28 Април, 2024
0.0264

Kако да се зголеми извозот на странските пазари?

Објавено во: Колумни 11 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Во современите услови на стопанисување важи правилото: „не национално, туку рационално” (нот натионал, бут ратионал). Секој деловен субјект настојува да стигне до потребните суровини или другите компоненти на своето работење под најповолни услови, а пласманот на своите стоки или услуги да го направи на начин што ќе му донесе најголема корист. Во услови кога е битно рационалното, а не националното, обемот на меѓународната трговија е се поголем. Меѓународната трговија најчесто се изведува на принципот на кредитирање. Тргувањето надвор од границите на една земја вклучува кредити, аванси, гаранции итн. Покрај деловните партнери (увозникот и извозникот), во извршувањето на меѓународната трговија се вклучени и низа други институции, како што се банките, владините органи, специјализираните агенции итн. Зголемувањето на кредитниот ризик и порастот на загубите што ги покажаа земјите во развој како резултат на проблемот со надворешниот долг, доведе до „подигнување на рачната сопирачка” од страна на агенциите коишто ги осигуруваат извозните аранжмани, а тоа ги натера комерцијалните банки да го преиспитаат својот став кон овој облик на финансирање на надворешната трговија. Во исто време, единствениот европски пазар отвори нови можности во светот на осигурувањето од краткорочен комерцијален ризик, а тоа доведе до пораст на конкуренцијата во оваа област. За извозниците коишто се заинтересирани за финансирање на нивните меѓународни деловни активности, овие промени значат нагло и збунувачко мултиплицирање на нивниот избор. Веќе не е доволно да се работи со една банка и една национална агенција за осигурување на извозните кредити. Мора да се направи вистинскиот избор во секоја област на меѓународната трговија за да се дојде до очекуваниот профит. Дури и стручњаците не се сигурни што ќе се случува точно на пазарот во блиска иднина. Сепак, основната линија ќе се повлече во точката на поларизација помеѓу финансирањето на долгорочниот политички ризик во земјите во развој и финансирањето на краткорочниот комерцијален ризик во развиените земји. Финансирањето на краткорочниот комерцијален ризик се повеќе станува задача на приватните институции кои работат на профитна основа, решиси без владина, односно државна поддршка. Од друга страна, финансирањето на долгорочниот политички ризик останува задача на владините органи, кои мора да водат сметка за средствата од државниот буџет кои се трошат за оваа намена. Финасирањето на долгорочните проекти на меѓународен план ќе остане тешка задача и во иднина, иако банките прават се да изнајдат иновативни и пазарноориентирани решенија. Конкуренцијата помеѓу агенциите за извозни аранжмани и компаниите од приватниот сектор на полето на краткорочно финансирање на надворешната трговија може многу полесно да доведе до нови и иновативни решенија, отколку што е тоа случајот со долгорочното финасирање каде што владините органи се практично осамени. Една од можностите е техниките на кредитна анализа коишто се развиваат од страна на агенциите да доведат до појава и развој на нови производи во оваа област. Пример за тоа е факторингот - активност којашто брзо се развива во меѓународни рамки, а со која извозниците го наплаќаат своето побарување со одреден дисконт од осигурителните агенции или други институции, а потоа тие институции го наплаќаат откупеното побарување од странскиот увозник. И додека се чини дека на полето на финансирање на краткорочните меѓународни проекти не постојат посериозни пречки, за жал истото не може да се каже кога се во прашање долгорочните проекти. Кај финансирањето на долгорочните проекти се појавуваат низа отежнувачки околности, како што се: високите трошоци на кои се изложени владините органи во процесот на финансиска поддршка на овие проекти, дискусиите околу степенот до кој условите на официјалните извозни кредити треба да бидат „омекнати” со средствата за финансиска поддршка, како и континуираната несигурност во Европа во врска со степенот до кој националните влади ќе бидат слободни во своите одлуки за покривање на ризикот во услови на постоење на единствен европски пазар. д-р Гоце Трајковски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД