05 Мај, 2024
0.0223

Како да се дојде до економски компромис?

Објавено во: Колумни 26 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Усвоените измени на Законот за лекови и медицински помагала понудија една интересна одредба. Со овие измени се предвидува обврска за сопствениците на две или повеќе аптеки во иста општина или на пет или повеќе аптеки низ Македонија, во иднина да отворат аптека и во некое рурално подрачје каде што живеат до 3.500 жители. На тој начин, државата сака да го стимулира отворањето на аптеки и во помалите места каде што досега немало интерес кај приватниот сектор.

          На ваквите измени на Законот за лекови и медицински помагала реагираа сопствениците на аптеки со образложение дека нема пазарна логика да се отвораат аптеки во подрачја кои што не се економски рентабилни и профитабилни. Во даденава ситуација имаме класичен судир на интереси помеѓу државата и приватниот сектор. Државата се грижи за тоа сите граѓани од поголемите и помалите места да добијат соодветен пристап до лековите и медицинските помагала. Приватниот сектор се грижи за остварување на што подобри економски перформанси. Во ситуација кога секоја страна го гледа сопствениот интерес (што во крајна инстанца е сосема нормално и разбирливо), се поставува прашањето на кој начин овие две страни можат да се приближат и да стасаат до заеднички прифатливо решение. Бизнисмените од секторот фармација бараат да се остави пазарот слободно да функционира, а понудата и побарувачката за нивните производи да биде основниот мотив за донесување на деловни решенија, вклучувајќи ја и локацијата на нивните аптеки. Со оглед на тоа што градовите имаат поголем број на жители, природно е таму да има поголема побарувачка за лекови и медицински помагала. Од тие причини и понудата е насочена првенствено кон градовите, па таму се лоцирани најголемиот дел од аптеките во нашата земја. Е сега, се поставува прашањето: Што е со граѓаните во руралните подрачја? Дали тие треба лесно и брзо да стасаат до потребните лекарства или мора секогаш да патуваат до урбаните средини со цел да се снабдат со она што им е најпотребно? Што ако се јави итна потреба од одреден лек, а најблиската аптека е оддалечена триесетина километри? Од друга страна, стопанството кое е препуштено единствено на делувањето на пазарните законитости е подложно на економска нерамнотежа. Ретко кога постои баланс помеѓу понудата и побарувачката. Затоа, на сцена стапува државата. Со помош на законите кои ги носи, државата настојува да го врати нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и повторно да ја воспостави економската рамнотежа. И повторно се поставува прашање: Дали донесувањето на закони е доволно за да се натераат бизнисмените да инвестираат во подрачја каде што немаат економски интерес? Дали државата треба да преземе и други активности во оваа сфера или ќе се задоволи со она што е досега направено, па „по сила на закон“ ќе ги натера бизнисмените да отворат аптеки во руралните подрачја? Привлекувањето на инвестиции во руралните подрачја не може да биде оставено само на донесување на одредени законски решенија. Државата треба да размисли во правец на воведување на одредени даночни олеснувања или други бенефиции за овие инвеститори. Мора да поработи и на подобрување на инфраструктурата во тие подрачја. Зошто да не се дадат и одредени субвенции на бизнисмените кои би отвориле аптеки на места каде што за тоа немаат економски интерес? Во даденава ситуација мора да се постигне одреден економски компромис. До таков компромис може да дојде само ако двете страни посегнат во сопствениот џеб. Државата, покрај административните мерки, треба да донесе и економски мерки. Треба да посегне во буџетот и да им даде одредени бенефиции на сопствениците на аптеки кои по сила на закон треба да го прошират бизнисот во руралните подрачја. Бизнисмените треба да се задоволат со тоа што „некој денар помалку ќе капне во нивната каса“ во функција на заштита на здравјето на сите граѓани, без оглед на големината на населеното место каде што тие живеат. Секој компромис претставува отстапка од однапред зацртаните цели. Токму поради тоа, до него најтешко се доаѓа. А ако се дојде до компромис, може да се случи двете страни да останат незадоволни. Еден компромис речиси секогаш води кон друг компромис. Но, без компромиси не се може. Државата и приватниот сектор мора да се обидат да најдат компромис. Во спротивно, онаа страна која на почетокот мисли дека победила, на крајот ќе сфати дека двете страни изгубиле. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина