дека дефицитот на „ново мислење“ создава нови политички и економски ризици и затоа во сферата на меѓународните односи наследството од перестројката има потреба од ново осмислување и обновување. И додека благодарение на перестројката падна „железната завеса“, многу држави од Централна и Источна Европа, како и постсоветски, успеаја да ги вградат во своите општества демократските вредности, во Русија тоа не успеа. Да, таа е држава со повеќепартиски систем, со своевидна пазарна економија, но демократијата е дискредитирана. Па така моделот на развој остана да се темели врз суровините, создадена е вертикала на власт со силна централизација врз државните ресурси и овластувањата за управување. Најзначајните медиуми се под државна контрола и се претворени во инструмент на официјалната пропаганда.   Она што го знаат сите е повторено и во извештајот. Управувачкиот слој во државата се откажал од реформи на државата, од создавање на силни и стабилни институции, кои ќе работат во услови на владеење на правото. „Откажувањето од реформите, почнато уште при Путин, не го брише прашањето за тоа, зошто урбанизираното и образованото постсоветско општество така лесно се согласи со негативната оценка на перестројката, нејзините вредности и достигнувања“, велат авторите на извештајот. Ова прашање е актуелно и кај нас. Зошто најголемите бизнисмени и голем дел од интелектуалците, професори на факултети, академици, се согласија со политиката на власта во изминатите девет години. Па сега полека се будат или се обидуваат да излезат од маѓепсанот круг што сами си го создадоа. Круг во кој влегоа и станаа соучесници, а потоа и зависници од хировите на власта или поточно, нејзиниот врв.  Почнувајќи од оние кои служат на владејачката партија по разни градски  и општински совети, па директорите на големи компании и банки,  Па МАНУ, па ректорите и универзитетски професори. А да не зборуваме за медиумите. И по толку години и кај нас се актуелни прашањата кои своевремено ги постави перестројката. Неефикасниот политички модел, собранието и администрацијата, економското и технолошкото заостанување, а актуелни се и идеите за слободни избори, за вистинска децентрализација, за правна држава, социјална демократија и други работи. Обидите за нова перестројка во Русија секако ќе наидат на отпор кај владејачките структури и секако нема да допрат до умовите на целото население. Но, важно е дека и во ова време во државата има луѓе кои сакаат да ја променат. И кои не се плашат тоа јавно да го сооопштат. Има и такви кои што тврдат дека Русија е веќе демократска држава и не може да се преуредува според оние замисли како што беа предвидени со перестројката. Дотолку повеќе што Русија оди по патот на создавање на силна држава со авторитарен карактер на управување, и за тоа се потребни државни институции, кои не одговараат на ултралиберални погледи. А и во државата нема барања за ултрадемократска преобразба, велат тие. Се на се, можеби Кудрин ќе биде замолчен, но тој не се откажува од намерите за промени во државата. Можеби од неговиот институт ќе се испилат нови луѓе  кои што ќе ја шират идејата за нова Русија. За реализација на неговите идеи се потребни генерации кудриновци. И да се делува врз умот на населението, кое во својот ген го носи наследството од деспотиите. Од царевите, преку Сталин, па до ден денес. За среќа кај нас крајот на деспотот е се повеќе видлив. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина