24 Ноември, 2024
0.0336

Интервју на Ѓун Ѓунсој - главен извршен директор на „Аџибадем Систина“

ИНТЕРВЈУ ЃУНСОЈ: „Аџибадем Систина“ има значајна улога во борбата со пандемијата во Македонија

Објавено во: Македонија 20 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствена болница во земјава во која се изведуваат три типа тестови за коронавирус, вели во интервју за Фактор, Ѓун Ѓунсој, главниот извршен директор на болницата. „Аџибадем Систина“ прва почна да прави серолошки тестови за присуство на антитела на вирусот, исти какви што сега се прават низ светот како дел од масовниот скрининг на населението. Ѓунсој вели дека болницата со тестовите се обидела да придонесе кон јавното здравје во специфични услови, но не и да профитира од тоа. Зад „Аџибадем Систина“ стои втората најголема групација болници во светот (IHH), а болницата во земјава е акредитирана по највисоките светски стандарди, дел од клучните факти на кои Ѓунсој ја базира довербата на пациентите. Тој е смирен и ослободен од притисокот на предизвиците кои не се здравствени. Вели дека болницата и во пандемијата функционирала одлично, со полн капацитет и со безбедносни протоколи кои ја одвојуваат од болниците во земјава и во регионот. Открива дека 19 отсто од тестираните пациенти на антитела биле позитивни што според него укажува на потребата на масовно тестирање на населението, процес кој е во тек во повеќе земји во светот. Во интервјто зборува и за идните инвестиции, а во „Аџибадем Систина“, планирано е да се отвори најголемиот педијатриски центар во регионот.

Ѓунсој: Зад Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стојат втората најголема групација на болници во светот (IHH) и најголемата групација на болници во Југоисточна Европа ,,Аџибадем“ и сите чекори кои ги презема нашата болница се усогласени со одлуките и мерките за заштита кои ги презема здравствениот гигант „Аџибадем“. Она што можам да кажам е дека ние како „Аџибадем Систина“ буквално го пресретнавме вирусот и во нашата болница беа преземани мерки за безбедност и  заштита на пациентите, вработените и посетителите уште пред првиот дијагностициран случај на коронавирус во земјава. Во насока на  превенција, заштита и безбедност на пациентите, се спроведува посебен протокол на движење при посета на болницата. Сите лица што влегуваат се обврзани да ја поминат контролата на влез, која вклучува проверка на телесна температура и задолжително носење заштита опрема, а посетите во болницата се ограничени на само еден посетител во дадено време, со цел придржување кон препорачаната социјална дистанца. Секој пациент пред да биде хоспитализиран на некој од одделите во „Аџибадем Систина“ задолжително се тестира за присуство на Ковид-19, така што ризикот од ширење на инфекцијата е сведен на минимум. Итни случаи кои треба да се оперираат се тестираат со новиот брз молекуларен тест, со кој резултатите се добиваат за помалку од 60 минути. Како болница во целост ги почитуваме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и ќе се придржуваме кон воведените протоколи и препораки од здравствените власти сè додека трае пандемијата. Секоја држава има различен пристап, но сметам дека пристапот кон кој се придржува и Македонија, а кој го спроведуваат речиси сите држави во светот во борбата со коронавирусот, е соодветен и дава резултати.


На ниво на групација, односно „Аџибадем“, како се исправивте пред овој предизвик и сметате ли дека успешно одговоривте? Кои беа клучните проблеми?

Ѓунсој: Сите болници од здравствената групација „Аџибадем“ во целост ги имплементираат препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Заштитата и безбедноста на пациентите и вработените во болниците на „Аџибадем“ е на максимално ниво, ги подигнавме мерките за превенција и заштита од коронавирусот на највисоко ниво, следејќи ги препораките на Министерството за здравство на Турција. Најголемиот предизвик можеби беше да се одговори експресно брзо на промените кои ги „диктираше“ Ковид-19, со кои, како и со многу други предизвици, „Аџибадем“ успешно се справува. Сите здравствени установи „Аџибадем“  работат со полн капацитет и грижата за здравјето на нашите пациенти останува наш врвен приоритет.

Како оваа криза влијаеше на работата на „Аџибадем Систина“, во однос на организацијата, бројот на пациенти, финансиските показатели и стратегијата за раст?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во моментот работи со полн капацитет на сите оддели. Работното време на болницата е усогласено со стартот на полицискиот час во државата, додека Ургентниот центар за возрасни и деца работи 24 часа секој ден во неделата. Од самиот почеток ги спроведуваме сите мерки и безбедносни протоколи за комплетна заштита од коронавирусот, како на вработените така и на пациентите и посетителите на болницата. Сакам да потенцирам дека сите услуги и интервенции кои се извршуваат во нашата болница се изведуваат под посебни безбедносни протоколи и дека сите посетители се максимално заштитени. Неминовно е влијанието на коронавирусот во однос на организирањето на функционирање на болницата, а тоа значеше воведување посебни протоколи за движење, задолжително тестирање на секој пациент пред да биде хоспитализиран. Во однос на хируршки зафати, приоритетот беше ставен на итните случаи. За жал, корона-здравствената криза влијаеше и на стратегијата за проширување на капацитетите на нашата болница, поради Ковид-19 и пред сè безбедноста на нашите пациенти моравме да го пролонгираме отворањето на новиот педијатриски центар.


Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Македонија се најде во центарот на вниманието околу тестовите за Ковид -19. Во болницата се прават три вида тестови (серолошки, молекуларни и брзи молекуларни). За какви тестови станува збор? Со кој квалитет се и како вие гарантирате за нив?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствената болница во земјата со лабораторија која врши три вида тестови за Ковид-19 – серолошкиот Ковид-19 IgG/IgM рапид тест, за кој резултатите се добиваат за 15 минути, молекуларниот PCR - SARS-CoV-2 тест, за кој резултатите се добиваат за 6 часа, и најновиот брз молекуларен PRC-тест за присуство на коронавирус, за кој времето потребно за изработка на резултатите е до 60 минути. Станува збор за ургентен PCR-молекуларен тест наменет за брзо дијагностицирање кај ургентни состојби и пациенти во болницата. Системот е патентиран и докажан златен стандард. Затворен систем кој автоматизира и интегрира подготовка на примерокот, амплификација на нуклеинските киселини и откривање на целната секвенца во примерокот или комплексот на примероци, користејќи real-time полимераза верижна реакција (PCR).

Во молекуларна дијагностика при КБАС се изведува и регуларен RT- PCR  тест за детекција на корона SARS CoV-2 со време на изработка на примероците истиот ден до 20:00 часот. Методологијата и сензитивноста за двата типа молекуларни тестови е идентична. Двата се молекуларни PCR-процеси (во отворен или затворен систем) кои во реално време ни овозможуваат детекција на специфичен таргет - целен ген од SARS-CoV-2 вирусот.

Серолошките Covid-19 IgG/IgM рапид тест се врши преку примерок од крв за детекција на антитела IgG/IgM како резултат на претходен контакт со вирусот SARS-Cov-2. Овие тестови се набавени од компанијата „Систина фармација“ преку холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а таа компанија е ексклузивен дистрибутер на тестовите Biozek произведени од Inzek International Trading B.V, компанија која е исто така од Холандија. Оваа набавка на болницата, целосно правно регулирана и потврдена, беше базирана на нашите информации дека овие тестови за производство и употреба се одобрени од холандското Министерство за здравство, а КБ „Аџибадем Систина“ има и директна потврда дека конкретниот бренд на тестови има добиено потврда за професионална употреба и активно се користи во ЕУ, Велика Британија, Русија, Америка и во други земји кои важат за земји со исклучително ограничувачки и претпазливи регулативи во здравствениот систем. Конкретно, во Велика Британија се набавени и се во употреба 250.000 тестови Biozek, а повеќе од 5 милиони тестови од овој бренд се дистрибуирани и се користат во повеќе земји низ целиот свет. Овој бренд на тестови во CIBG (Министерството за здравство на Холандија) е регистриран под бројот 000010557911,под името Inzek international trading, а во нашата земја во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) овој бренд на тестови е одобрен и има добиено решение за запишување во регистарот на медицински средства со број 14-3559/2.

Колкав профит имате од тие тестови?

Ѓунсој: Целта на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ да воведе тестирање за детекција на Ковид-19 е да придонесе во спречувањето на ширењето на коронавирусот, за што имаме одговорност и обврска како здравствена институција и тука нема простор за остварување на каков било бизнис-интереси. Па оттука, сакам да потенцирам дека во „Аџибадем Систина“ како веќе докажана сериозна здравствена институција се извршуваат оперативни зафати кои чинат и по десет пати повеќе од вкупната вредност на сите тестови заедно. Ова ви го кажувам како пример за подобро да ви отсликам и уште еднаш да потенцирам дека намерата не е профитирање туку придонес за што побрзо и поуспешно справување со коронавирусот. Во борбата со Ковид-19 „Аџибадем Систина“ придонесе и со повеќе донации на опрема, како и отстапување на хотелите „Ibis Skopje City Center“и „  „Ibis Styles“  на нашиот партнер „Орка холдинг’ како центри за изолација,  во кои досега се реализирани близу 8.000 ноќевања и чии капацитети се сè уште исполнети.


Колкав беше интересот за нив, колку тестови досега се направени?

Ѓунсој: Интересот за тестирање е навистина голем, особено за новиот брз молекуларен тест, чии резултати се добиваат до 60 минути, но паралелно и понатаму секојдневно се вршат и тестирања со стандардниот PCR-молекуларен тест и серолошките тестови. Досега вкупно се направени над 4.500 тестирања. Пациентите имаат доверба во нашиот бренд и знаат дека кај нас добиваат најпрофесионална услуга во секој поглед.

Какви се резултатите, колку од нив беа позитивни на антитела и што докажува тоа?

Ѓунсој: Резултатите од досега спроведените серолошки тестови во „Аџибадем Систина“ покажуваат дека 19 проценти од лицата кои биле тестирани имаат антитела на вирусот. Овој процент само ја потврдува потребата од масовно тестирање на населението, бидејќи голем дел од тестираните кои се позитивни се без симптоми на болеста и се всушност најопасните пренесувачи на коронавирусот. Серолошките тестови се од голема важност за да се процени имунолошкиот статус на населението.

Имате ли соработка со надлежните институции во земјава, со Министерството за здравство, и каков е нивниот став во однос на тестовите кои вие ги правите?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште од првиот ден од прогласувањето на епидемија, а потоа и пандемија на SARS-CoV-2 ги следи и применува препораките на Министерството за здравство. Заедно со компанијата „Орка холдинг“ бевме првите кои ги отстапија хотелите за државни карантини во кои 24 часа медицински лица од „Аџибадем Систина“ се грижеа за луѓето во изолација. Уште на почетокот ги отстапивме сите свои слободни капацитети и респираторни машини со цел да се зајакне капацитетот за сместување на пациенти со Ковид-19. Понудивме и целосно опремени 5 мобилни болници со вкупен капацитет од 70 легла. Ги спроведуваме сите мерки и безбедносни протоколи за комплетна заштита од коронавирусот, како на вработените така и на пациентите и посетителите на болницата.

Во однос на спроведувањето на тестовите, исто така сакам да потенцирам дека лабораторијата каде што се изведуваат тестовите работи според светски признаени стандарди и е верифицирана од комисија на Министерството за здравство, со што ги исполнуваме сите критериуми за безбедност и квалитет на нивна изработка.


Многу држави веќе почнаа со масовни скрининзи на населението токму со овие тестови, а овде здравствените власти исто така најавуваат масовно тестирање за да се види колку граѓани впрочем го прележале вирусот. Зошто е ова важно? Дали ќе се вклучите и вие?

Ѓунсој: Според препораките на СЗО, голем број земји веќе ги спроведуваат масовните тестирања, сведоци сме дека и земјите на Балканот веќе го прават тоа. Најголемиот предизвик во спречувањето на ширењето на епидемијата со коронавирусот е откривањето на асимптоматските случаи. Ефикасен начин да се откријат овие тивки преносители е масовното тестирање со брзите серолошки тестови кои вршат детекција на антителата што организмот ги создал против вирусот. На овој начин се открива реалната бројка на заболени, и се дава можност за правилно менаџирање со епидемијата во периодот кој следи, односно постепено укинување на рестриктивните мерки.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како единствена болница која во земјава располага со три типа тестови за коронавирус нуди можност за масовно тестирање, и тоа  не само во болницата. Располагаме со обучени мобилни тимови и опрема за тестирање во кое било населено место во државата, по претходно барање на фирми, институции. На овој начин, болницата дава придонес во спречувањето на ширењето на вирусот, бидејќи е достапна за тестирање буквално на секој кој е заинтересиран.

Како ја организиравте клиниката во време на пандемија?

Ѓунсој: Искрено оваа ситуација, која беше предизвик за сите здравствени системи во светот, го промени начинот на кој живееме, секако и начинот на кој функционираа и компаниите, особено здравствените установи. Пандемијата со Ковид -19 ја промени комплетно работата на целата болница и го зголеми нивото на претпазливост на највисоко ниво. Ние подготвивме протоколи и нови процедури за работа за само неколку дена. Го ограничивме движењето низ болницата и посебната заштита. Формиравме и кризен штаб кој се среќава секојдневно, со вонредни состаноци. Менаџментот комплетно се фокусира и секојдневно анализира како да одговариме на секој предизвик. Реагиравме брзо и веднаш го променивме планот на работа со кој максимално ги заштитивме вработените и пациентите. Смените беа организирани по препораките од Министерството за здравство. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е акредитирана по JCI-стандардите кои гарантираат безбедност за пациентите и за персоналот во какви било услови. Секој може да се увери дека располагаме со сета потребна заштитна опрема и одлични услови за работа.

Го организиравте детскиот кардиохируршки оддел, а рековте дека претендирате да стане референтен центар на Балканот. Операциите кои се изведуваа и во време на пандемија, велите, ја двои болницата. Кои се идните планови, колку вакви интервенции годишно може да се изведуваат?

Ѓунсој: Детската кардиохирургија за неколку месеци функционирање испишува одлични резултати. Овој оддел го развивавме многу внимателно со искуството од „Аџибадем“ од Истанбул. Реализиравме многу тешки интервенции кај новороденчиња и деца, и тоа со успех. Навистина сме горди што за многу кратко време стануваме референтен центар на Балканот. Но, ова е само почеток, наскоро, за неколку недели овој оддел добива нов  простор, огромен капацитет, модерна детска кардиохирургија каква што досега нема на Балканот. Прва интензивна нега што ќе покрива кардио пациенти од детска хирургија и педијатрија. Пет кревети за интензивна нега (два бокса за интензивна нега во изолација со негативен притисок, како и два апартмани). Планот е сите интервенции од овој тип од сите околни земји да се изведуваат овде. Проценките се дека годишно ќе имаме околу 100 деца на кои ќе им биде изведена хируршка интервенција на срце. Значаен придонес имаат и докторите од Турција, кои своето искуство го пренесуваат тука. Заедно со д-р Владимир Чадиковски создадоа концепт за врвен детски кардиохируршки оддел. Интервенциите кои се изведуваат се покриени од државниот Фонд за здравствено осигурување. Ние и во услови на пандемија функциониравме со полн капацитет, односно непречено се одвиваа сите интервенции.


Најавувавте инвестиции и во нов поголем педијатриски центар. Може ли да се реализира сега во вакви услови?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ веќе подолг временски период е посветена на голем сериозен проект, а тоа е нов педијатриски центар кој според својот капацитет и инфраструктура ќе биде најголем во регионот. Слободно можам да кажам дека наскоро ќе профункционира нова детска клиника која целосно ќе ја покрива  патологијата кај новороденчињата и децата. Создадовме тим на професионалци, докажани доктори во својата област. Во овој центар ќе бидат ангажирани околу 30 доктори кои ќе можат да ги дадат сите здравствени услуги за најмалите. Просторот кој веќе е во завршна фаза е направен според сите светски стандарди, го опремивме со најмодерна опрема, но она што сакам да го потенцирам е дека овој центар е осмислен да биде уникатен по тоа што децата нема да се чувствуваат уплашено дека дошле на доктор. Нашата стратегија и пристап кон децата е посебен. Се внимава на сите детали, пристапот на докторите е значен. Реков дека тука ќе има сè, во вистинска смисла на зборот, поликлиника, дневна болница, стационар, ургентен центар, интензивна нега. За специфични болести, на Одделот достапен е тим педијатари супспецијалисти по кардиологија, ревматологија, хематологија, пулмоалергологија, неврологија, гастроентерологија и нефрологија.

Какви планови имате за следниот период. Ја променивте ли стратегијата за раст и плановите за работа на новата реалност? Всушност очекувате ли втор бран на вирусот?

Ѓунсој: Ние имаме навистина сериозни планови за раст. Граѓаните и нашите пациенти се свесни дека функционираме во вонредни услови во кои неизвесноста е главна карактеристика. За компаниите, пак, неизвесноста е најголем непријател, особено кога планирањето е во прашање. Сепак, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно се прилагоди на новата реалност и се надеваме дека оваа ситуација брзо ќе биде надмината. Ние влеговме во сериозен инвестициски циклус за кој веќе зборував. Нема да отстапиме и нема да има сериозни поместувања од првичните планови. Сметам дека веќе следната година ќе има тестирана вакцина со што болеста ќе биде победена.

Остануваме посветени на здравјето на граѓаните и можам да кажам дека очекувам раст на бројот на пациенти поради тоа што ние постојано инвестираме во нова опрема, модерни технологии и мултидисциплинарен метод на лекување.

Оваа година клиничката болница одбележува десет години од постоењето, период во кој докажавме дека сме здравствена установа број еден во земјава и во регионот. Тоа создава и голема одговорност дека приматот мора да биде задржан и да се докажуваме на повисоко ниво согласно брзиот развој на медицината.

Александра Томиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа