Има ли потреба од план Б за македонските евроинтеграции?
Објавено во: Македонија 09 Декември, 2020
Бугарија го потврди ветото, со што Македонија засега нема да ги почне преговорите со Европската Унија.
Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, изјави дека запирањето на напредокот на Северна Македонија кон е ЕУ е тешка политичка грешка, и рече дека Бугарија e осамена во ветото. Рот вели дека останатите 26 членки не се согласиле со бугарските билатерални барања. Тој е загрижен дека ветото може да предизвика проблеми во безбедноста во регионот и во Европа.
„Европската Комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоена. Би сакал да испратам оптимизам и прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат“, рече Рот.
Рот изрази увереност дека во следните месеци за време на португалското претседателство ќе се најде решение за земјава.
Премиерот Зоран Заев денеска, по повод ветото од Бугарија за Македонија за почетокот на преговорите со ЕУ во обраќањето до јавноста истакна дека до овој момент Европската Унија не постигна согласност за прифаќање на преговарачката рамка за нашата земја.Оценува дека оваа неодговорна грешка е горчлива вест за целата нација.