01 Декември, 2024
0.0294

ИНТЕРВЈУ СО АЛФРЕД КАМЕР ОД ММФ: Економијата ќе расте кога ќе ја намалите бирократијата и ќе ги зголемите продуктивните инвестиции

Објавено во: Економија 07 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

Советите и предлозите од нашиот повеќедецениски економски и финансиски ментор, Меѓународниот монетарен фонд, секогаш биле добредојдени за земјава. Нивните предлози за чесно и одговорно работење и за разумно трошење на народните пари, доколку навреме се прифатени, сигурно ќе доведат до посилен и побрз економски напредок на Македонија. Деновиве гостин на земјава беше Алфред Камер, директор на ММФ за Европа, како учесник на Десеттата меѓународна конференција, организирана од Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс. Фактор направи ексклузивно интервју со Камер, добивајќи од него многу јасни и прецизни одговори за тоа каде сме добри - а каде не, економски, и што мора итно да поправиме за да достигнеме повисоки стапки на раст и повисок животен стандард. Во однос на земјава, директорот на ММФ за Европа вели дека Северна Македонија беше погодена од кризата со Ковид и високите цени на енергијата многу потешко од другите земји, а како главни причини за нашиот понизок економски раст го лоцира слабото владеење на законот, бирократијата и високите нивоа на неформалност. Инфлацијата во Северна Македонија беше една од највисоките во регионот, вели Камер, но истакнува дека нашата Народна банка помогнала успешно да се намали, намалувајќи ја од 19,8 проценти во октомври 2022 година на 2,2 проценти во август годинава. Сепак, ризиците сè уште постојат, а на Народната банка и предлага да ги следи чекорите на Европската централна банка. Повеќе детали за овие и други клучни економски и финансиски теми во земјава прочитајте во интервјуто на Фактор со Алфред Камер, директор на ММФ за Европа

Господине Камер, каква е Вашата оценка за економската состојба во земјава, и како гледате на нашите економски перформанси во споредба со другите земји од регионот? Бруто домашниот производ се уште има низок раст, на крајот на вториот квартал тој бил со стапка од 2,3 отсто, па би Ве прашала кога очекувате дека ќе ги добиеме оние стапки од 5 до 6 отсто во континуитет, што би ни помогнало, пак, да го подобриме просечниот животен стандард на граѓаните?

Камер: Економијата на Северна Македонија се соочи со подлабоки лузни од неодамнешните шокови - пандемијата Ковид-19 и порастот на цените на енергијата - отколку земјите од регионот, со реален БДП околу 10 проценти под претпандемичните трендови во споредба со просечните 4 проценти во регионот на Западен Балкан. Некои од послабите економски остварувања на Северна Македонија може да се објаснат со нејзините структурни карактеристики. Земјата во голема мера се потпира на увозот на енергија и има економија ориентирана кон производството, што ја прави поранлива на повисоки цени на енергијата и послаба надворешна побарувачка, особено, економското забавување во ЕУ, најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, ги намали можностите за локалните фирми да извезуваат стоки и да растат, што дополнително ќе влијае на нејзиниот вкупен економски раст. Инфлацијата, којашто централната банка успешно ја намали, беше една од највисоките во регионот и влијаеше на куповната моќ на потрошувачите. Исто така, постојат повеќе долготрајни структурни фактори коишто го ограничуваат растот. Конкретно, стапката на јавни инвестиции (како дел од државните приходи) во изминатите 10 години е најниска во регионот, а емиграцијата е висока, што создава недостиг на работна сила и вештини во некои сектори. Слабото управување и владеење на правото, високата корупција и високите нивоа на неформалност негативно влијаат на деловната клима.

Иако растот се зголеми оваа година, тој останува далеку под стапката потребна за да се затворат овие јазови со земјите од регионот.

Значи, што може да направи Северна Македонија за да ги постигне своите цели за подобрување на просечниот животен стандард на граѓаните?

Зголемувањето на продуктивноста е од суштинско значење - ова може да се постигне со намалување на корупцијата и поедноставување на бирократските процедури за да се создаде попријатна деловна средина.

Важно е да се даде приоритет на инвестициските проекти коишто ја зголемуваат продуктивноста. Инфраструктурните проекти, особено на локално ниво, можат да ги катализираат приватните инвестиции и да помогнат во ширењето на економските придобивки надвор од Скопје.

Зајакнувањето на собирањето даноци и борбата против неформалноста и проширувањето на формалната економија ќе и обезбеди на државата дополнителни даночни приходи и ќе создаде фискален простор којшто е потребен за поддршка на овие инвестиции.

На пазарот на трудот, справувањето со неусогласеноста на вештините преку подобрување на образовниот систем и модернизирање на стручното образование може да има двојна дивиденда од подигање на потенцијалот на економијата и задржување на талентите на локалниот пазар на труд, наспроти странската побарувачка за работна сила.

Енергетските реформи се важни. Со модернизирање на домашното производство на енергија и проширување на обновливите извори како што се хидроенергијата и ветарот, Северна Македонија може да го зазелени својот енергетски сектор и да ја намали зависноста од енергетскиот увоз.

Конечно, од клучно значење е конзистентноста, консензусот и соработката меѓу носителите на политиките за важните цели, приоритетите и политиките.

Јавниот долг, според последниот податок, ја надминува онаа критична црта од 60 отсто од БДП, какви се Вашите совети во тој дел, во смисла како да се задоволат сите буџетски потреби, а притоа да не се избега од патот на финансиската консолидација?

Камер: Кредибилна, постепена среднорочна фискална консолидација, водена од фискалните правила на Северна Македонија, е од клучно значење. Одржувањето на прудентен фискален пат којшто се усогласува со одржливоста на долгот ќе ја зголеми довербата на инвеститорите, ќе ги намали трошоците на позајмување и ќе помогне да се стабилизира инфлацијата. Има простор да се зголемат приходите и да се зачува просторот за приоритетни трошења.

Зголемувањето на приходите може да се постигне со подобрување на даночната администрација и даночната усогласеност, вклучително и преку намалување на сивата економија. Капиталните трошења треба да бидат приоритетни и доколку се трошат ефикасно, може да се натрупаат инвестиции во приватниот сектор за да се поттикне долгорочен економски раст. Зајакнувањето на системот за управување со јавните инвестиции ќе помогне да се изберат и спроведат проекти со големо влијание, што дополнително ќе го поддржи растот, а истовремено ќе ги задржи трошоците. Останатите фискални структурни реформи, како што е поврзувањето на растот на јавните плати со продуктивноста и трошоците за живот, заедно со механизмот за прилагодување на пензиите заснован на правила, може да помогне да се задржат тековните расходи. Целосното постепено укинување на нетаргетираните енергетски субвенции, истовремено зајакнување на таргетираната поддршка за ранливите домаќинства, ќе донесе заштеди во буџетот и ќе ја подобри енергетската ефикасност.

Последните бројки на нашата Статистика говорат дека во август трошоците на живот пораснале за 2,2 отсто, што изгледа како своевидно смирување на силниот инфлациски бран, но факт е дека граѓаните и натаму се соочуваат со екстремно високи цени. Како ги цените мерките и потезите кои ги презема нашата Народна банка во сузбивање на инфлацијата и дали и како тие влијаат на стабилизирање на овие состојби?

Камер: Намалувањето на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,2 отсто до август 2024 година е клучно достигнување, главно благодарение на одлучувачките зголемувања на стапките на централната банка. Сепак, иако инфлациските притисоци се намалија, значителните ризици остануваат. Глобалните несигурности, вклучително и нестабилните цени на енергијата и геополитичките тензии, бараат од централната банка да остане внимателна и да ги користи сите достапни алатки - како што се прилагодувањата на каматните стапки, девизните интервенции и мерките за управување со ликвидноста - за да ги задржи инфлациските очекувања закотвени. Континуираниот силен раст на номиналните плати, исто така, може да изврши притисок врз цените. Фискалните власти мора да работат во тесна координација со централната банка, бидејќи експанзивните фискални мерки може повторно да ги разгорат инфлациските притисоци, потенцијално да ги откотват инфлациските очекувања и да го сменат неодамнешниот напредок. Ова е особено важно со оглед на монетарното олеснување на еврозоната, коешто тесно влијае на монетарната политика во централната банка на Северна Македонија поради фиксниот девизен курс. За да се одржи стабилноста на девизниот курс, од клучно значење е монетарната политика на Северна Македонија да се движи во координација со активностите на Европската централна банка, обезбедувајќи усогласување со случувањата во еврозоната и минимизирање на потенцијалните економски нарушувања.

Учествувавте на Десеттата меѓународна конференција, во организација на Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс. Колкава е улогата на транспарентноста во зголемувањето на кредибилитетот и независноста на централната банка и колку тоа влијае на намалување на инфлациските притисоци и одржување на стабилноста на девизниот курс?

Камер: На конференцијата истакнав дека независноста на Народната банка е клучниот фактор за нејзиниот успех. Според нашата анализа во ММФ, Народната банка е рангирана меѓу највисоките во регионот и цела Европа во новоизработениот Индекс на независност на централните банки. Способноста на Народната банка да работи без политичко мешање ѝ овозможи да носи тешки, но неопходни одлуки, како неодамнешните зголемувања на каматните стапки, коишто ја зголемија атрактивноста на штедењето за домаќинствата и претпријатијата, а со тоа успешно ја намалија инфлацијата.

Политичките притисоци, од друга страна, може да го поткопаат кредибилитетот на централната банка, особено кога постои искушение да се даде приоритет на непосредните политички придобивки пред долгорочната стабилност на економијата. На пример, намалување на каматните стапки со ризик да се разгори инфлацијата. Непристрасните, политички неутрални назначувања на носителите на политиките засновани на заслуги се исто така од клучно значење за заштита на автономијата на банката, дозволувајќи им на одлуките да се носат без непотребно надворешно влијание. Се разбира, оваа независност мора да оди рака под рака со транспарентност и отчетност. Овде, неодамнешното доброволно учество на Северна Македонија во Прегледот за транспарентност на централните банки на ММФ - првата централна банка во регионот, исто така ја одразува нејзината посветеност на високите стандарди за транспарентност. Општо земено, зачувувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се обезбеди нејзин континуиран фокус на контрола на инфлацијата и одржување на финансиската стабилност коешто ќе придонесе за поддршка на растот и довербата во економијата за домашните и странските инвеститори.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ТЕСЛА ОСТАНУВА ЛИДЕР ВО ИНДУСТРИЈАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ - сепак, кинеските производители им дишат во врат

ТЕСЛА ОСТАНУВА ЛИДЕР ВО ИНДУСТРИЈАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ - сепак, кинеските производители им дишат во врат

Нова платформа за дијалог и идеи: Започна подкастот „Бизнис клуб“ со Бранко Азески

Нова платформа за дијалог и идеи: Започна подкастот „Бизнис клуб“ со Бранко Азески

„РАБОТИМЕ СО ОНА ШТО ГО ИМАМЕ, ПРАВИМЕ СЀ ЗА ДА ОБЕЗБЕДИМЕ СТРУЈА ЗА СЕКОЈ ДОМ“ - еве што и кажал работник со 40 годишно искуство на министерката Божиновска

„РАБОТИМЕ СО ОНА ШТО ГО ИМАМЕ, ПРАВИМЕ СЀ ЗА ДА ОБЕЗБЕДИМЕ СТРУЈА ЗА СЕКОЈ ДОМ“ - еве што и кажал работник со 40 годишно искуство на министерката Божиновска

КОЛКУ ЌЕ ПОСКАПИ СТРУЈАТА - граѓаните ја очекуваат утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика

КОЛКУ ЌЕ ПОСКАПИ СТРУЈАТА - граѓаните ја очекуваат утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика

СИТЕ ИМ ВЕЛЕА ДЕКА ЌЕ ПРОПАДНАТ, А ПОТОА СТАНАА КОЛОСАЛЕН ХИТ НА ПАЗАРОТ - еве ја приказната на познат јапонски инженер

СИТЕ ИМ ВЕЛЕА ДЕКА ЌЕ ПРОПАДНАТ, А ПОТОА СТАНАА КОЛОСАЛЕН ХИТ НА ПАЗАРОТ - еве ја приказната на познат јапонски инженер

ОВАА ЖЕНА ЗАРАБОТУВА НАД 70.000 ДОЛАРИ ПРЕКУ ЕДНА ОД НАЈБАРАНИТЕ РАБОТИ ВО САД - еве како изгледа еден нејзин работен ден

ОВАА ЖЕНА ЗАРАБОТУВА НАД 70.000 ДОЛАРИ ПРЕКУ ЕДНА ОД НАЈБАРАНИТЕ РАБОТИ ВО САД - еве како изгледа еден нејзин работен ден

ВЕСТИ ОД ГЕРМАНИЈА: До 2030 година се планираат дури 10.000 возила без возачи

ВЕСТИ ОД ГЕРМАНИЈА: До 2030 година се планираат дури 10.000 возила без возачи

ИНА ОВАА ГОДИНА Е НАЈПРОФИТАБИЛНА РЕГИОНАЛНА НАФТЕНА КОМПАНИЈА - еве како работеа другите нафтени играчи

ИНА ОВАА ГОДИНА Е НАЈПРОФИТАБИЛНА РЕГИОНАЛНА НАФТЕНА КОМПАНИЈА - еве како работеа другите нафтени играчи

ПАНИКА ВО РУСИЈА? Путин ги смирува граѓаните

ПАНИКА ВО РУСИЈА? Путин ги смирува граѓаните