Добивај вести на Viber
Тензична е состојбата пред Собранието. Од едната страна се демонстрантите од граѓанската Иницијатива „Фронт за народот, фронт за опозицијата“ за кој на социјалните мрежи се појавија натписи дека е организиран од власта, а повика на протест денеска во 12 часот, од другата страна се пратениците од опозицијата кои цела ноќ останаа пред Собранието, со цел да спречат, како што велат, противуставно донесување на буџетот.
Едните извикуваат „Бранко лопови“, другите прашуваат „Колку Ви е дневница“.
Силно полициско обезбедување стои околу Собранието, а двете групи се одвоени со полициски кордон. Групата поддржувачи, за која се претпоставува дека е организирана од ВМРО-ДПМНЕ, се обидува да ги потисне поддржувачите на опозицијата.
Како што тврдат извори за Фактор, полицијата пресретнува автобуси кои од внатрешноста на Македонија се движат кон Скопје за да им дадат подршка на пратениците од опозицијата и ги праќа на вонреден технички преглед.
И групата која тргнала од Куманово кон Скопје, заедно со кумановскиот градоначалникот Зоран Дамјановски, на патарината е запрена од страна на полицијата.
На пратениците од опозицијата кои цела ноќ останаа пред Собранието и побараа штедење од Владата наместо луксузирање и непродуктивни трошоци, поддршка и дадоа и многу граѓани.