ОД СЛЕПИЛО ДО АМПУТАЦИИ ПОРАДИ ЖИВОТ СО ДИЈАБЕТЕС: Пациентите бараат пристап до иновативна антидијабетна терапија
Објавено во: Македонија 15 Ноември, 2024
Дијабетесот е една од најкомплексните и најштетните хронични
болести која носи сериозни последици по физичкото и менталното здравје на
луѓето. Поради компликациите кои ги предизвикува – од слепило, ампутации на
екстремитетите, срцеви заболувања,
исцрпеност и ментален товар – животот на милиони луѓе во светот се менува
драстично. Многу пациенти со години се борат не само со контролирањето на
нивото на шеќер во крвта, туку и со секојдневните предизвици на болеста, кои
влијаат врз нивната способност да работат, учат и живеат нормално.
На глобално ниво, според најновите податоци на Меѓународната федерација за дијабетес (IDF), повеќе од половина милијарда луѓе живеат со оваа состојба. Во Македонија, дијабетесот зафаќа околу 116.125 луѓе, од кои дури 40% се недијагностицирани. За жал, компликациите од оваа болест годишно однесуваат илјадници животи и генерираат милионски трошоци за здравствените системи – само во Македонија, во 2021 година, трошоците достигнаа 113.859.699 американски долари.
Токму на Светскиот ден на дијабетесот, пациентските здруженија во Македонија и светот ја потсетуваат јавноста на неопходноста од подобрување на системската грижа и почитување на глобалната Декларација за дијабетес на СЗО. Оваа декларација, која цели кон унапредување на квалитетот на живот на лицата со дијабетес до 2030 година, повикува на универзална достапност на соодветни лекови, терапии и иновативни технологии.
„Дијабетесот влијае и на нашата физичка и на ментална благосостојба. Милиони луѓе со дијабетес се соочуваат со секојдневни предизвици во управувањето со нивната состојба дома, на работа, на училиште, во градинка, додека спортуваме или сме на прошетка или кафе со пријател. Се проценува дека над 1 од 3 лица со дијабетес доживува вознемиреност поврзана со нивната состојба и над 60% од луѓето анкетирани од страна на IDF покажуваат дека стравот од развој на компликации поврзани со дијабетес влијае на нивниот севкупен живот и благосостојба. Сепак, грижата за дијабетесот често се фокусира само на управување со шеќерот во крвта, оставајќи многумина преоптоварени и подложни на исцрпеност и депресија. Потребна е итна акција за да се осигура дека личната благосостојба е приоритет во грижата за дијабетесот. Ве повикуваме да го забрзате напредокот кон имплементацијата на глобалната Декларација за дијабетес на СЗО, која покрај целите за поквалитетна грижа за пациентите до 2030 година, ќе ја заштити и менталната и физичката благосостојба на луѓето кои живеат со дијабетес,“ се вели во отвореното писмо на Баланс MK, асоцијација за детски дијабет на Македонија, упатено до министерот за здравство Арбен Таравари.
Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, во изјава за Фактор истакна дека иако редовно има достапна иновативна инсулинска терапија, само мал број пациенти имаат пристап до иновативна антидијабетска терапија, која е клучна за превенција на кардиолошки, нефролошки, невролошки и офталмолошки компликации. Според него, бројот на пациенти со сериозни компликации поради недостапноста на овие лекови е во пораст, што дополнително ја отежнува ситуацијата во системот за здравствена заштита.
„Недостигот на програми за превенција е голем недостаток, особено во услови кога сѐ повеќе пациенти со дијабетес се соочуваат со сериозни компликации,“ вели Велев. Тој исто така нагласи дека на пациентите со дијабетес тип 1 не им се обезбедуваат сензори, што би можело значително да го олесни следењето на нивото на шеќер во крвта и да ја подобри контролата на болеста. Дополнително, во аптеките постои само еден вид на ленти и глукомери, кои според него се неквалитетни, а пациентите немаат право на избор.
Одговарајќи на ваквите забелешки по повод Светскиот ден на дијабетесот и по прашањето за недостигот на лекови од втората и третата линија, министерот за здравство Арбен Таравари најави дека Министерството ќе се заложи лековите да бидат вклучени на позитивната листа следната година. Тој појасни дека оваа одлука ја носи комисијата формирана од Министерството, која одлучува кои лекови се приоритетни.
„Имаме комисија која треба да одлучи кои лекови имаат приоритет, зборувам за целото население во државата, да бидат ставени во позитивната листа. Сега не можам да кажам генерици или имиња на лекови бидејќи тоа веќе е несериозно. Очекувам комисијата, врз база на сите фармако-економски и други анализи, да му предложи на Министерството кои треба да бидат следните лекови на позитивната листа,“ изјави Таравари, забележувајќи дека бројот на пациенти со дијабетес е во постојан пораст.
Анита Буховски