28 Март, 2024
0.0235

Кај Мац на лозје

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Според позитивните непишани скопски закони секој Александар или Ацо го добива прекарот Мац. Мојот долгогодишен другар,кој за жал не е веќе со нас(кај Балашевиќ ги ора небесните ниви,а во неговиот случај ги негува небесните лозја) е со крстено име Александар Пановски. Го знам многу одамна како фудбалски и ракометен голман,како сервисер на Горење, подоцна и негов директор и како сопственик на приватен сервис.

Од 93-та бевме скоро секојдневно заедно и во контакт поради Бадник,чиј што гуру беше тој. Со поголема група скопјани, кој никој не ги покани да членуваат во Одборот за организирање на бадникарските свечености во Скопје, тврдоглаво и упорно работевме за да ја пробиеме пред сограѓаните нашата идеја за дружба и враќање на традициите на градот кој доби сосема други контури и навики по земјотресот,особено.Кај него во сервисот ни беше главното врталиште и собиралиште. За волја на вистината ако своеволно не навратевме тој ни се јавуваше за да види како сме или што праиме-а меѓу редови „дојди на по една“.

А имаше што да понуди-ракијата беше негово екстра производство од лозјето во Соње. Праена со мерак-не за продажба туку за другари и пријатели и за арно. Ако сакавме да го изнервираме му велевме дека годинашнава му е малку кисела и со некеков посебен мирис.Како секој винар беше суетен до крајни граници. Но, да не излезе дека дружбата ни била еднолична и проследена само со пијачка,чувствувам за обврска да потврдам дека Мац ги решаваше сите наши технички проблеми во нашите домови, се грижеше за сите поважни настани поврзани со Бадникарите,водеше домаќинска сметка за нашите средства што беа строго наменски, но подоцна дознавме дека водел и посебен дневник со точен датум и податоци за настаните-а тие беа главно урнебесни настани со скопски прескакалици и зезанции на кои не можеш да се налутиш зашто ќе заработиш уште пожестока заушка....

Но, главните настани беа при неретките посети на лозјето во Соње,на јужните падини на Водно.Тука доаѓаше до израз целото умештво и љубов на Мац спрема одгледувањето на лозјето-прскање, окопување и берба. Да бидам искрен ние одевме таму само на уживање и ништо повеќе,ниту пак тој за тоа ни забележуваше. Сенкарникот, белата црешна, бунарот со голема длабочина за да има вода во овој сув дел на планината,скарата на лозови прачки музичките точки и убавите дуети до доцна во ноќта беа не ретки....сите тие убави мигови придонесоа меѓусебно да чувствуваме скоро роднинска блискост.....

Е сега доаѓа ме до празникот Свети Трифун,заштитиникот на лозјата и виното.За празникот Мац канеше само одреден број луѓе со оглед на просторот.Подготвуваше чкембе чорба, гравче и некое мевце колку да има да се мезне со прекрасното негово вино(не ја исполнивме желбата да му ставиме етикета „Бадник“). Главната церемонија на полевање на лозовите корени со светена вода и вино и читањето молитва беше задача на Марко(го прави тоа толку предано и уверливо што веќе сме загрижени за него да не се запопи)...секој празник ни поминуваше поинаку од лани.....

Веќа две-три години го одбележуваме без Мац......ќе мора да се навикнеме,зашто морало така да биде....тој во Соње секогаш ќе биде со нас во мислите и сеќавањата! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?