19 Март, 2024
0.0236

Израел и Сирија се препукуваат, а гинат Руси!

Објавено во: Колумни 21 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Во понеделникот на пладне, на почетокот на неделава, од Сочи дојде веста дека руските и турските трупи ќе создадат демилитаризирана зона во сирискиот регион Идлиб од која ќе треба да се повлечат радикалните бунтовници до средината на идниот месец. Тоа го договориле рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. На многумина им лекна. Договорено е решение кое за одреден приод ќе ја одложи најавуваната офанзива на сириските трупи врз радикалните бунтовници, но која можеше да доведе до голем број цивилни жртви.

И таман се помисли дека се отвора пат кон политичка разврска на ситуацијата во Идлиб, неполни дванаесет часа по овој договор, ситуацијата во регионот одново се вжешти. Во понеделникот вечерта после 22 часот сириската противавионска одбрана урна руски разузнавачки авион од типотIL-20. Загинаа 15 руски членови на екипажот.

Во вторникот рано наутро излегоа со соопштение од руското министерство за одбрана. Од таму соопштија дека израелски авиони, кои напаѓале цели во Сирија, го наместиле IL-20 под удар на ракетите од сириската противвоздушна одбрана. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека разговарал со неговиот израелски колега, Авигдор Либерман, и му кажал дека „ние ваквите дејства нема да ги оставиме без одговор“. Но така не мислеше рускиот претседател Владимир Путин. За разлика од неговиот генерал-министер, Путин во својата изјава смета дека станува збор за „синџир од трагични случајности“, иако додаде дека изјавата од министерството за одбрана била усогласена со него. Путин најави дека Русија ќе обезбеди дополнителна безбедност на своите војници во Сирија и тоа „ќе го почуствуваат сите“.

И навистина вчера на седницата на Советот за безбедност во Москва една од точките на дневен ред било уривањето на рускиот авион. И токму зголемувањето на нивото на безбедност на руските воени лица во Сирија. Заклучоците не се знаат, но за нив се чини ќе биде потребно, покрај руските анализи, да се чујат и израелските и сириските наводи околу уривањето на авионот.

Вчера во Москва допатува израелска делегација предводена од командантот на военото воздухопловство која на своите руски колеги им ги презентираше израелските видувања на соборувањето на авионот. Нивниот заклучок е дека за тоа е виновна Сирија и иранските и трупите на „Хезбола“ во Сирија. Иранците, според презентираните податоци сакале да ги зацврстат своите позиции во Сирија, и да им дадат на „Хезбола“ стратешко оружје. Обете страни во разговорите ја истакнале важноста да продолжи примената на системот за избегнување на конфликти.

Сиријците пак повикуваат на меѓународна истрага. За нив инцидентот е воено злосторство, бидејќи израелските авиони ја искористиле ситуацијата и се прикриле со рускиот авион при нападот врз граѓански лица и објекти во Сирија. Сирискиот претседател Башар ал Асад изјава со сочуство даде два дена по настанот. Притоа тој за се' што се случи го обвини Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Натенјаху, пак, тоа го направи уште во вторникот, се разбира со обвинување на Сирија.

Излегува дека Сиријците и Израелците се препукуваат, а гинат руски воени лица. Израел и Сирија во „војна“ се уште од 1948 година. До денес таму се случија две неколкудневни војни, 1967 и 1973 година. Израел има окупирано сириска територија, се водеа војни и околу Либан. Военото спротивставување продолжува до ден денес. Сега, по доаѓањето на Русите во Сирија, главна цел на Израелците се иранските трупи во таа земја и припадниците на „Хезбола“. Русија има добри односи со Израел и не се спротивставува на нападите врз сириска територија, кои, според Израел се вршат за негова заштитта од главниот негов непријател – Иран. И се' додека има ирански трупи таму таквите напади ќе продолжат.

Затоа задачата на Русија за воспоставување мир во Сирија се отежнува. Не станува збор само за сириските бунтовници, противници на режимот на Асад. Туку и зачувувањето на добрите односи со Иран и Израел, со Турција. Русите пред некој месец најавија создавање демилитаризирана зона од околу 80 километри од границата на Израел во која ќе нема ирански и проирански трупи. Но, Иран не сака да ја напушти Сирија. Има таму свои бази и друга инфраструктура. Некои експерти сметаат дека Иран чека Русија да се повлече од Сирија за потоа тој да стане главниот играч на Блискиот исток. Но таквата разврска тешко дека ќе се оствари.

Како ќе се развиваат работите натаму? Сигурно нема како што беа по соборувањето на руски авион од страна на Турција. Тогаш беше објавена економска блокада од страна на Русија, па Ердоган мораше еден ден да се јави кај Путин со извинување за потоа односите да се подигнат на сегашното ниво. Рускиот претседател во разговорот со Нетанјаху забележа дека Израел со своите операции го нарушува суверенитетот на Сирија. И дека не го почитува договорот за отстранување на опасни инциденти, како оној од понеделникот. Дали тоа не значи дека сега Русија на Сирија ќе и испорача најнови противавионски системи? Пред некоја година веќе беше договорено Сирија да добие систем С-300, но на барање на Израел Русија ја стопираше таа зделка. Дали сега Русија со своите системи С-400 и други нема да објави покривање на целото сириско небо? А со тоа и слободата што сега ја имаат сириските авиони да летаат над Сирија.

За каков одговор на израелската страна зборува министерот за одбрана на Русија Шојгу? А што ако се покаже дека вина во се она што се случи во понеделникот имаат и руските воени команданти во Сирија. Дали тие направиле се' да не гинат или да гинат што помалку Руси во војната во Сирија. Колку тие ги координираат своите активности со оние на Сиријците. И колку ги обучиле и ги обучуваат сириските војници и офицери да ракуваат со системот С-200, без последици за Русија. Вакви и други прашања се поставуваат од руски експерти.

Наредниве денови можеби и ќе има одговори на некои од овие прашања. Но едно е јасно. Путин нема да брза со одговор кон Израел. Многумина можеби се сеќаваат кога на 9 мај годинава на Црвениот плоштад во Москва на воената парада по повод Денот на победата на фашизмот до Путин на свечената бина стоеше Нетанјаху. А само ден пред тоа израелски воени авиони бомбардираа ирански цели во Сирија, која пак е сојузник на Русија! Тоа не може да го направи секој политичар.

Најверојатно овој пат Русија ќе им покаже жолт картон на Израелците. Координацијата за избегнување на опасни инциденти ќе продолжи. Но и Израел ќе мора да олабави малку со нападите. Не да ги прекине. Настанот од понеделникот, колку и да е тежок за семејствата на загинатите, како да е добродојден за Путин. Му отвора простор за реакција дома, кон Израел и кон Сирија. Можеби и кон Иран и „Хезболах“. Но сите тие имаат свои интереси во и околу Сирија. А кога се во игра интересите на сите нив, прашање е колку тој ќе успее да го наметне рускиот интерес. А тоа е да не дојде до ескалација на судирот, која неа во моментов и е најмалку потребна.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?