14 Мај, 2024
0.0247

Има ли Mакедонија потенцијал за повисоки стапки на раст?

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Минатата недела, по двонеделниот мониторинг на економските текови во земјата, Мисијата на ММФ ги презентира заклучните ставови. Во 2013 година сме оствариле раст од 3.1%, додека за оваа година се очекува растот да изнесува 3.5%, што е далеку од потребните стапки кои  ќе овозможат да се почувствува пораст на стандардот на живеење и намалување на сиромаштијата во земјата. Тоа значи, иако се предвидува раст тој ќе биде  незначителен  и помирувањето со него е неприфатливо. Натфрлањето на растот над очекувањата во однос на претходната година е добро, меѓутоа, проблемот е во тоа што подолг период нема „сила“ која ќе  се одважи да проектира повисоки стапки на економски раст, па макар и да се потфрли во нивното остварување. Во овој контекст констатацијата на Фондот за натфрлање на предвидувањата е позитивна, меѓутоа, предвидувањата за растот во наредниот период го наметнуваат прашањето - дали Македонија има потенцијал за повисоки стапки на економски раст? Но, се разбира, не како прашање на желби, туку како резултат на согледување на објективните можности за побрз развој. Од предвидувањата и на владата и на Фондот произлегува дека можностите за побрз развој се ограничени. И тешко е да се спори таквата констатација, поради моменталните состојби во економијата и условите за стопанисување. Но, притоа, не треба да се заборави дека тие се резултанта и на досегашното однесување на сите стопански субјекти, вклучувајќи ја и државата, во услови на долгогодишна непроменета макроекономска политика, особено во монетарната, фискалната и развојната сфера. Се’ зборува во прилог на тоа дека е крајно време  да се согледаат причините кои го забавуват и кочат потенцијалниот раст. Веројатно, како недоволно развиена економија, не ни е судбина да живееме само во услови за преживување. Многу други неразвиени земји, каква што е  и Македонија, остваруваат повисоки стапки на економски раст, а и поразвиени земји од Македонија бележат повисоки стапки од македонските. Тоа значи дека повикувањето на неповолните меѓународни услови поради бавното закрепнување на развиените стопанства не може да биде задоволително оправдување, иако не треба и да се минимизира. Дел од причините треба да се бараат  во непродуктивното буџетско трошење финансирано и со пораст буџетскиот дефицит. Во прилог на ова зборуваат податоците според коишто во две од изминатите пет години е забележан пад на БДП, а притоа, буџетскиот дефицит изнесувал 2,7% од БДП во 2009 година и 3,9% во 2012 година. Само во 2010 и 2011 година кога буџетскиот дефицит изнесувал 2,4% и 2,5% од БДП остварената стапка на БДП била поголема од стапката на буџетскиот дефицит- 2,9% и 2,8% респективно. Во 2013 година со буџетски дефицит од 4,1% од БДП е остварена стапка на пораст на БДП од 3,1%. Во овој контекст очигледно е дека, од една страна, порастот на буџетскиот дефицит во изминатите години не се валоризира доволно со пораст на БДП, а од друга страна, со неизбежната потреба од негово намалување во наредните години (се предвидува намалување од 4,1% од БДП во 2013 година на 2,6% во 2016 година) не ќе може да придонесе во динамизирањето на растот на БДП. Буџетски стимули на растот можат да се очекуваат само со значитено преструктурирање на буџетските средства во полза на што поголема продуктивна  потрошувачка. Тоа ќе биде голем предизвик на финансиерите во земјата, со оглед на стекнатите позиции на одделни структури во општеството во буџетската потрошувачка. Најлошо ќе биде доколку неопходното преструктурирање на потрошувачката се заобиколи на сметка на потребата за зголемувањето на растот. Неповолно влијание врз стапката на растот на БДП секако има и монетарната политика  преку доследното спроведување на стратегијата на таргетирање на девизниот курс на денарот. Заради одбрана на фиксниот курс во изминатиот период каматните стапки се одржуваа на високо ниво и не беа стимулативни за потенцијалните инвеститори во реалниот сектор. Повеќето од нив се „истрошија“ (во борбата за опстанок) во очекување на пониски каматни стапки, а кога каматите забележаа извесен пад тие станаа кредитно неспособни за реализација на определени проекти. Нема сомнение дека таквата ситуација неповолно се одрази врз динамиката на растот. Следствено, со продолжување на  споменатата монетарна стратегија тешко е да се очекува пресверт во динамиката на економскиот раст во земјата. Во овој контекст силно влијание ќе извршат и неповолните трендови во одржувањето на надворешната стабилност (намалување на девизните резерви, намалување на девизните приливи по основ на тековни трансфери, голем пораст на износи за отплата на порано користени кредити-670 милиони евра во 2015 година). Тоа ќе ја засили потребата за одбрана на курсот  и ќе придонесе за повторно корегирање на каматната стапка нагоре. Мисијата на Фондот дури експлицитно сугерира за да се  намалат притисоците врз резервите да се зголеми каматната стапка. А доколку дојде до тоа, потенцијалниот раст повторно ќе биде редуциран. Оттука, прашањето е изнудено- има ли и натаму оправдување доследното спроведување на стратегијата на таргетирање на курсот, дури и кога неповолно се влијае врз растот? Позитивниот одговор се содржи во сознанието за стабилноста како услов за динамизирање на растот преку интензивирање на стопанските активности. Но, што ако таквата политика не ги дава очекуваните резултати? А тоа на Македонија и’ се случува 17 години. Курсот е стабилен, а динамиката на растот е незадоволителна. Неодговорно е ако за тоа не се води сметка. Особено што веќе десеттина години се укажува дека е точно сознанието за стабилноста како услов за рационален развој, меѓутоа, таа не е доволен услов. А кога нешто не дава резултати треба да се менува. А зошто не се прави тоа има само едно објаснување. Пресврт во растот се очекува од странските директни инвестиции. Кон нив е свртено големо внимание на макроекономската политика. Но, набрзо ќе се покаже колкав е дострелот на актуелните и идните странски директни инвестиции во динамизирањето на растот и дали и натаму ќе може да се заобиколува потребата од    покомплексен зафат во економскиот систем и политика во функција на остварување на долгорочна извозно ориентирана развојна стратегија. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка