ИМААТ ПОТРЕБА ОД ПСИХОЛОГ, АМА СЕ СТЕГААТ ПОРАДИ ФИНАНСИИ: Уште еден фактор влијае за тоа дали луѓето ќе побараат стручна помош
Објавено во: Македонија 15 Ноември, 2024
Психолозите велат дека во нашето општество постојат луѓе кои имаат потреба од посета на психолог, но поради недостиг на финансии не одат или одат само повремено. Една посета на психолог може да чини од 1.000 до 3.000 денари, а некаде дури и над таа сума.
Нашите соговорници велат дека населението сè потешко се справува со стресот, има ниска толеранција и е потребна стручна помош. Поради тоа што нема дружење и социјализација како порано, луѓето немаат со кого да ги споделат своите тешкотии, и тоа прави да им биде уште полошо. За надминување на одредени психолошки проблеми е потребно да има континуитет во работата со психологот. Погодени се луѓе од различни возрасти, луѓе кои се занимаваат со различни професии и слично.
„Има многу луѓе, кои не можат финансиски да си дозволат посета на психолог. Различно е, но при закажување, кога ќе прашаат која е цената, велат дека ќе размислат, дека е скапо, или по сеансата кога ќе ја кажам цената, велат дека ќе дојдат кога ќе имаат пари. Многу е значајно за што се работи, за анксиозно растројство, мора да има континуитет, а за развојни проблеми на личноста, тука зависи, за одредени карактеристики на личноста, исто си бара време и работа. Генерално, има анксиозност, и одат во насока на терапија со лекови, психотерапијата им е поскапа. Или се обидуваат самите да си помогнат, да читаат, да се освестуваат за некои работи, или некој читал, па пак доаѓа на психолог. Различни клиенти има и во однос на интелектуалниот капацитет“, вели психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска.
Друг фактор кој ги спречува луѓето да посетат психолог е стигмата.
„Нормално дека има такви луѓе кои не посетуваат психолог поради финансии. Има различни причини освен парите зошто луѓето не доаѓаат на психолог“, вели психолог од западна Македонија.
Посебно луѓето кои живеат во помалите средини каде секој со секого се знае, се одлучуваат да посетат психолог или психијатар во друга општина, за да не бидат стигматизирани.
„Системот во Македонија дозволува сите да имаат здравствено осигурување, е сега ако не сакаат да се лекуваат, тоа е друго. Самиот пациент бира дали преку Мој термин или приватно ќе дојде. Има случаеви кога луѓе од одредени професии и од други возрасни групи, не сакаат во документацијата да им стои дека биле на психијатар. Поради околината, стигмата, блиските, дури одат и во друг град на психијатар. Во развиените земји луѓето си имаат матичен психотерапевт и тоа е нормално“, вели доктор Симеон Могилевски, психијатар.
По повод Светскиот ден на менталното здравје, лани беше соопштено дека третина од адолесцентите во Македонија се борат со анксиозност и депресија. Во 2019 година беше објавено дека најмладиот пациент со депресија има само седум години.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com