27 Април, 2024
0.0974

Јуни 68-та

Објавено во: Колумни 07 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Таман си помисливме дека полека излегуваме од пандемијата, полицискиот час и мерките за заштита со полабави обврски, кога оп, викенд со строги мерки - барем за скопјани (оние што не му ја здувнаа на разни дестинации низ државата). Со гимназиски другар по неколку пати дневно се слушаме и откриваме работи за кои не сме проговориле со децении.....

Имам дефиниција за сметање на времето во Скопје (што не мора да е точна), време што ја одредува староста на другарството - пред земјотресот, после матурата, пред војска и крајот е по женидбата. (Врежано е во свеста на скојани дека сопругата ќе пукне ако не те скара со другарот од младоста - што не е случај со гимназискиот кардаш.....

Кај ни текна на 68 та-година на почнувањето на студиите, но и година преполна со драматични настани. По инерција од Европа и жестоките студентски демонстрации и кај нас (поточно на белградскиот универзитет) се дигнаа илјадници студенти,се судрија со полицијата кога тргнаа од нов Белград кон центарот и се до 9-ти јуни херојски издржаа па мораше Тито да им се обрати и да им даде за право што го збуни целиот свет (и ден денеска не се знае дали станувало збор за револуција, контрареволуција или пак за мода....Вечерта низ главниот град се игра козарачко коло....мојот другар учесник сите денови на разни локации и со разни групи студенти ми раскажува по телефон се дури не се испразни батеријата, а јас нему му кажав дека и ние се дигнавме (во студентската менза некој бруцош ја превртел тацната со јадење за што убаво си го добил од извесен орган задолжен за следење на активностите на УКИМ. Како и да е јуни е најубавиот месец во годината, особено во Скопје градот на нашата младост и не баш старост (сега сме ти старци-приправници)......  

Доколку некогаш би ми се дала можност (чисто се сомневам) би предложил во грбот на Скопје задолжително да се содржи и стилизирано стебло на липа. Да липа! Онаа што за некој ден ќе ја воспеваат поетите, дрвото што не го испланирал никаков стручњак по холтикултура, а имаше доминантно место по скопските дворови,онаа грандиозна крошна во дрворедите по улиците и булеварите.....растението тулија што цути токму во јуни,но опојниот мирис што се шири насекаде не може да се помести во никаков знак-белег на Скопје,освен во колективното сеќавање на неговите горди жители.

Липата, наводно, била заштита на старите словени од лошото и громовите и затоа тие во покривите и по домовите имале липовина,а милувале да живеат во шуми со липово дрво.Дали таа светковина и убаво верување ги донесле на овие простори допрва ќе се докажува,но факт е дека скопските дрвореди со години главно се состоеја од липа.Нејзината густа крошна апсорбира прав и состојки од издувните гасови,но прави ладовина што не се опишува:треба да се седи во дебел липов лад на некоја бавча на дебармаалска кафеана,на пример,за да се избегне горештината што надоаѓа набргу откако ќе прецути дрвото за кое се знае дека може да израсне и до 50 метри во височина и да има старост от две-тристотини години.

Ми навреа деновиве, откако се почувствува препознатливиот скопски мирис во јуни,сеќавањата на една доцна јунска вечер од пред неколку десетлетја(вака изгледа дека е малку понеодамна). Чопоративно се враќаме по водњанска, па по улицата со армиско име се до крстосницата кај соборен. Сигурно не сме биле во диско во Панорама ниту во Цветна бавча.Чинам некого го испраќавме во војска или бевме на седенка-како и да е добро расположени-егзалтирани до издржлива граница за да не ги предизвикаме органите на редот во вид на улични милиционери си одиме пеш секој накај дома опиени и од прекрасната миризба на липовиот цвет, која ја стави во втор план миризбата на свежо испрсканиот асфалт(прскалиците беа сигурен знак дека доаѓа уште еден нов ден).....си заминуваме кон буквално  сите страни од градот,а ние два-тројца по Бандитен штрасе(партизанска,како што би рекол мојот пријател Жабар, визави, берлинската Унтер ден линден)во правец на хотел Карпош и натаму кон Тафталиџе, еден и два.

Надвиснале се до земја гранките со жолто зелените ептем миризливи цутови, не од тежината туку од трајната трансформација предизвикана од берачите на липовиот свет.Ова време масовно со столче па и со молерски мердивани се излегуваше од двете страни на булеварот,проектиран и изграден како трансферзала меѓу Јадранска магистрала и автопатот Братство-единство (знае ли некој што беше тоа) за да се бере липа, како што велевме. За чај во зима, но и за продавање-цветот се сушеше и се носеше во Билка,откупен пункт на Алакалоид заедно со сушен вртипоп(жолто бел цвет на камилица) што се собираше по слободните зелени површини околу румунска поликлиника и воената болница, се до Канал, карши сегашен Сити мол. Мораше да се засили сиромашниот домашен буџет на семејството што го полнеше само патер фамилијас, а го празнеа домаќинката и две три џагуриња и по некоја свекрва и свекор,демек дедо и баба. Не е тука ништо спорно, но и сега се прашувам зошто берачките на липов цвет мораа кришум да го собираат лекот и производот за кој можеа да добијат и по некоја мангара(паричка) од чуварите во зелена униформа, кои понекогаш знаеја и да претераат со строгоста.

Прелистувам (со помош на компјутерот,се разбира) весници со не толку стар датум - не жалете по исечените стебла на липите нивниот цвет предизвикува алергиским напади, а етеричното масло, медена роса(кога липите плачат) тешко се мие од шофершајбните- читам и ги разбирам колегите, колку што можам.....не жалиме по липите и опојната миризба,туку по некои други,главно возбудливи и убави денови....ех јуни во Скопје! 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД