27 Април, 2024
0.0512

Интелектуално неморални универзитетски професори

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

И Универзитетскиот сенат, највисок орган на штипскиот универзитет, составен од професори на Универзитетот,  пред два дена ме информираше дека ја потврдува одлуката на ННС на Економскиот факултет за отстранување од работа на двајца доценти (третиот  не можеше да го издржи притисокот и не достави жалба до Сенатот, и по своја волја го напушти факултетот) и покрај позитивна рецензија од тројца професори, кои ги избра ННС. Притоа, не е чудно донесувањето на таква одлука, туку тоа што таквата одлука е заснована врз лажни аргументи и клевети изнесени во постапката за  избор  на кандидатите во повисоки звања, а кои аргументирано беа оспорени од кандидатите во постапката. На нашите контра аргументи, никој од надлежните не се обиде  да даде  објаснување за нивната (не)валидност. Без било каква расправа по нив,    професорскиот „крем“ на Универзитетот „Гоце Делчев“, без срам и трунка одговорност за позицијата и звањата што ги носат, ги аминуваше  желбите на деканот на Економски факултет Ристо Фотов и на Ректорот на УГД Саша Митрев да се елиминираат доцентите од факултетот. За нив аргументите не важат (a во универзитетскиот Правилник е утврдено дека Комисијата која ја разгледува жалбата до Универзитетски сенат „треба да поднесе Извештај со оценка за изборот и со образложен предлог“). Но, во случајов единствено е битно да се реализира желбата на Ректорот. Не им е важно дури ни тоа дека со прифаќањето на лагите и клеветите тие покажуваат врвен интелектуален неморал и неписменост. Како инаку  може да се нарече  позицијата   кога, при здрави очи, може да тврди дека „белото е црно“.  Нема друго.    Бидејќи овде се работи за „читање на законска одредба“, неморално е кога една одредба се чита надвор од јазичните правила на македонскиот јазик и врз таа основа се настојува да се издејствува определена одлука (во случајов-отстранување од работа). А тотална неписмност е ако се мисли и верува  дека „ИЛИ-ИЛИ“ е исто како и „И-И“. Погледнете го законскиот став. Во него е утврдено дека за вонреден професор може да биде избрано лице кое има  „објавени најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години“. (Јас имам објавено шест труда во меѓународни публикации). За да ја засилат аргументацијата против мојот избор, професорската фела аминуваше и чиста лага, а тоа дека немам скрипта, иако јас имам две, на кои рецензент е самиот декан на Економскиот факултет  Ристо Фотов, а кој пак за да ја донесе ситуацијата до перверзија си зема за право и тој да тврди дека немам ниту една скрипта иако самиот тој, како што претходно спомнав  ми е рецензент на двете мој скрипти. Без поголема понатамошна елаборација на незаконитостите во постапката (противзаконски ги поништија позитивните рецензии донесени во законскиот рок, не ја испочитуваа одлуката на Државниот просветен инспекторат кој констатираше дека сите одлуки донесени после 2 август се невалидни поради истекување на конкурсниот рок од 6 месеци, ги уважија приговорите на старо новата рецензија од неидентификувана група на професори), ќе го наведам само она што е ненормално за универзитетска средина. Ме поразува тоа што во донесувањето на конечната одлука се инволвирани бројни универзитетски  професори. Чувствувам потреба некои и да ги именувам, особено оние кои ставија сопствени потписи на погрешното читање  на законската одредба  , не водејќи сметка не само за кандидатите, туку и за нив самите, за нивниот морал, стручност и одговорност. Ваквата „чест“  им припаѓа на членовите на  Комисијата за разгледување на приговорот по одлуката за неизбор (д-р Круме Николовски, д-р Љупчо Стојчески и д-р Љиљана Конеска) и на Комисијата за разгледување на жалбата до Универзитетскиот совет (проф. д-р Трајко Мицески, проф.д-р Благоја Спиркоски и проф.д-р Љубомир Јаневски). Запрепастувачки е што  универзитетски професори, од само за нив познати причини, се доведени во ситуација да делуваат и против себе. А тоа не зборува добро ниту за Универзитетот ниту за демократијата во земјата. Неразумно е ако  мислат дека можат да се кријат зад раководствата и органите на Универзитетот. Моралот и достоинството на човекот се лични карактеристики. Со ништо не се покрива неморалното и полтронско однесување. Нив не ги оправдува ниту укажувањето дека биле изманипулирани од раководствата или нивното јавно признание дека ако тие не потпишале ќе потпишел некој друг. Вината е кај поединецот што не се спротивставил на манипулирањето, а во постапката имал можност да реагира, да ги провери аргументите од приговорите и жалбите на кандидатите и сам да донесе мислење за нивната (не)оправданост  и да ја избегне опасноста за него да се расправа како за интелектуано неморален и неписмен. Нема интерес за кој би вредело тие да се жртвуваат, барем јас така мислам ако овие персони со титула професор имаат во себе барем И од интелектуалец. А најбедно е ако се прави од некој личен интерес и од верување дека никогаш нема да се дознае. Станува збор за очигледна неправда.  А кога да е таа ќе излезе на виделина. Сега на нас ни останува правдата да ја бараме низ судските лавиринти. Преку работниот  спор, управниот спор и кривичната пријава ќе се обидеме да покажеме дека законите во оваа држава сепак ќе мора да се почитуваат, а тие што тоа нема да го сторат ќе бидат санкционирани.  Засега тие се во предност. Успеаја да не отстранат од нашите работни места и да пратат абер до сите универзитетски професори дека „раката на големиот брат“ секого може да го дофати. И покрај укажувањета на Европа дека нешто „смрди“  во судството кај нас, јас сакам да верува дека судот ќе знае да ја цени вистината, ако не одиме понатаму, до Судот за човекови права во Стразбург. А тогаш кога срамот ќе мора да го изнесеме и на меѓународна сцена, тогаш нема ние да бидеме виновни туку оние кои го креираа случајот, сметајќи дека ќе ја избегнат и одговорноста за сопствената нестручност, несовесност и  неморалност, а притоа заборавајќи дека сепак правдата е спора, но достижна. p.s. И додека владата од петни жили настојува да воведе ред во високото образование, незнам како тоа им се промакна да дозволат на штипскиот универзитет да предаваат професори со стекнати докторски титули од сомнителни украински универзитети ( имате неколку такви случаи, но еден на пример има титула доктор на економски науки кој цел живот работи и предава гастрономија, кулинарство и аранжирање на астали) , и како тоа на Економскиот факултет во Штип си дозволија експерт по земјоделство и педагогија да предава предмети од областа на менаџментот или експерт за географија на сообраќајот  да предава меѓународни финансии. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД