14 Мај, 2024
0.0259

Интернет колачиња (“cookies”)

Објавено во: Колумни 30 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Интернет колачињата или “cookies”  се тема за која сериозно се дебатира во последнава деценија низ интернет круговите. Што се интернет колачиња и како функционираат?

Наједноставно кажано, интернет колачиња се податоци кои се испраќаат од интернет страниците што ги посетувате, во вашиот интернет прелистувач (web browser). Во текот на вашето сурфање на интернет, колачињата собираат податоци за вашите активности и навики на интернет.  Истите се дизајнирани со цел да го олеснат корисничкото искуство на веб страниците, овозможувајќи да бидат запомнети  податоците на корисникот (на пр. лозинка, мајчин јазик и сл) Од 2000 година па навака, интернет колачињата и нивната намена станува предмет на се поголема дебата во светската јавност. Постои оправдана загриженост од интернет корисниците околу приватноста и заштита на личните податоци при сурфањето на веб страниците. Корисниците стравуваат дека нивните лични податоци може да бидат украдени и злоупотребени,  нивните банкарски сметки испразнети и сл. Меѓутоа, сурфањето на интернет би било многу отежнато доколку не постојат овие колачиња. Така на пример, доколку не постојат “cookies“, секојпат кога одите на Facebook ќе треба одново да го внесувате вашето корисничко име и лозинка. Секојпат кога проверувате електронска пошта на Gmail  или Yahoo ќе треба повторно да внесувате ваши податоци. На сајтовите што се на повеќе јазици, секојпат ќе треба да го одбирате вашиот мајчин јазик. Доколку на некој портал сте одбрале каков тип на содржини сакате повеќе да ви се прикажуваат, тоа нема да ви функционира. Онлајн игрите нема да го памтат нивото до кое сте стигнале. Електронската трговија значително ќе се отежни. Едноставно кажано, користењето на интернетот ќе стане навистина макотрпно искуство. Интернет колачињата се доста омилени и кај огласувачите на дигиталните медиуми. Податоците од истите често се користат во рекламни цели. На пр. со интернет колачиња можете да ограничите вашата рекламна порака (банер) да се прикажува само еднаш или два пати по корисник, со цел вашите реклами да допрат до што поголем број на различни интернет корисници. Понатаму со помош на колачињата можете на одреден веб сајт да пласирате реклама што ќе се прикажува само на корисници кои веќе го посетиле вашиот сајт. Ова е особено корисно за тн „ре-таргетирање“ или „ре-маркетинг“, кога корисникот ја прегледал понудата на одреден сајт, но сеуште не го купил производот. Со помош на колачињата, огласувачите можат да пласираат наменски реклами со цел да ги потсетат или да им понудат дополнителен бенефит само на корисниците кои се заинтересирале за нивниот производ, но сеуште не се одлучиле да го купат.  Затоа нека не ве чуди кога после посетата на некој сајт (на пр. booking.com,  или aliexpress.com) одеднаш на Facebook i Google, ќе почнете се почесто да гледате реклами со понуди од овие сајтови.   Со помош на интернет колачињата може да се мерат и посетите на одредена веб страница. Истите овозможуваат да се добиваат податоци за бројот на посети, уникатни посетители, време поминато на сајтот, кои статии се најчитани, кој е профилот на читателите и сл. Користа од интернет колачињата е огромна, потребни би биле стотици страници само да се објаснат сите предности од постоењето на “cookies”. Од друга страна малициозните колачиња кои долго време се задржуваат во прелистувачот на корисникот следејќи ги неговите активности на интернет, внесуваат оправдан страв кај корисниците. Регулација за користењето на интернет колачињата во земјава сеуште не постои, па затоа е потребна саморегулација на интернет медиумите во однос на интернет колачињата. Секој веб портал, сајт, агрегатор и сл. кој пласира “cookies” во прелистувачите на корисникот би требало уште при првиот контакт на корисникот со тој медиум  - јасно, детално и транспарентно да му објасни какви колачиња се користат и за која цел ќе бидат користени. На тој начин ќе се подигне свесноста на јавноста за интернет колачињата и предноста од постоењето на истите, а притоа ќе се намала стравот и нејаснотиите околу можноста за злоупотреба на корисничките лични податоци. Ненад Ристовски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка