25 Ноември, 2024
0.0272

ИНТЕРВЈУ ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА: „Не“ за ветинг и колективна вина, туку лична одговорност за секој судија и член на Судскиот совет што работи незаконито

Објавено во: Македонија 22 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Довербата во прсвосудството кај граѓаните е на дното, и, според одредени истражувања, не била никогаш пониска. Во минатото бевме сведоци на повеќе судски пресуди кои дигнаа тензија и предизвикаа револт во јавноста. Колку, како искусен познавач на правото, универзитетски професор, е прифатливо за Вас да се направи еден радикален „рез“ во судството за да создадат услови за драматичен дисконтинуитет на сѐ она што досега се случуваше?

Павловска-Данева: Граѓаните немаат доверба во сопствената држава, во сите нејзини институции, не само во судството. Треба вложување многу труд и време од страна на секој поединец кој е дел од државниот систем за да се врати довербата во него. Судството не е изолиран остров кој функционира сам за себе во тој систем, напротив, тесно е поврзан со другите две гранки на власта, законодавната и извршната, како и впрочем, со целиот јавен сектор.

Затоа, не треба да бараме ексклузивни решенија за судството, особено не решенија кои се состојат во бесконечно прекројување на законите, туку да покажеме промени во правната и политичката култура. Никаков „длабок рез“ во судството нема да помогне ако паралелно не се менуваат состојбите во сите општествени области.

Сакаме квалитет во судството? Одлично. Ајде да тргнеме од податокотдека во Македонија постојат речиси дваесетина високообразовни установи кои издаваат уверенија за дипломирани и магистрирани правници. Тоа не само што е нелогично за земја колку нашава, туку е и крајно штетно, бидејќи стимулира намалување на критериумите за студирање и раѓа неквалитет, што пак во крајна линија, го подрива најпрво образовниот, а потоа и правниот систем. Доколку инспекциските органи и телата  за контрола на квалитет на високото образование функционираа како што треба, до сега ќе констатираа бројни неправилности и незаконитости во работата на голем дел од тие т.н. факултети и универзитети и ќе им ги одземеа дозволите за работа.

Што значи „длабок рез“ во судството? Носење нови закони, ветинг, реорганизација на судовите? Не мора! Доволно е да се почне со тоа што надлежните органи (Антикорупциска комисија, Управа за јавни приходи, Финансиска полиција, Управа за перење пари) ќе спроведат организирана акција за проверка на потеклото на имотот на судиите, почнувајќи од оние во највисоките судови, па се до новоизбраните во основните судови. Понатаму, да се стават на увид резултатите од редовното и вонредното оценување на судиите кое според најновите правила си го спроведуваат самите судии, повисоките судии ги оценуваат пониските. Да се повика Судскиот совет да ја извести јавноста што е преземено во однос на најслабо оценетите судии. И обратно, да се запознае јавноста со судиите кои добиле највисоки оцени за својата работа според квантитативните и квалитативните критериуми по кои биле оценувани.

Последно, а најважно, е обезбедување на сите предуслови за градење и јакнење на интегритет на судиите. Тоа е најтешкиот дел. Интегритетот е нешто што не може да се нормира со закони, тоа е дел од правната и политичката култура која ја споменав на самиот почеток. Пред некој ден, Претседателот на Владата изјави дека поголем број судии барале средба со него. Е, токму ова претставува недостаток на интегритет на тие судии - лице кое има траен мандат на една од трите функции на власта, се нуди за средба со политичар чија функција е минлива.Просто необјасниво! Добро е што не ги примил Премиерот, се надевам  следниот пат нивните имиња ќе ги пријави во Советот за судска етика. Барем да видиме дали и како функционира ова тело, за чие постоење речиси никој не знае.

Новата власт најави дека ќе побара распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, вперувајќи го на тој начин прстот кон овие две институции, како главни виновници за актуелната состојба во оваа фела. Дали сте приврзаник на ова теза, или можеби сметате дека треба да се оди уште поцврсто – со „ветинг“, што би довело до едно вистинско кадровско филтрирање кое ќе понуди можност правосудните институции во ниту еден случај да бидат слепи, кога станува збор за правдата?

Павловска-Данева: Многу пати до сега имам изјавено дека ветингот е (односно за среќа, беше) „мода“ во речникот на одредени политичари, дури и на помал број аналитичари. Потребно е да се погледнат сите анализи, извештаи на Венецијанската комисија, препораки на ГРЕКО и други меѓународни документи и лесно ќе се увиди дека ветингот се спроведува само во постконфликтни, повоени општества и во држави со енормно висок степен на организиран криминал во самото судство. Ветингот не само што е ужасно долг и ризичен процес за менување на сите судии, се разбира по претходно менување на Уставот и законите, туку има и еден многу важен недостаток од аспект на правото, па и правичноста: при ветинг разрешените судии не сносат правна одговорност, тие ја губат судиската функција, но не одговараат и кривично за делата кои ги сториле. Не мислам дека ова и е потребно на Македонија.

Јас сум поддржувач на идејата за лоцирање на индивидуалната одговорност кај секој конкретен поединец кај кого низ законска процедура ќе се утврдат сторените злоупотреби, за што ќе одговара лично. Дисциплински или кривично, во зависност од повредата на законот.

Дека треба да се бара одговорност и кај членови на Судскиот совет и дека токму од нив треба да се почне, се согласувам сосема, за ова никој нема дилеми. Драматични беа незаконитостите во работењето на Судскиот совет минатата година. Бидејќи седниците директно се емитуваат, бевме сведоци на носење одлуки без потребното мнозинство, одлуки без образложенија, насилно менување на претседател без спроведена законска постапка, исклучување на јавноста спротивно на Законот за Судскиот совет и Деловникот за работа на Судскиот совет, раководење со Советот од страна на нелегално избран „претседател“, меѓусебни јавни обвинувања за работа под влијание и бројни други аномалии. Но, што од сето тоа? Двајца судии кои не учествуваа во речиси ниту една од наброениве состојби си дадоа оставки, а оние кои работеа најнезаконито уште се на своите функции. Повторно доаѓаме до интегритетот. Го имам предвид и интегритетот на судиите надвор од Судскиот совет, кои немо гледаат, молчат и не преземаат ништо од можностите што законот им ги нуди.

Нејасно е зошто во земјава не можат да се одважат дваесет судии, па согласно Законот за Судскиот совет да потпишат барање за поведување на дисциплинска постапка на судиите кои ги претставуваат во ова тело, а работеле спротивно на закон и деловник.

Се разбира, одговорноста треба да се бара и кај членовите на Судскиот совет од редот на истакнатите правници, кои не се судии, а носеле незаконити одлуки. За нивното разрешување, надлежно е Собранието. Еве сега можност за новиот Собраниски состав, потребни се само петмина пратеници кои ќе поднесат образложено и аргументирано барање за интерпелација на оние „истакнати правници“ во Судскиот совет кои директно, на јавна седница ги гледавме како го дерогираат законот. Одлична прилика во законодавниот дом да се отвори дебата за работата на овие лица, за секој од нив да се утврди конкретна одговорност со аргументи и докази од страна на пратениците, со записници и други материјали од работењето на Судскиот совет и конечно да им се изгласа недоверба. И се ќе биде во рамките на Уставот и законите.

Колективната одговорност преку распуштање на цели органи и тела без утврдување на конкретни грешки е лош преседан. Секоја идна власт ќе има за право со една преодна и завршна одредба во било кој закон да ги распушта сите органи исклучиво од политички причини и на тој начин ќе се создаде крајно лоша пракса на директно мешање на извршната и законодавната власт во независноста на судството.

Новата власт инсистира судиите сами да ги избираат своите претставници во Судскиот совет. Па, токму тоа и сега го прават. Осуммина од петнаесет членови на Судскиот совет се од редот на судиите што тие сами си ги избраа. Во исто време кога  Собранието ја избра новата Влада, беа избрани двајца нови членови на Судскиот совет од редот на судиите: едниот е судија на Врховниот суд кој го избраа неговите колеги судии од тој суд, а другиот е судија избран од судиите од Битолското апелационо подрачје. Со која аргументација  тие би биле распуштени?  Не знаеме како работат, не се ниту еден месец на функција. Која е гаранцијата дека и да се распушти Судскиот совет, нема повторно истите судии да бидат избрани од нивните колеги во новиот состав на Советот? Според нашиот Устав, петмина членови на Судскиот совет избира Собранието од редот на истакнатите правници, а на предлог на Претседателот на државата и Собраниската Комисија за избори и именувања. Токму ним може да им се поведе интерпелација. За секој посебно, се разбира. Уште подобро ќе биде, наместо да ги менуваме Уставот и законите, предлагачите да внимаваат кого предлагаат. Да не мора биографијата на истакнатиот правник да ја пребаруваме на интернет, па ни тогаш да не ја најдеме.

Не може анонимус во струката, да биде истакнат правник во државата.

Да заклучам, распуштањето на цел еден орган без да се утврди индивидуалната одговорност на секој негов член одделно, претставува опасен и непосакуван преседан, како од политички, така и од правен аспект.

Истиот тој Судски совет влезе, според некои правни експерти, во една авантура со известувањето упатено до законодавниот дом, во кое се вели дека уставната судијка Добрила Кацарска ги исполнила законските услови за пензија, односно дека на тој начин и престанал статусот на редовен судија, проблематизирајќи ја нејзината позиција на уставна судијка. Дали е ова во ред, каков е Вашиот коментар?  Каде е тука позицијата на Уставниот суд?

Павловска-Данева: Уставниот суд донесе едногласен Заклучок во врска со ова случување. Во него јасно и недвосмислено е искажан и мојот, и ставот по ова прашање на сите судии на Судот. Јавноста беше информирана за нашиот Заклучок преку тематски одржана прес конференција со што јасно им укажавме на институциите кој какви надлежности има согласно Уставот.

Она што остана неразјаснето и недоречено е целта заради која Судскиот совет упати ваков допис до Собранието. Што се однесува до ставовите на експертската јавност, како од академската заедница, така и од невладиниот сектор, тие целосно кореспондираа со наводите во Заклучокот на Уставниот суд.

Како новоизбран судија, ме радува фактот што Уставниот суд успева да излезе од длабоката сенка на комфор и комодитет во кој работеа некои претходни негови состави. Лаичката јавност можеби и не знае дека надлежноста на Уставниот суд, за разлика од редовните судови, не е да им „пресудува“ на поединци, туку на институциите, првенствено на Собранието, Владата и општините, тогаш кога тие носат прописи спротивни на Уставот и законите. Уставниот суд е должен таквите прописи да ги укине или поништи.

Некои прописи се неуставни или противзаконски како последица на неукост на Собранието или Владата, но добар дел од нив содржат неуставни или противзаконски одредби затоа што политиката свесно сака да се наметне врз правото, затоа што партиските цели одредени политички чинители ги сметаат за приоритет во однос на принципите на правниот поредок. Затоа, политичките елити често имаат интерес да прибегнат кон замолчување на Уставниот суд преку заплашувања, притисоци, трговија со влијание и слично, а од судиите зависи колку ќе подлегнат на овие предизвици. Да потсетам, пред повеќе од десет години судија на Уставниот суд беше лустриран и разрешен од функцијата спротивно на Уставот, но Уставниот суд тогаш молчеше. Европскиот суд за човекови права во Стразбург одлучи во полза на судијата, но таква одлука не беше донесена во Македонија.

Сакам да верувам дека никогаш повеќе Уставниот суд нема да одмолчува не само неуставни закони, туку и дејствија на политичарите, а притисоците исто како и митото - се прават или даваат на оние што тоа го бараат и дозволуваат.

Овие денови како институција влеговте во една јавна преписка со Здружението на судии поврзано со судските плати. Тие реагираат на Ваша одлука со која практично се потврдува законското намалување на коефициентите за пресметка на платите за судиите, иако реално тие се поголеми, поради повисоката основа за пресметка. Дали сметате дека судиите се реално платени и колку нивните приходи влијаат на зголемувањето на корупцијата во судството?

Павловска-Данева: Не сметам дека судиите се реално платени за улогата што треба да ја имаат во едно општество. Ниту пак јавните обвинители. Сметам дека платата на судија, особено во повисоките судски инстанци, треба да биде далеку поголема од платата на министер и градоначалник, од платата на пратеник, исто така. Меѓународните стандарди бараат државите да обезбедат плати за судиите кои од една страна ќе соодведствуваат на економските услови во земјата, но истовремено нема да претставуваат девалвација на достоинството и угледот на судиската функција, ниту пак ќе остават простор за влијанија и притисоци врз судиите заради нивната фрагилна финансиска состојба.

Но, овој мој став нема никаква врска со прашањето за уставноста на намалувањето на коефициентот за пресметување на платите на судиите направено со измените и дополнувањата на Законот за платите на судиите. Целисходност и законитост или уставност се две потполно различни работи. Само ова второво е предмет на надлежност на Уставниот суд.

Здружението на судии на Македонија, според мене, покажа субјективност во реакцијата по повод одлуката на Уставниот суд да не биде прифатена нивната иницијатива со која би се зголемиле платите на судиите, па дури и доза на суета, а истовремено,  отсуство на секаков вид правна аргументација.

Имено, Здружението на судии со неверојатна леснотија изнесе политички (наместо правни) квалификации за работата на Уставниот суд кој наводно со одлуката да не ги укине одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите сакал да и се додвори на власта. Ваквата изјава најверојатно звучи фино, па дури и „моќно“ за секој судија кој посакува поголема плата за својот труд. Но, она што недостасува се правните аргументи на кои таа би требало да се базира. Одлуката на Уставниот суд се повикува на бројни одлуки на Европскиот суд за човекови права во кои се констатира дека државите не сториле повреда на меѓународното право кога со закон ги ограничиле или намалиле платите на судиите доколку тоа не било сторено селективно, дискриминирачки и било во согласност со економските прилики на државите. Исто така, седниците на Уставниот суд се отворени за јавноста, ние бевме убедени дека претставници на Здружението на судии ќе присуствуваат на Седницата кога се расправаше за нивната иницијатива, тоа изненадувачки, не се случи. Поинаква ќе беше состојбата ако Здружението ја проследеше нашата расправа, сега ќе можеа јавно да ги дебатираат и спорат изнесените аргументи на судиите на Уставниот суд. Уште нешто многу важно, Здружението на судиите изјави дека одлуката на Уставниот суд ќе ја оспори пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург, но ќе мора да имаат предвид дека одлуки на Уставни судови за апстрактна контрола на уставноста на законите како такви, не се предмет на одлучување на ЕСЧП. Да, може да ја тужат нашата држава во Стразбург, но не Одлуката на Уставниот суд како таква.

Сосема за крај, како правник, универзитетски професор и судија, ме радува секој активитет на судската фела, особено ја почитувам и поттикнувам активната улога на Здружението на судии на Македонија како важен чинител на состојбите во македонското судство. Но, посакувам ваква гласност и видливост Здружението да покаже не само кога се работи за платите на судиите, туку и за платите на нивните стручни соработници во судовите кои не беа покачени тогаш кога се зголемија функционерските плати, или кога се носат закони направени за поединци како што беше случајот со измените на Кривичниот законик, или кога се разрешуваат и унапредуваат судии под сомнителни околности и без образложение на одлуките, или, пак, кога политичката јавност се залага за колективно распуштање на органи што се дел од правосудниот систем на државата. Не мора секогаш да се критикува, одредени предлози и решенија може и да се поддржат, само да не се молчи. Особено е важно да се слушне ставот на Здружението на судиите на Македонија во однос на последната анонимна анкета на судиите спроведена од ОБСЕ според која тие изјавиле дека трпат најголеми влијанија и притисоци врз својата работа и одлучување од страна на колегите, претседателите на судовите и судиите од повисоките судови, а најмалку од политичките партии. Да заклучам, има многу позначајни проблеми од платите кои директно или индиректно го тангираат судството, а за чие решавање должни сме да дадеме придонес сите ние.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа