ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД ФУНКЦИЈА НА ФУНКЦИЈА - по 16 години како Народен правобранител, ќе биде член на Советот за јавни обвинители
Објавено во: Македонија 16 Декември, 2020
Народниот правобранител во заминување, Иџет Мемети, кој 16 години раководеше со оваа престижна државна институција, нема да чека воопшто за да си најде нова, можеби уште поубава, и секако, добро платена работа. Тој ќе биде еден од членовите на Советот за јавни обвинители, тело што го следи работењето на сите обвинители во државата.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието му предлага нови два члена на Советот за јавни обвинители да бидат Иџет Мемети и Љупчо Ивановски.
За Иџет Мемети се наведува дека е дипломиран правник, со положен правосуден испит, од Тетово, како и Народен правобранител. Додека, пак, за Љупчо Ивановски се наведува дека е исто дипломиран правник, со положен правосуден испит и адвокат од Скопје.
Во образложението од комисијата стои дека на Огласот за избор на два члена на Советот на јавните обвинители, што ги избира Собранието, пријави доставиле осум кандидати. „Предложените Мемети и Ивановски да бидат избрани за членови на Советот, Комисијата ги утврди со мнозинство гласови“, се вели во образложението на Комисијата.
Потоа во документот Комисијата детално ги наведува биографиите на Мемети и на Ивановски.
Инаку, Советот на Јавни обвинители е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Тој со својата работа оневозможува какво било влијание во јавното обвинителство спротивно на закон. Советот има својство на правно лице, а седиштето на Советот е во Скопје.
Советот е составен од 11 члена, од кои по функција член на Советот е јавниот обвинител на државата, еден член на Советот избираат јавните обвинители во Јавното обвинителство од своите редови; по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства Битола, Гостивар, Скопје и Штип, од своите редови; еден член на Советот, припадник на заедница која не е мнозинство го избираат сите јавни обвинители во земјава од своите редови и четворица членови на Советот ги избира Собранието од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во земјава.
Мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор. Работите од својата надлежност Советот ги разгледува и за нив одлучува на седница, а за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието. Извештајот содржи податоци за бројот на избраните и разрешените јавни обвинители, бројот на поведени и завршени дисциплински постапки, кадровските состојби во јавното обвинителство, материјално-финансиската состојба во јавното обвинителство, податоци за постапување по претставки и предлози од граѓаните и правни лица и други податоци од делокругот на работата на Советот.
Претседател на Советот во моментов е Ацо Колевски. Заменик претседтел на Советот на јавни обвинители е Арбер Исаку, потоа членови се главниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески, Коле Штерјов, Фиданка Рајевска, Јасна Жежова, Ангел Солев, Фаик Арслани и Антонио Јолевски. Така е наведено на веб страницата на Советот на јавни обвинители.
Министерот за правда Бојн Маричиќ вчера рече дека Советот за реформи во правосудството ќе ја усвои методологијата со која ќе се филтрираат судството и обвинителството, со што Судскиот совет и Советот на јавни обивнители, како одговорни тела ќе направат прочистување во своите редови.
Инаку, за Иџет Мемети, Фактор неодамна пишуваше дека по 16 години поминати како прв човек на Институцијата што треба да ги штити правата на граѓаните од државните органи, тој ќе мора да ја напушти раководната палка, откако таму „истера“ два мандати од по осум години и веќе нема право на реизбор.
За тоа како Мемети ја водеше институцијата, од 2004 година па се досега, во текот на неговите два мандати, ќе оцени јавноста. Но, еден момент, сепак, остави негативен впечаток за неговата кариера. Имено, неговиот реизбор се случи токму на црниот понеделник, 24 декември 2012 година, кога тогаш опозициската СДСМ беше буквално исфрлена од полицијата од расправата за буџетот, бидејќи се противеше на најавените задолжувања. На Мемети му се забележува што тогаш не реагираше за овој напад врз демократијата, и што не застана во одбрана на новинарите кои беа дојдени да ја следат собраниската расправа, и кои исто така, на најгруб начин, беа избркани од собраниската галерија.
Тогаш Мемети, кој до пензионирање има уште пет години, не сакаше да открие каде ќе ја продолжи својата кариера.
Дилемата за тоа, кој ќе седне на неговото место се уште не е расчистена, но се смета дека најголеми шанси има Насер Зибери, нотар и кандидат за премиер на ДУИ, со кого тие настапија на последните парламентарни избори.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.