Собранието бира наследник на Мемети кој заминува по 16 години – ќе стане ли Насер Зибери нов омбудсман?
Објавено во: Македонија 25 Ноември, 2020
По 16 години поминати како прв човек на Институцијата што треба да ги штити правата на граѓаните од државните органи, Иџет Мемети ќе мора да ја напушти раководната палка. Тој таму “истера“ два мандати од по осум години и веќе нема право на реизбор.
За тоа како Мемети ја водеше институцијата, од 2004 година па се досега, во текот на неговите два мандати, ќе оцени јавноста. Но, еден момент, сепак, остави негативен впечаток за неговата кариера. Имено, неговиот реизбор се случи токму на црниот понеделник, 24 декември 2012 година, кога тогаш опозициската СДСМ беше буквално исфрлена од полицијата од расправата за буџетот, бидејќи се противеше на најавените задолжувања. На Мемети му се забележува што тогаш не реагираше за овој напад врз демократијата, и што не застана во одбана на новинарите кои беа дојдени да ја следат собраниската расправа, и кои исто така, на најгруб начин, беа избркани од собраниската галерија.
Собранието, пак, набргу ќе распише оглас за избор на нов Народен правобранител. Одлуката за тоа веќе е во собраниска процедура.
Како што од Собранието навеле во неа, за народен правобранител може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови за засновање работен однос, државјанин на земјава, дипломиран правник кој има работно искуство над девет години на правни работи, и чија активност е докажана во областа на заштитата на правата на граѓанинот, и ужива углед за вршење на функцијта народен правобранител.
Пријавата, личната биографија и документите со кои кандидатите ќе го докажат исполнувањето на условите, во оригинал или заверена копија на нотар, тие треба да ги поднесат до Собранието во рок од 15 дена од денот на објавувањето на оваа одлука во Службен весник.
А како што е познато, народниот правобранител се бира со бадентерово мнозинство.
„Согласно Законот за народниот правобранител, Собранието по предлог на надлежната комисија го избира и разрешува Народниот правобранител со мнозинство од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство во Република Македонија“, се вели во образложението за носење на оваа одлука.
Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор.
Најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на Народниот правобранител, Собранието распишува оглас, а по неговото спроведување, надлежната комисија утврдува предлог и го доставува до Собранието. Оттаму наведуваат дека вториот избор на Мемети се случи на седницата на 24 декември 2012 година, па затоа сега веќе треба да ја почне постапката за избор на нов омбудсман.
Фактор вчера стапи во контакт со Народниот правобранител Иџет Мемети, кој 16 години беше на чело на оваа институција. Го прашавме каква оценка дава самиот за начинот на кој менаџираше со неа во целиот изминат период и дали смета дека соодветно одговори во заштита на правата на граѓаните од државните органи.
Тој вели дека станува збор за долги години работа, за која не би можело телефонски да се опише - како таа институција почнала со работа, како растела и се развивала, но и какви подеми и падови имала во текот на своето постоење. Вели дека сето тоа, сите сеќавања, биле опишани во моногафијата „20 години Народен правобранител“.
На прашањето на Фактор како коментира што неговиот реизбор, односно гласањето за вториот мандат се случи на кобниот 24 декември 2012 година, кога тогаш опозициската СДСМ беше исфрлена од Собранието, Мемети вели дека многу жали што опозицијата тогаш не беше во парламентот, но факт е дека бил избран од легитимно Собрание.
„Кој како сака тоа нека го толкува, но факт е дека за избор на омбудсманот во Собранието треба да гласаат 61 пратеник, плус мнозинство од другите пратеници. Затоа, на сите овие што така зборуваат би им препорачал да ја прочитаат книгата. Јас не верувам дека има човек во светот, кој толку може да напише за себе дека – јас имам легитимитет, затоа што сум избран од легитимно Собрание, но сепак, многу жалам за фактот што тогашната опозиција не беше таму. Сепак, и тие да беа во Собранието, сигурно ќе гласаа за мене. На претходно одржаната Комисија за избори и именувања, за предлогот јас да бидам избран за омбудсман гласаа и СДСМ, и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, тогаш опозициската партија СДСМ претходно одржа пресконференција, на која кажаа дека ќе ми дадат поддршка за изборот“, вели Мемети за Фактор.
До пензионирање има уште пет години. Засега Мемети не открива каде ќе ја продолжи својата кариера.
Кој ќе седне на неговото место, со оглед што станува збор за престижна функција, но и многу значајна за секоја демократска држава?
Пред неколку месеци дел од медиумите објавија дека тоа би можел да биде Насер Зибери, нотар и кандидат за премиер на ДУИ, со кого тие настапија на последниве парламентарни избори. Зибери не стана премиер, бидејќи така беше договорено во партиските преговори за формирањето на новата Влада. Но, уште тогаш лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека за Зибери би можела да се одреди друга значајна државна функција.
Конкретно, лидерот на ДУИ, Али Ахмети на прес конференција по состанокот на партискиот совет на 19 август, на прашањето што ќе биде со Насер Зибери, изјави: „Вие сите знаете дека г. Зибери е нотар и ја продолжува својата дејност како нотар, до моментот кога ќе се договориме за одредена важна одговорност која се однесува на неговата професија.“, рече Ахмети.
Но, на ваков договор проблем би можела да прави албанската опозиција, бидејќи тие сметаат дека местото на омбудсманот треба нив да им припадне. Односно, веднаш по објавата дека на ова столче би можел да седне Насер Зибери, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изјави дека Зибери не може да биде назначен за Народен правобранител, бидејќи таа позиција е наменета за опозицијата. Останува да видиме кој ќе се пријави на огласот, и дали Села и натаму ќе остане на своето инсистирање.
Сепак, добро упатени извори велат дека шансите на Зибери за ова мсто засега се најголеми.
За прв пат во Македонија, Народен правобранител беше избран во 1997 година, и на таа позиција беше Бранко Наумовски.
Инаку, согласно законот, Народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги промовира и штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управа, од органите на единиците на локалната самоуправа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби, како и врши и други работи утврдени со друг закон.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.