10 Мај, 2024
0.0237

Имитација на живот!

Објавено во: Колумни 21 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Дали ви се случило да гледате телевизија да слушнете одреден став или мислење, а потоа случајно во разговор со некого да го кажат буквално истото!. Ќе помислите нивните ставови се поклопуваат, што не и  чудно ако станува збор за некоја општо прифатлива работа, но е невообичаено ако станува збор за поспецифична тема! Тоа води кон прашањето: дали и колку нашите ставови се наши или туѓи! Размислувајќи на оваа тема се потсетив на Оскар Вајлд, авторот на блескавиот роман Сликата на Доријан Греј, еден од најголемите генијалци од светот на литературата, кој уште пред пред 160 години има изјавено „Повеќето луѓе се други луѓе: нивните мисли се туѓи мислења, нивните животи имитација, а нивните страсти цитати.“ Ако оваа мисла била точна пред 160 години, колку пак е вистинита денес во ера на незаситна медиумска консумација, заслепеност од TV екранот, на зависност од социјалните мрежи. Веќе не изненадуваат луѓе кои поради обезбедување на својата материјална егзистенција те убедуваат во нешто, а ти многу јасно знаеш дека е тоа став на нивниот партиски лидер, на нивниот претпоставен, на оној кој на некој начин има моќ над нив! А тие кога веќе еднаш, двапати истото го кажале веќе и самите веруваат дека тоа е нивното лично мислење. Или како што вели народната поговорка ако двапати излажеш за едно исто, веќе и самиот веруваш во лагата, која и веќе не е лага туку вистина! А испрани мозоци, понизни луѓе колку сакаш, но не е да ги осудуваш, бидејќи секој си ја гледа својата егзистенција, и доброто на своето семејство (бидејќи најчесто и нема друг избор). Инаку треба да си будала ако се спротивставиш, ако знаеш дека со тоа само ќе си нанесеш штета. Понекогаш се прашувам колку она што го мислам е мое, а не туѓо мислење, нешто што некогаш сум го слушнал, прочитал, а се складирало во мојата подсвест.  Повеќето луѓе го прават она што другите го прават, одат на места каде што повеќето одат, и тоа од психолошки аспект е сосем нормално, бидејќи луѓето и сакаат да се идентификуваат со заедницата, да бидат дел од нешто каде ќе се чувствуваат посигурни, заштитени, а нештата да им се познати!. Но таа тенденција не треба да биде пречка кон создавањето самосвест, самокритичност и личен интегритет. Човек да не се труди да мисли со своја глава, да прави работи што мисли дека се добри иако повеќето во неговата околина не го мислат тоа. Да се биде силна индивидуа, со сопствени убедувања, резигниран и секогаш самиот врз основа на своите искуства, интуиција да креираш став денес е реткост. Луѓето особено ако се егзистенционално зависни го креваат прагот на издржливост, почесто проголтуваат навреди и понижувања, и се помалку го живеат својот живот онака како што тие сакаат. Бидејќи не можеш да имаш духовна слобода ако немаш материјална независност. И затоа повеќето луѓе се други луѓе, нивните мисли се туѓи мислења, а нивните животи имитација! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина