Добивај вести на Viber
Граѓаните да помогнат и да ги одржуваат автобуските постојките, побара денеска директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ Мишо Николов кој информираше дека од 70 нови автобуски постојки, 10 се оштетени.
Најчеста мета на вандалите се информативните табли на ЈСП „Скопје“, се кршат стаклата, се пишуваат графити.
Николов додава дека не е подобра состојбата и во автобусите, односно и во новите возила веќе има искршени столчиња и други делови. Меѓу проблематичните се линиите 2 и 55, а најмногу оштетувања и насилство има во автобусите со средношколци од мешан етнички состав, вели Николов, но додава дека ова не значи дека секогаш е правило.
„ЈСП „Скопје“ постојано презема активности за обновување на уништените работи во автобусите, но не може да обнови толку колку што граѓаните можат да искршат“, вели директорот на јавното претпријатие.
За да обезбеди финансии неопходни за одржување на возниот парк и на автобуските постојки, според Николов, потребно е граѓаните да плаќаат билети при користење на јавниот градски превоз.
За да се зголеми јавната свест утре почнува и кампањата „Користи јавен превоз – плаќај билет“ каде граѓаните ќе се информираат колку чини казна за неплатен билет.
Кој биде затекнат без билет од контролорот, може да купи дополнителен билет во износ од 300 денари или да се соочат со прекршочна постапка и глоба во износ од 50 евра и дополнителни трошоци за извршување, ги појасни правилата директорот на ЈСП.