28 Ноември, 2024
0.2018

ИНТЕРВЈУ ТОНИ ПОПОВСКИ: Националната развојна стратегија е цврсто определена за сеопфатно финансирање на јавните услуги

Објавено во: Интервјуа 19 Јули, 2023

Добивај вести на Viber

Зад себе имате три децении професионално искуство со фокус на локалната самоуправа и територијалниот развој. Состојбите во оваа област можевте одблиску да ги согледате уште како министер за животна средина и просторно планирање, а потоа и како учесник во низа проекти поврзани со децентрализацијата. Активно придонесувате во креирањето на Националната развојна стратегија, па оттука и потребата од ваш став за оваа тема која има суштинско значење за идниот развој на Северна Македонија.

Македонскиот модел за финансирање на општините е речиси идентичен со европскиот, но во реалноста не се реализира целосно прокламираната фискална децентрализација во насока на обезбедување доволно финансии за спроведување на пренесените надлежности. Во суштина на креирањето на НРС е токму потребата од надминување на овој предизвик и создавање услови за рамномерен регионален развој, па оттука и прашањето во која насока би требало да бидат промените во овој сегмент?

Поповски: Локалната самоуправа во Северна Македонија е едностепена. Имаме 80 општини и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Одредбите од Повелбата за локалната самоуправа на Советот на Европа се безмалку целосно транспонирани во Законот за локалната самоуправа од 2002 година. Врз основа на овој закон е извршен симетричен трансфер на надлежности на сите општини без оглед на нивната типологија, а низ процесот на децентрализација беа пренесени и низа установи со вработените лица, како што се основните и средни училишта, детските градинки, неколку домови за стари лица и дел од мрежата на установите од областа на културата.  Со цел ефективно да се адресираат диспаритетите во човечки и финансиски капацитети меѓу општините беа донесени Законот за меѓуопштинска соработка и Законот за рамномерен регионален развој. Сепак, широкиот обем на пренесени надлежности барем до овој момент не е проследен со доволно финансиски средства за нивно спроведување. Оттаму и потребата од продлабочување на фискалната децентрализација и приближување кон просечните приходи  од БДП на општините во ЕУ27. Повеќе години наназад општинските приходи/расходи кај нас се движат во распон од 5 - 6 отсто од БДП, а просекот во ЕУ27 е консолидиран на приближно 11,2 отсто. Транзицијата кон сегашниов просек во ЕУ27 треба сериозно да се осмисли имајќи предвид дека ќе има пошироки импликации, односно ќе треба уште еднаш да се оцени распределбата на надлежности и системот на финансиски и капитални трансфери и  притоа да  се земат предвид и целите на реформата на јавната администрација во смисла на зголемена ефикасност и продуктивност но и неопходна рационализација преку спојувања на државни институции. Треба да се води сметка за осигурување доволно средства за ефикасно вршење на клучните функции на општините и на државата. Тоа упатува на синхронизирано спроведување на реформите на јавната администрација и на системот на локалната самоуправа. Целта треба да биде воспоставување на интегриран, правичен, транспарентен и предвидлив систем на дотации од централниот Буџет, со вградена компонента за финансиско воедначување  - заснована на реална проценка на расходи за испорака на локалните услуги,  оценка на фискалниот потенцијал на секоја општина за собирање на сопствените приходи како и на вложениот фискален напор и финансиската успешност. Новитет поврзан со подготовката на Националната развојна стратегија е цврстата определба за сеопфатно финансирање на јавните услуги, од општински, национални и меѓународни јавни и приватни фондови, како и промовирање на иновативни извори за финансирање на приоритетите предвидени во стратегијата.

Потребата од зголемување на квалитетот на локалните услуги, односно нивното постепено приближување до европските стандарди е меѓу приоритетите на територијалниот развој, но е истовремено и стратешка цел и мисија на НРС. Како и во која насока треба да се  реализираат чекорите од кои на крајот најмногу треба да биде задоволен граѓанинот?

Поповски: Неопходно е создавање на овозможувачка околина за општините и нивните установи и јавни претпријатија, сочинета од адекватна нормативна и институционална рамка и соодветна алокација на ресурси  - човечки, финансиски и други. Особено внимание треба да се посвети на помалите и претежно рурални општини кои не ги спроведуваат сите пренесени надлежности. Нивното население како целина или во одреден дел е лишено од општински услуги во областите на културата, социјалната заштита и заштитата на децата и противпожарната заштита, или истите не ги добива со воедначен квалитет.  Сериозен предизвик за помалите општини е и опфатотна корисници и квалитетот на комуналните услуги. Треба да се напомене дека децентрализацијата на надлежностите во областите на локален економски развој и социјална заштита иако е предвидена со Законот за локалната самоуправа, не е целосно спроведена. Најсилните инструменти, институционални капацитети и изворите на финансирање се’ сеуште централизирани. Иако се најблиску до граѓаните, општините не се во состојба поради низок фискален капацитет и недостаток на финансиски инструменти и човечки ресурси, позначајно да помогнат за зголемување на стапката на вработеност, зголемување на одржливоста и конкурентноста на локалната економија, да им помогнат на најранливите категории на граѓани во смисла на специфични и одржливи социјални услуги покрај паричната помош, вклучувајќи и мерки за поддршка на младите за влез на пазарот на труд, поддршка за женското претприемништво (особено во руралните средини), и други иновативни мерки во насока на озеленување и дигитализација на локалната економија и услуги. 

Колкава е меѓусебната условеност меѓу економската активност на општините и трендот на иселување? НРС ја мапира појавата на празнење на селата и помалите градови како исклучително загрижувачка, но истовремено проектира и сеопфатен пристап.Каде го препознавате „клучот“ за надминување на оваа состојба?

Поповски: Пописот на населението и домаќинствата го потврди негативниот тренд на миграции (внатрешни и надворешни) особено во руралните општини како и во руралните подрачја на урбаните општини. Мерките кои се спроведуваат за поддршка на руралниот развој и зголемување на атрактивноста на руралните подрачја сеуште не создаваат соодветни позитивни ефекти.  Дел од руралните подрачја имаат објективни развојни хендикепи како нагласен дефицит на  работоспособно население, ограничени природни и стопански ресурси, неповолни географски карактеристики, предизвици поврзани со квалитетот на руралната инфраструктура и сл. Овие подрачја ги напуштаат претежно младите лица, а директна последица е стареењето на населението. Од своја страна, намалувањето на економската активност предизвикува пад на сопствените приходи во руралните општини и се одразува на квалитетот и опфатот на локалните услуги.  Овој предизвик може да се адресира само низ спроведување на силни активни мерки за демографски развој, со кои ќе се поттикне задржување на населението, а особено на младите и доселување во овие подрачја. Во овој контекст, неопходно е руралната капитална инфраструктура постепено но систематски да се обновува и да се развива пред се со континуирана поддршка на државата. 

Се чини дека диспаритетите  меѓу општините секоја година сè повеќе се продлабочуваат. Највпечатлив пример е Скопје во којшто живее повеќе од половина од населението, поради што според исказите на учесниците на Визионерските работилници, состојбата е на „граница на издржливост“. Како да го поттикнеме обратниот процес во претстојните години? Како територијалниот развој да биде еднаков и да се однесува на сите осум плански региони во државата?

Поповски: Констатацијата е точна и најбрзи позитивни ефекти можат да се постигнат преку доследно спроведување на одредбите од Законот за меѓуопштинска соработка и Законот за рамномерен регионален развој како и на Стратегијата за регионален развој која е со плански период до 2031 година. Притоа, на кус рок треба да се зајакне финансиското стимулирање на меѓуопштинската соработка од страна на државата, а инвестициските програми на државата и капиталните трансфери, доследно да се спроведуваат согласно со Индексот за регионален развој. Целта е да се овозможи постепен премин од нагласено моноцентричен кон полицентричен територијален развој. Иако овој негативен тренд на моноцентричен развој е забавен во последната декада, сепак продолжува да претставува сериозен предизвик за постигнување одржлив и рамномерен развој на Република Северна Македонија. Од полза би било да се создадат целосно функционални партнерства за спроведување на мерките од Стратегијата за регионален развој и со неа да се усогласат целите, приоритетите и мерките во секторските политики. Во овој контекст при подготовка на Националната развојна стратегија неопходно е да се земат предвид и заложбите на Стратегијата за регионален развој за создавање на порамномерно социо-економски развиени, еколошки одржливи и конкуренти плански региони низ посилно стимулирање на приватните инвестиции во синергија со јавните инвестиции во планските региони кои заостануваат во развојот.

Одржливи отпорни населби, урбанизам по мерка на човекот, квалитетен амбиентален воздух, чиста вода, зелена политика...Сите претставуваат основни цели на секоја општинска власт, но се и во фокусот на НРС. Кои се опциите во однос на тоа да се обезбеди баланс меѓу здравата  животна средина и засилениот економски развој?

Поповски: Прашањето е исклучително комплексно но има опции за да биде ефективно адресирано. Притоа, треба предвид да имаме дека климатските промени и деградацијата на животната средина и природата се егзистенцијална закана која се манифестира преку зачестени природни настани со потешки последици по луѓето и инфраструктурата. Овие феномени директно влијаат врз здравјето на луѓето и посредно влијаат врз економските состојби имајќи ги предвид зголемените трошоци кај здравствените услуги но ги исцрпуваат и ресурсите кои се неопходни за вршење на економски активности во поодделни сектори и гранки, особено во руралните подрачја.

Во моментов отсуствува интегриран и добро организиран пристап за локализирање на климатската акција иако на општините им се пренесени релевантни надлежности во урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој и  енергетската ефикасност.  Предизвиците во овој домен се комплексни и поради големиот инвестициски заостаток кој во областа на управување со води се проценува на приближно 1.5 милијарди Евра, кај управувањето со отпадот на над 300 милиони Евра, за обезбедување квалитет на амбиентниот воздух проценките се дека се неопходни минимум 1.2 милијарди Евра, надоврзано и со други поврзани инвестиции за заштита на биолошката раззновидност, дигитализација на тековите на отпад, прилагодување на индустријата и сл. Во подолг временски период јавните инвестиции приоритетно се насочуваат во енергетиката и изградбата на патната инфраструктура, па оттаму и потребата од сериозно и долгорочно планирање како и континуирано спроведување на инвестиции за развој на еколошка и комунална инфраструктура. За таа цел неопходно е да се интегрираат климатските цели и целите на заштитата на животната средина и природата во другите секторски политики на национално ниво како што се земјоделството, транспортот, енергетиката, индустриска политика, даночните политики преку стимулирање на еколошки одговорно однесување итн. Претстои носење на Закон за климатска акција и Стратегија за климатска акција каде се очекува допрецизирање на улогата на општините и планските региони.

Поврзано со економскиот развој неопходно е да се дефинира улогата на општините и планските региони во создавањето на нов економски модел – Зелена економија со пазар за чисти технологии и производи, проследено со генерирање на нови и квалитетни  зелени работни места. Доколку умешно се планираат и водат, инвестициите во еколошката инфраструктура и други мерки за заштита на животната средина симултано ќе допринесат за исклучително позитивни економски ефекти како по однос на заживување на специфични сегменти на пазарот (градежништвото, примената на нови технологии и други гранки), така и по однос на подигнување на додадената вредност во содржината на локално произведените добра и услуги, засилувајќи ја на тој начин конкурентноста на локалната економија но и економијата на државата во целина. Токму поголемата конкурентност со т.н. „еко“ услуги и производи и преминот кон „циркуларна економија“ ќе ја олесни целокупната транзиција на постоечкиот економски модел на државата кон зелен развоен модел заснован на извоз. Во спрега со развојот на човечкиот капитал преку стекнување на специфични напредни знаења и вештини ќе се придонесе за отворање нови и квалитетни „зелени“ работни места. Во контекст на моделот на зелена економија и енергетика, неопходно е да се осигура праведна транзиција. Истовремено, нашата индустрија треба да се прилагоди на европското законодавство поврзано со емитување на штетни емисии од индустријата, покрај одредбите за соодветно управување со индустрискиот отпад. Воочени се социјални ризици за зголемена невработеност, осиромашување на населението и сл., во подрачја и општини каде е предвидено да се затворат рударско - енергетски капацитети/постројки или има индустриски постројки кои се соочени со потешкотии во исполнување на зелените стандарди. Ова е предизвик кој треба навремено и систематски да се адресира преку редизајнирање на индустриските, климатските, енергетските и социјалните политики вклучувајќи ги и политиките поврзани со пазарот на труд.

Не помалку значајна е и потребата од модернизирање на пристапот за просторно и урбанистичко планирање и негово усогласување со климатските и зелените политики. Тековните урбанистички решенија генерираат висок јаглероден отпечаток и општо негативно влијание врз квалитетот на животната средина во населените места. Неопходна е нова генерација на просторни и урбанистички планови во кои ќе се применат најсовремени стандарди за  воведување зони со ниски нивоа на емисии во градовите, локални политики за паркирање во загадените зони, поинтензивно зазеленување на населените области и воспоставување зелени зони, коридори и бариери околу индустриските објекти и фреквентните патишта, засилена заштита и развој на урбаното зеленило и рекреативните области и сл. Во овој контекст треба да се ревидираат сообраќајните решенија во населбите со цел да се создадат услови за непречено пешачење и возење велосипед (посебни брзи ленти и др.) и за користење други средства за транспорт коишто не предизвикуваат загадување на воздухот.

Еден од позначајните фактори кои оневозможуваат повисок степен на отпорност на нашите населени места е и фрагментираниот систем со повеќе институции кои се одговорни за заштита и спасување на граѓани и добра, управување со кризи, мониторинг и рано предупредување со нагласено субординирана улога за општините и нивните противпожарни единици  и јавни претпријатија, иако вообичаено токму локалните институции се први кои одговараат на настаната кризна состојба. Последица е отежнатиот, недоволно ефикасен и ефективен одговор на кризни состојби и природни несреќи. Оттаму и потребата од воспоставување интегриран и  ефикасен систем за цивилна заштита, компатибилен со системот на цивилна заштита на ЕУ.

Треба да се напомене и дека во Републиката имаме тренд на негативни влијанија врз биолошката разновидност, кој е последица на непланска пренамена на шуми, пасишта и обработливо земјиште за економска активност и прекумерна економска експлоатација на природните ресурси. Директна последица е намалувањето на бројот и разновидноста на видовите. Ова ги прави нашите екосистеми поранливи и може да го намали нивниот капацитет за одржување живот и обезбедување на екосистемски услуги кои се неопходни за населението како што е водоснабдувањето, руралниот и други специфични облици на туризам. Истовремено, недоволни се вложувањата во заштита на биолошката разновидност која истовремено е  проследена со отпори во постапката за (ре) прогласување на заштитените подрачја од разни локални и национални чинители (институцинални и вон-институционални) кои имаат партикуларни интереси. Значаен предизвик на среден рок е целосното воспоставување на мрежа на заштитени подрачја и именување на управители (за пониските категории на заштитени подрачја тоа треба да бидат општините или општините во партнерство со здруженија на граѓани) како и целосно интегрирање на нашите природни хабитати и заштитени подрачја во ЕУ НАТУРА 2000. 

Како човек кој е дирeктно вклучен во креирањето на НРС, како го оценувате овој процес? Дали една ваква стратегија, создадена низ отворен, инклузивен и сеопфатен процес може навистина да придонесе државата да има покоординиран пристап во креирањето политики и нивната имплементација во наредните декади? И во крајна линија, од што според вас ќе зависи успешната имплементација на Националната развојна стратегија?

Поповски: Процесот на креирање на Националната развојна стратегија е нагласено инклузивен и партиципативен и се води на досега невиден за наши прилики - исклучително иновативен начин. Создадени се низа можности за вклучување на сите релевантни засегнати страни. Особено впечатлива е примената на пристапот со организирање на т.н „Лаборатории на соништа“ во кои учество земаа над илјада граѓанки и граѓани. Стратегијата се подготвува согласно со напредна Методологијата заснована на проценка на ризиците и потенцијалите во временски хоризонт, со цел да се овозможи позитивна и лесно измерлива - системска трансформација. Овој документ ќе преставува солидна основа за понатамошна разработка на клучните приоритети низ мерки и активности во секторските стратегии, вклучувајќи и премин кон интегрирано наместо фрагментирано (секторско) развојно планирање во општините. Успехот во спроведувањето на Националната развојна стратегија е донекаде извесен поради отпечатокот и чувството на сопственост на инволвираните чинители и пошироката заедница, врз решенијата кои овој плански документ ги нуди, но преостанува да се воспостават целосно функционални партнерства како помеѓу двете нивои на власт, така и помеѓу властите и сите останати чинители во општеството, граѓанскиот и приватниот сектор, академските установи и медиумите.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор