Инвестиции: Во Охрид стартува проект вреден два милиони евра
Објавено во: Економија 03 Април, 2015
Во бисерот на Македонија, Охрид ќе се реализира инфраструктурен проект вреден околу два милиони евра, пари кои Владата ги обезбедила од Светската банка.
Министерот Ставрески и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески го означија стартот на овој инвестициски проект денес со почнување на реконструкција на улицата „Питу Гули“.
- Станува збор за инвестиции во инфраструктурата, нешто што во голем дел ќе помогне во подобрување на животот на граѓаните. Инвестициите во инфраструктурата и во отворањето работни места се двата основни начини како можеме да го подобриме животот на граѓаните, истакна тој.
128 милиони денари ќе бидат наменети за да се изградат околу пет км локални и регионални патишта, изградба и реконструкција на шест улици во градот и два кружни тока за регулирање на сообраќајот на главната сообраќајна артертија – булеварот „Туристичка“.
- Со овие средства истовремено ќе се реконструираат и улици на кои не е интервенирано повеќе од 40 години...На тие улици ќе се смени асфалтот, ќе се уредат тротоарите, ќе се обнови атмосферската канализација. Со проекот се предвидени и средства за реконструкција на локалниот пат до село Елшани и патот што минува низ селото Лескоец, рече Ставрески.
Меѓу другото, во тек е и постапката за набавка на пет специјални комунални возила наменети за подобрување на чистотата на градот.