26 Април, 2024
0.0268

Игра на нерви или подготвки за нова светска војна

Објавено во: Колумни 26 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Минатата недела на ова место пишувавме за новата американска политика во Централна и Источна Европа. Во една реченица тоа би се свело на спречување на влијанието на Русија и Кина во тие делови на Еропа, што може да се протолкува како отворање фронт против нив. Оваа недела, пак, осознавме дека на светот му се надвиснати нови опасности. Ако минатата недела главен актер беше Вес Мичел, помошникот на американскиот државен секретар, неделава тоа беше советникот за безбедност на амриканскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон.

Болтон беше во посета на Москва. Малку невообичаено, но тој освен од својот колега, рускиот секретар на Советот за безбедност Николај Патрушев, беше примен и од министрите за одбрана и за надворешни работи Сергеј Шојгу и  Сергеј Лавров, а круна беше средбата со претседателот Владимир Путин. Еден американски советник за безбедност да биде примен од претседателот Путин! И тоа на средба која траеше час и половина. А како резултат на сите разговори да се договори само средба на американскиот и рускиот претседател на 11 ноември во Париз.

Главна тема требаше да биде американското излегување од Договорот за ракетното оружје од краток и среден дострел. Тоа беше најавено од страна на Доналд Трамп кој го испрати Болтон во Москва со изјавата дека Русија го нарушува тој договор и тоа со години. Трамп се чуди зошто неговиот претходник, Барак Обама, не водел преговори или не излегол од договорот. „Ние нема да им дозволиме да ја нарушуваат нуклеарната зделка и да создаваат оружје кое не е дозволено да се прави. Ние навистина се придржувавме до тој договор, го почитувавме, а Русија, за жал, не го почитуваше. Затоа ние сме подготвени да го раскинеме тој договор“, рече Трамп. Тој исто така во некои изјави на таа тема велеше дека ако Русија го ликвидира сето свое оружје произведено со нарушување на тој договор, и ако Кина би го направила истото, тогаш ситуацијата би била поинаква. „Но, мислам дека веројатноста за такво нешто е нула“, изјави Трамп.

И навистина на средбите на Болтон во Москва се разговараше и за Украина и за Сирија, имало обид да се прозбори за Кина и Кавказот, а најважен бил  дијалогот за договорот за ракетното оружје. Некои експерти сметаат дека проблемот со Договорот за ракетите за Американците не е во руското оружје, односно во ракетите кои наводно веќе се произведени. Туку во тоа што тој договор не се однесува на други држави кои имаа разработено и произведено ракети од среден и краток дострел, а пред се Кина. Со тоа Американците веќе имаат противник кои не е обврзан со договорот, а има стратешко значење на Далечниот исток.

Договорот за ракети од среден и краток дострел е потпишан во 1987 година меѓу СССР И САД. СО него се предвидуваат обврски да не се произведуваат, да не се испитуваат и да не се поставуваат балистички и крилати ракети на копно со среден дострел (1000-5500 километри) и краток дострел (500-1000 километри). Како резултат на ова и на двете страни беа ликвидирани илјадници ракети. Инаку во моментов со балистички ракети од среден и краток дострел со нуклеарно полнење и копнено базирање официјално располагаат Кина, Пакистан, Индија, Израел и Северна Кореја. Уште неколку земји имаат ракети од оваа класа, но се со обично полнење.

Епилогот од разговорите на Болтон е дека двете страни имаат сосема спротивни гледања на работите. Американците ги обвинуваат Русите дека го нарушуваат договорот, додека овие ги обвинуваат Американците. Многумина очекуваа дека Болтон, со оглед на тоа дека ќе биде примен од Путин, на рускиот претседател ќе му врачи официјално писмо од Трамп во кое овој го известува својот колега за излегување од договорот за ракетите со краток и среден дострел. Но тоа не се случи.  Болтон веројатно незадоволен од резултатите од средбите и од начинот на кои тие се пренесуваа во руската јавност, вечерта, по нивното задржување  изненадувачки закажа прес конференција. И тоа во зданието на агенцијата Интерфакс. Што соопшти? „Дајте најнапред да ја видиме реалната ситуација. Договорот се нарушуваше, договорот е застарен и договорот апсолутно не ги опфаќа сите страни“, изјави Болтон.

 За волја на вистината тој одамна е приврзаник за проширување на опфатот на држави со договорот. Новинарите најдоа еден негов текст од 2011 година како коавтор, во кој авторите сметаат дека Договорот ги ограничува способностите на Москва и Вашингтон да го зацврстат својот потенцијал во време кога заканата во врска со зголемување на вооружувањето се поочигледно доаѓа од други играчи, посебно од Иран и Кина. Оттука „Политиката во поглед на Договорот треба да биде: раширете го или уништете го“, пишувале авторите.

Според Болтон, Договорот ја нема предвид новата стратешка реалност. Па затоа се неопходни нови потреби и барања, кои сега не се дел од текстот на постојниот договор. Тој вели дека и Русија и САД се загрижени од новите состојби на стратешката ситуација. Но и покрај тоа позициите на Русија и Америка во исполнување на обврските се многу различни.„Можам да кажам дека позицијата на САД е дека Русија ги нарушува одредбите од договорот. Русија тоа го негира и се придржува до мислење дека САД ги нарушуваат одредбите од Договорот. На кој начин ние можеме да ги убедиме нив во она со кое не се согласуваат?“, истакна Болтон. И нормално епилогот од сето ова е дека двете страни остануваат на своето. Дали нешто би се променило на средбата на Путин и Трамп во Париз?

Русија ќе одговори симетрично, ако САД го напуштат Договорот за ликвидација на ракети од среден и краток дострел и постават ракети во Европа, изјави Путин во текот на заедничката прес конференција во средата со италијанскиот премиер Ѓузепе Конте. Европските земји кои ќе се согласат на разместување на ракети ќе ја стават својата територија под закана од можен  возвратен удар, рече Путин. „Не разбирам, воопшто, треба ли да се доведе Европа во состојба на така голем степан на опасност. Не гледам никакви причини за тоа, но, ќе повторам, тоа не е наш избор, ние не се стремиме кон тоа. Одговарајќи директно на прашањето, можеме ли да одговориме – можеме и тоа ќе биде многу брзо и ефикасно“, рече Путин. И додаде: „Ние сме подготвени да работиме со нашите американски партнери, без каква било хистерија. Важно е што ќе следи после тоа, какви ќе бидат решенијата. Се надевам дека за сите тие прашања ќе можам да поразговарам со претседателот на САД на 11 ноември во Париз“.

Токму како што забележа Путин Европа ќе биде прва на удар во евентуалното руско -американско спротивставување. Американците своите ракети од мал и среден дострел ќе треба да ги донесат  на нејзина територија. На територија на земјите членки на НАТО. Таму веќе има некои системи за против ракетна одбрана кои, според Русите, брзо можат да се користат и како лансери за крилати ракети, Томахавк на пример од системите за против ракетна одбрана во Полска и Романија. Оттука и реакциите на Русите и предупредувањето дека токму европските држави ќе бидат нивна легитимна цел. Италијанскиот премиер Конте во Москва изјави дека ним не им е безразлично дали тој договор ќе се укине или не.

Впрочем, вчера во Брисел се сретнаа амбасадорите на земјите членки на НАТО при што беше разгледуван Договорот за ракетите од среден и краток дострел. Сигурно разговорот не бил лесен. Амбасадорите се договориле да ги продолжат консултациите. И очите на амбасадорите ќе бидат свртени кон Париз. Освен Велика Британија отворена поддршка на намерите на САД да го напуштат Договорот не даде ниту една земја. Дури имаше и повици тоа да не се прави. За Американците поставувањето ракети, кои би биле закана за Русија и Кина не носи дополнителни ризици во случај на симетричен одговор. Но затоа Европа ќе биде постојано под закана. И се разбира Австралија, Јужна Кореја и Јапонија.

Место за оптимизам во сегашната ситуација нема многу. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека во Белата куќа се’ уште официјално не го објавиле напуштањето на Договорот, туку ги искажале намерите. Но, според преговорите во Москва станало јасно дека Вашингтон веќе донел решение. Сега треба да биде формализирано. „Очигледно, многу скоро или за месец, месец и половина“, изјави Лавров за една руска телевизија.  Во меѓувреме Русија прави обид Генералното собрание на ОН да донесе резолуција со која се повикуваат Русија и САД да ги продолжат консултациите за исполнување на обврските од Договорот, а исто така и „да го обноват конструктивниот дијалог за стратешките прашања, заснован на отвореност, заемно почитување и можностите за соработка“.

Но истовремено Путин зборува за „надежна заштита на Родината од какви било потенцијални закани“. Затоа и во иднина ќе се модернизираат армијата и флотата. Акцентот ќе биде ставен врз разработката и испораката во војската перспективни видови на оружје и техника. „Многу од нив веќе наскоро ќе бидат готови кон сериско производство. Според своите тактичко -технички карактеристики тие значително ќе ги надминат странските оружја, а некои едноставно немаат аналог“, рече Путин вчера пред ново назначените виши офицери. Тој ја спомна Сирија и искуството од воените операции таму, а исто така и водењето сметка за карактерот на потенцијалните закани.

Каде е Кина во сето ова? Нивното министерство за надворешни работи енергични ги отфрла изјавите на Трамп. Таму со право сметаат дека Договорот е работа на САД и на Русија. И тие треба да ги решаваат спорните прашања. Таа, засега, сигурно нема да се согласи да влезе во некаков договор со Русија и САД.

Што не очекува? Ако не се реши ништо во Париз, тогаш ќе има нова трка во вооружување. И сега односите меѓу САД и Русија се кризни. Дали тие може уште повеќе да се влошат. Дали нема да бидеме сведоци на криза како Карипската? Па да дојде до блокади и закани. Или сме сведоци на игра на нерви меѓу Русија и САД. А што ако  навистина светот треба да се подготвува за нова светска војна?.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД