28 Март, 2024
0.0253

Impossible doesn’t exist (невозможно не постои)

Објавено во: Колумни 16 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Има една народна поговорка, која вели: „можеби е задоцнето, ама не е заборавено“. Имено, ова се однесува за денешното мое писание. Оттука, си земам за право да кажам дека е оправдана оваа задоцнета објава, ако се имаат во предвид големиот број на активности, изминатата недела, како форма на поддршка, кон колегите од Хајделберг, а во функција на настаните под името: „Балканска недела на бизнисот (Balkan Business Week)“.Настан, на кој земаа учество, точно, 96 говорници. Можеби ќе звучи нескромно, не ми замерувајте, но, сум на мисла дека ова е еден од најголемите едукативни настани, годинава реализиран во земјите од Западен Балкан, ако се имаат во предвид следните  параметри: квантитетот и квалитетот на темите, важноста на говорниците од развиените земји во ЕУ и регионот, како и актуелноста на пораките - препораките, дадени на настанот.

Според тоа, како чин на општествена награда од тамошната јавност и политичкиот естаблишмент, настан под името „Балканска недела на бизнисот“, за германската бизнис заедница претставува еден нов правец за трансфер на знаења и практики кон земјите од Западен Балкан. За таа цел, во пет дена, на пет различни теми кои го засегаат регионот, со активна дебата и свои излагања, учествуваа: домашните највисоки владини претставници во економијата и финансиите, највисоките претставници од монетраната власт, истакнати членови од германскиот Бундестаг и НАТО парламентарното собрание, високи членови на управите од централните банки во регионот, европските и регионалните асоцијации за банкарство, управите на водечките стопански комори, претставници на големи светски компании во ТИРЗ-овите и надвор од нив, како и експерти во повеќе области (како што се: дуално образование, ризиците, дигитална трансформација и контролинг). И, сето тоа, распределено во 20 работни часови, според мене, имаше неколку важни поенти. Инспириран од говорниците, подолу, ќе се обидам да дадам лични толкувања, за неколку работи.  

Прво - се потврди безбедносната стабилност и неменувањето на таквата состојба, на долг рок, на сите земји од Западен Балкан. Имено, тоа беше јасно подвлечено од заменик на претседателот на Комитетот за одбрана на германскиот Бундестаг, сегашен член на Бирото на парламентарното собрание на НАТО, а поранешен долгогодишен претседател на истото, проф. д-р Карл Ламерс.

Второ - монетарните статистики, споредбено, покажаа дека хрватската економија падна, во еден период, во втор квартал од 2020 година, дури до двоцифрен минус. Исто така, двоцифрен пад или рецесија беше обележана во Албанија и Босна и Херцеговина, за 2020 година. Црна Гора, одбележа најголем пад на економската активност во време на кризната 2020 година, додека, пак, Србија покажуваше најблаг пад. Историјата во поглед на македонската економија, во измината година покажуваше, на почетокот, во првиот квартал нешто над нула процентни поени раст, за да дојде до двоцифрена негатива во вториот квартал, и на крајот од 2020 година се проектира на негативни 4,5%. Од ова, се констатира дека сите земји паднаа во регионот, за 2020 година, особено, таков пад покажа и водечката економија во ЕУ - Германија. Практично, насекаде во регионот, па и кај нас, земјите се соочија со песимизам на стручната јавност во поглед на економските мерки. Но, како што многупати сум подвлекол, ако не беа спроведени економските мерки во домашната макроекономија, ние, минатата година ќе ја завршевме со двоцифрен пад на БДП и последиците ќе беа многу поголеми. Практично, во македонската економија се направи еден вид на бафер или заштитен слој, кој, го ублажи падот на БДП од двоцифрен на едноцифрен. Во спротивното сценарио, закрепнувањето на економијата ќе траеше од три до пет години.

Трето – можам да забележам блага разлика, од моите размислувања за идните проекции на македонската економија во 2021 и 2022 година, со оние на Владата. Би рекол, логично, таа треба да биде мотиватор во пост-рецесионата доба, и да гледа пооптимистички. Имено, менаџерите на македонската економија, размислуваат со динамика на раст на БДП од 4,1% во 2021, до 4,5% во 2022 година. Додека, инфлацијата, според нив, ќе се движи од 1,5% во 2021 до 1,8% во 2022 година. Во таа насока, моите размислувања, се сублимирани во три можни сценарија: оптимално (каде се проектира раст на македонскиот БДП околу 3,8% во 2021 година, додека пак, за 2022 година, таквиот раст би бил околу 4%); оптимистичко (од 3,9% до 4,1%); и песимистичко (кое најмалку го сакам неговото елаборирање). Во поглед на инфлацијата, во 2021 и 2022 година, таа ќе се движи околу и нешто над 2%. 

Четврто – на вториот ден од настанот, со наслов: „Германското дуално образование и поврзаноста со бизнис секторот“, од страна на владините претставници, беше најавено, воведување на нови мерки за унапредување на концептот на дуално образование според потребите на компаниите и поддршка на иницијативата на Институтот од Хајделберг во Скопје, со цел, воведување на германски модел на едукација во земјата. Оттука, ова подразбира нов концепт на работа во компаниите кои се во ТИРЗ, со таргетирани мерки и програми согласно концептот на дуално образование. Со ваквата реформа, сум на мисла, ќе се стабилираат актулените работни места, и ќе се влијае на зголемување на платите, особено, тоа, мора да стане атрактивно кај младите лица. Тие, треба дома да ја градат иднината. За таа цел, потребна е нова образовна установа, со поддршка од С.Р. Германија (Хајделберг), која, ќе биде дополнителен спој меѓу формалното македонско образование и потребите на ТИРЗ, а се со цел, зголемување на работни места, кои, во континуитет им се неопходни на компаниите, со квалификувани млади лица. Ова е важно, ако се има во предвид дека во индустриските зони, странските компании, согласно официјалните проекции, во наредните 3 години треба да отворат нови 28.000 работни места.  

P.S.Кога бев млад, со пријателите, често престојував во Полска. Одлична земја, во која, можеш лесно да си ја прочистиш енергијата - од негативна во позитивна. Се сеќавам, еве до ден денес, на една дружба, на раката на една пријателка, пишуваше: „IMPOSSIBLE DOESN'T EXIST (невозможно не постои)“. Практично, оваа земја, покажува една одлична статистика, која, одговара во целост на текстот, погоре. Имено, во Полска, стапката на невработеност, во 2002 година изнесуваше 19,7%, а  денес, во 2021 година, таквата стапката изнесува само 3,1%. За тие што подзаборавиле, да потсетам, Полска, во 1999 година се приклучува кон НАТО, а во 2004 година станува и членка на ЕУ. Оттука, за 16 години од членството во ЕУ, таа речиси и да нема невработеност. Денес, младите таму, ако ги прашате за историја, еве, тие оваа историја ќе ви ја кажат: „стапката на невработеност, во 2002 г. изнесуваше 19,7%, а во 2021 г. е 3,1%“. Затоа, охрабрувам да одиме напред, да направиме максимални напори, да се решат проблемите со соседот т.н. „брат“, и да продолжиме со чекорење на патот кон членството во ЕУ.  

P.S.2: На крајот, после триесет години транзиција, сметам дека ваква порака, како оваа погоре, треба да испратиме кон генерациите кои доаѓаат (еве, јас ќе ја испратам за мојот десетгодишен Тео, за да не страда, и тој, како ние со другарите, кои, денес, еве славиме 20 години од матура). За нас, често знаевме да кажеме - „ние, сме таа т.н. изгубена генерација – транзициска или воената генерација од 2001-та“. Но, иако малкумина од нас, сепак, тие кои останавме тука, не престанавме да веруваме во патот каде треба да оди македонската држава.  

проф. д-рСиниша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?