24 Јануари, 2021
0.0157

Има ли надеж, за подобро утре?!

Објавено во: Колумни 01 Јануари, 2021

На крајот од оваа, веројатно најтешка година за целото човештво во изминативе 75 години, после завршувањето на Втората светска војна, со ладни глави (колку што можат да бидат), време е да направиме еден рекапитулар до каде сме. Од аспект на пандемијата, предизвикана од Ковид-19 вирусот, не може многу да се говори, бидејќи целиот свет беше ставен пред свршен чин. Единствено, што може да се дискутира, е тоа дали ние како држава и општество можевме да се справиме за скалило подобро. И тоа е дискутабилно, бидејќи, сите оценки и судови ќе бидат субјективни, во зависност од која политичко-партиска диоптрија доаѓаат.

Сепак, елементарен заклучок е дека Македонија се справи прилично лошо, не поради некапацитетноста на здравствените власти, туку повеќе поради руинираноста на здравствениот систем, и урнисаните институции, кои се испреплетени како „свински црева“. Со овој човечки капацитет, кој ни е на располагање, и со овие ресурси со кои „може да се пофалиме“, и премиерката на Нов Зеланд, да ја водеше Македонија, резултатите немаше да бидат значително подобри. Што може  тогаш, да заклучиме од сето тоа?! Дека „ѓаволот си дојде по своето“, односно ноншалантноста, површноста, импровизираноста, летаргичноста и козметичкото шминкање на се она што значи реформа, или зафат за промена на општествените односи и состојби, си го зема „ данокот во крв“. Онака, најболно и најбрутално, преку голем број на жртви од Ковид-19.

Често пати велам, дека ништо не е случајно, во најмал случај и исходот од Корона пандемијата кај нас. Несреќните жртви, починати кај нас, колку и неблагодарно да звучи се „жртви“ на крајно неквалитетниот живот кој го живеат во оваа и ваква земја. Проследен со секојдневни стресови, нервози, борба за преживување на месецот, односно народски кажано „врзување крај со крај“.  Бесперспективноста, едноставно вечната транзиција и безизлезот од кој не може да се спасат македонските граѓани, доведе да бидат едни од „најболните народи“ во Европа. Дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, проблеми со висок притисок, и ред други проследени болести се карактеристика за денешниот Македонец. Короната беше само „катализатор“ на докусурување на нивниот организам. Последно, наместо, оваа катастрофа која ја зафати целата планета, од нас да направи подобри луѓе, и да извлечеме поуки како општество и државна заедница, кај нас поларизираноста и закрвеноста на политичките елити како да се засили. Неверојатно е, како тоа нашите политички елити, за миг во оваа 2020 не ги закопаа воените секири, и за едно прашање, кое требаше практично да се спроведе како мерка, не најдат елементарна согласност. Напротив, продолжија меѓусебните обвинувања и препукнувања кој е виновен, кој прави сопки, кој се однесува неодговорно. Во пресрет на новата 2021, кога целиот свет очекува полека, но сигурно, да излезе од оваа ситуација, и да се врати во нормала, кај нас под сонцето ништо ново. Во предвидениот попис на пролет, уште од сега, работите се комплицираат и фрчат обвинувања и барања од сите страни. Станавме срам за целиот свет, не само за Европа, бидејќи веројатно сме единствената земја со Сомалија ( земја на „ рогот“ на Африка , распадната од внатрешни крвави конфликти), кои немаат спроведено попис во последните дваесет години. Ако се случи и тоа, и овој попис кој ни е на прагот, да пропадне поради „некапацитетност на комисијата за спроведување на пописот“, нешто слично како фамозната 2011-та година, или поради која било друга причина, тогаш ние дефинитивно ниту сме држава во прав(н)а смисла на зборот, ниту заслужуваме да бидеме држава.

Поминаа цели триесет години, од прогласувањето на независноста на Македонија. Години во кои на почетокот, во воздухот се чувствуваше атмосфера на нешто победничко, големо, нешто убаво. Прв пат, Македонците добија своја независна држава во својата историја, односно прв пат ќе можат да одлучуваат самите за себе. Сега, после тие триесет години, сите тие очекувања, мечти за убав живот и средена држава, и би рекол наивни желби, се распрснати како меур од сапуница. Потонаа во длабокото на сивата реалност. Која, каква и да е, секогаш, од „долапите“ на човековата душа, веруваме дека ќе се подобри. Со веќе механички посакувања за подобро утре. Така ќе биде и оваа година, кога традиционално ќе си честитаме за повеќе здравје, убавини, повеќе бериќет и подоствоинствен живот. Зошто само надежта ни остана. Веројатно, и таа ќе сакаат да ни ја земат, или убијат. 

Благојче Атанасовски -  политиколог

Можеби ќе ве интересира

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Попис за отпис од Македонија!

Попис за отпис од Македонија!

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Економското сонце за нас, изгрева на Исток!

Економското сонце за нас, изгрева на Исток!