25 Април, 2024
0.0265

Како да се разликуваат легалните од нелегалните трансакции

Објавено во: Колумни 25 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Пазарот на финансиски услуги го сочинуваат повеќе типови на финансиски институции чијашто основна задача е да даваат услуги на своите клиенти. За дадените услуги, овој тип на институции наплаќа одреден надомест или провизија. Сместени во сферата на услугите, финансиските институции немаат ниту моќ, ниту ресурси да вршат финансиски истраги. Таквата улога, пред се, им е дадена на оние институции чијашто првенствена задача е да го сузбиваат криминалот и да им застанат на патот на структурите коишто на незаконски начин се обидуваат да ги остварат своите економски цели.

Од друга страна, разновидноста на производите и услугите, како и диверсифицираноста на типот на трансакции коишто ги реализираат клиентите на пазарот, ги прават финансиските институции исклучително привлечни за оние коишто настојуваат да ги исперат парите. Криминалните структури бараат софистицирани начини коишто ќе им овозможат незабележано и неказнето да ги пласираат своите средства во системот на финансиски институции, со цел легално да уживаат во плодовите од своите недозволени активности.

Перењето пари многу често претставува систем на комплексни трансакции коишто се реализираат во исклучително краток временски период, вклучуваат повеќе субјекти и повеќе дестинации, при што е многу тешко да се следи текот на парите. Зошто е тоа така?

Се наметнува уште една дилема. Од 95 проценти до 99 проценти од финансиските трансакции се легални и легитимни. На кој начин можат да се одвојат легалните од нелегалните трансакции? Како да се препознаат овие вторите со цел да се преземат соодветни мерки од страна на финансиските институции?

Одвојувањето на легалните од нелегалните трансакции не е ниту лесна, ниту едноставна задача. Причини за тоа има повеќе:

Нелегалните трансакции, на прв поглед, многу малку се разликуваат од легалните трансакции. Легалните трансакции имаат своја логика, своја цел и канали на извршување, како и соодветна пропратна документација. Ако нелегалните трансакции успеат да се вклопат во оваа шема, ќе биде исклучително тешко истите да се препознаат. Од таа причина, финансиските институции мора во целост да се запознати со начинот на „преминување“ на една трансакција од вообичаена во невообичаена, а потоа евентуално и во сомнителна трансакција.

Доминацијата на мали и „независни“ фирми во сферата на производство или дистрибуција на нефинансиски производи и услуги го отежнува одвојувањето на легалните од нелегалните трансакции. Многу е тешко да се следи текот на парите кога се соочувате со повеќе мали фирми кои навидум се независни меѓу себе, а нивната поврзаност е тешко докажлива. Ова правило важи и на ниво на една национална економија, а уште повеќе во меѓународни рамки, каде што „независните“ фирми можат меѓу себе да си фактурираат наводни набавки на стоки или извршување на услуги, а фактички да вршат меѓусебни трансакции се до нивното конечно легализирање. Од таа причина, финансиските институции мора да посветат посебно внимание на т.н. rapid movement of funds, при што секое отсуство на економска и правна оправданост на таквите трансакции треба да претставува сигнал за извршување на дополнителни анализи.

Доминацијата на  услугите во однос на физички произведените стоки во една национална економија го отежнува препознавањето на нелегалните трансакции. Стоките коишто физички постојат имаат своја објективна вредност и отстапувањата на цената во однос на нивната вредност (т.н. misinvoicing) се многу ретки. Меѓутоа, во сферата на услугите, можат да се сретнат одредени аномалии. Услугите најчесто немаат објективна вредност, не котираат на берза, па од таа причина  можат да се сретнат различни цени за одделни видови на услуги. Токму затоа, во сферата на консалтингот, истражувањето на пазарот, рекламирањето и сличните услуги, ризикот од перење пари може да биде многу поголем во однос на дејностите каде што стоките се физички присутни. И уште една работа, „најпопуларни земји“ во областа на перење пари се токму оние каде што индустриското производство е на многу ниско ниво или воопшто го нема, ама финансиски и нефинансиски услуги се нудат буквално на секој чекор.

Обемот на финансиски производи и услуги коишто една институција ги нуди на пазарот, исто така го отежнува препознавањето на нелегалните трансакции. На пример, ако трансакцијата на криминалецот е една од вкупно 100 трансакции на таа финансиска институција, веднаш ќе биде забележана. Ама ако таа трансакција е една од 10.000 трансакции, процесот на нејзино идентификување и анализа е многу посложен.

Врз основа на горе наведеното може да се заклучидека перењето пари претставува софистициран криминал којшто не познава национални граници. Тоа значи дека финансиските институции коишто имаат изработени ефикасни програми и поседуваат системи за борба со перењето пари мора постојано да ги надградуваат истите. На пазарот на финансиски производи и услуги постојано се јавуваат одредени новитети (на пример: криптовалутите) коишто можат да бидат злоупотребени од страна на криминалните групи.Затоа мора да се држи чекор со времето и технолошкиот развој, со цел финансиските институции соодветно да одговорат на предизвиците пред коишто се поставени.

 д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок