30 Април, 2024
0.0257

Интелектуалниот неморал на еден декан!

Објавено во: Колумни 14 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Долго размислував дали на овој простор треба да се најде и случајот со „избрканите професори од работа“ од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Особено, поради тоа што и јас лично сум инволвиран во настанот. Меѓутоа, превагнаа аргументите дека не се работи само за лични интереси. Дури може да се каже дека тие не се ни најважни. Мнозина ќе ги сведат на прашање за „некаква“ неправда што им се направила на тројца професори. А што е тоа во однос на неправдите што им се случуваат на стотици луѓе во сите сфери на работење и живеење? Но, не треба да се заборави дека секој случај има лични, заеднички и општествени димензии. Во конкретниот случај  станува збор за суштествени општествени прашања и односи кои задираат директно во темелите на високото образование, кои ако не се согледаат навреме можат да предизвикаат разнишување на образовен систем. Случајот со „тројцата професори“ на површина исфрли неколку проблеми кои ако не се сосечат во корен создаваат простор за ширење на нездрави односи и во други институции и на Универзитетот, па и пошироко. Се случија работи поради кои мора да се каже дека факултетите и Универзитетот не смеат да бидат „вилаети“ на поединци, на луѓе без интелектуален морал и интегритет. Тие се средини во кои слободата, стручноста и  моралното однесување се земаат како пример за однесувањето на луѓето во другите средини. И затоа таму не смее да се толерира ничие самоволие и поставување над законот. Ако таму неказнето „помине“ такво однесување, голема е веројатноста “деспотизмот” да стане нормално однесување и во другите работни средини. Случајот од Економски факултет во Штип е школски пример за „деспотско“ однесување на деканот. Направи што сака без оглед на општопознатите морални и правни норми, односно наспроти нив. Поради тоа е прашање колку тој може да биде добар менаџер на високошколска институција. Со волунтаристичкото однесување  тој се покажа само како голем манипулатор со дел од вработените, но не и како личност која обединува за поуспешно работење на институцијата. Таквата цел му е далеку зад остварувањето на неговите лични цели, многу често манифестирани и како осветнички, и тоа само затоа што некој не му дал безпоговорна поддршка на некое негово барање. Тоа е толку присутно во неговото работење што професорите на кои им ја свиткал „кичмата“ (по разни основи) без прашања и дискусија го прифатија неговиот предлог „тројцата професори“ да не бидат избрани во повисоко звање и да бидат „избркани од работа“. Тие се толку преплашени од неговата „моќ“ што не се обидоа дури ни да го прашаат деканот која е причината да го промени своето мислење за кандидатот за кој и тој ставил потпис на Рецензијата за избор во повисоко звање. Ако имал причина можел да го изземе своето мислење уште во самата Рецензија. Спротивно мислење можел да изрази и по објавувањето на Рецензијата во Универзитетскиот билтен. Но, ништо од тоа не направи. Едноставно предложи да не се изгласа унапредувањето на кандидатите, сметајќи на однапред обезбедените гласачи (независно од тоа што обезбедувањето е направено со ветувања или уцени, што можеше да се види од нивните спуштени погледи по гласањето, кои велеа: Извини, ама морав). Во неговата логика на размислување нема место за морал во однесувањето од позиција на раководител на наставно- научна институција. Обезбедената „гласачка машина“ е врв на неговото сфаќање на демократските односи. Со неа тој „меле“ се’ што ќе му се спротивстави.  Ништо не му значат потписите на рецензиите на наставно-научни кадри кои за глава или две ја надминуваат неговата „ученост“. Станува збор за рецензенти за кои и тој гласал да се изберат иако со „гласачката машина“ можел да избере и други, според негов ќеиф. Оттука,  неможе да има оправдување за неговиот волунтаристички потег да се спротистави на изборот, зад кои застанале луѓе со највисоки наставно-научни звања, интелектуален  морал и интегритет. Со ваквиот однос кон рецензентите и рецензиите се руши клучниот механизам за објективизирање на унапредувањето на наставно-научните кадри, кој е детално утврден во законот за високо образование. Но, што му е гајле на деканот за законскиот механизам кога тој има создадено „гласачка машина“ со која може, без и еден агрумент,  да го елиминира предлогот на рецензентите. По ваква можност, прашање е кој ќе се нафати да оценува   трудови на наставно-научни работници, кога само со „дигање на рака“  може да се поништи нивниот  труд, а моралот на менаџерот на факултетот му е „последна дупка на свиралката“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД