Како до ефикасни договорни односи на земјоделското стопанство
Објавено во: Агробизнис, Колумни 25 Март, 2017
Како до ефикасни договорни односи на земјоделското стопанство
Типови договори во земјоделството. Постои голема разновидност на договорните односи во кои учествуваат или можат да учествуваат земјоделците. Одделни типови договори имаат специфични карактеристики како: специфичен предмет, формални барања, можност за ефективен трансфер и заштита на различни права, трошоци сврзани со изготвување, контролирање, оспорување и завршување на договорените услови.
Општо земено, договорите во земјоделството можат да се однесуваат кон некоја од следните групи:
Договор за купо-продажба. Овој вид договор го уредува постојаното пренесување на правата врз дадени ресурси или материјал спроти плаќање на одредена сума. Основен ризик за земјоделецот купувач е од некоректност, опортунизам на продавачот. Купувачот обикновено нема полна информација за квалитетот на материјалот што го добива, а продавачот не е заинтересиран да ги открие недостатоците на материјалот или средството. На пример: кога се купува трактор на старо, за земјоделецот етешко да оцени дали техничката состојба соодвествува на тврдењето на продавачот (дефектот се јавува кога ќе почне користењето).
Реалната висина на приносот и квалитетот на нова сорта семе или саден материјал се открива откако ќе се добие реколтата. За да се избегнат такви и слични ризични купувања, можат да се договорат претходни тестирања, пробен период пред започнување на зделката, давање на гаранција од страна на продавачот и слично.
Како продавач, земјоделецот најчесто е исправен пред опортунизам (изигрување) на договорот, кој се изразува во ненавремено плаќање или неплаќање. За избегнување на ваков ризик, можат да се вклучат заштитни услови како на пример, авансно плаќање или взаемна обврска во зделките со кредитирање, снабдување на земјоделецот од купувачот со репроматеријал на ресурс и слично. Ризикот се избегнува во сите случаи за земјоделецот, кога се работи за доверба во купувачот докажан во претходни зделки.
Договор за наемнина. Овој тип договор ги уредува односите кај пренесување на правото за временско користење на даден ресурс или средство со наплата на рента. Основни ризици за земјоделецот кај овој тип на договори е опортунизмот како кај договорот за продажба,како и од користење на фиксирана рента. Кога рентате фиксирана наемателот го превзема целиот ризик за загубите одколебањето на продуктивноста и доходот од земениот под закуп ресурс (средство за производство,земја,животни). Овој ризик може да се подели со сопственикот преку договор за поделена реколта или пак целосно да се елиминира со примена на пазарна рента.
Договор за наем на работна сила. Договорот за работна сила го уредува правото за добивање на одредена услуга од ангажирање (наемање) за определено време работна сила со плаќање преку плата или надница (дневница) од работодавачот. Особеност на овој тип на договор за “услуга“ е дека едната страна (работодавачот) стекнува право да раководи, контролира и отпушта од работа другата страна односно имаме односи на потчинетост. Оваа форма дава можност за брза адаптација кон тековните потреби од работна сила за стопанството. Основните ризици кај овој тип договори можат да бидат ако работникот дезинформира за своите способности или намери за да добие работа. За избегнување на ваквата состојба е, земјоделецот да бара препорака, да избира кандидати со одредено образование или диплома за квалификациите, да спроведува интервјуа, тестирање и слично. Вториот проблем може да произлезе ако работникот не го вложува потребниот договорен напор откако ќе биде вработен. Тоа може да биде проблем зошто постојаното контролирање на работниците во земјоделството е невозможно или резултатите од работата не се секогаш пропорционални на вложениот труд.
Договор за услуги. Со договорот за услуги се уредува правото за добивање на определени услуги визави плаќање на определена цена. Услугата може да биде материјална (механизација, растителна заштита, транспорт,реклама, софтверска услуга и друго). За разлика од договорот за работна сила овде двете страни се во рамноправна положба. Во многу случаи земјоделецот не е во “состојба“ да раководи со претстојната услуга како што е лечењето на добитокот, обуката, консултациите, обезбедувањето и слично. Како по правило долгорочниот договор за вакви и слични услуги го подобрува квалитетот на услугите.
Договор за осигурување. Овој договор ги уредува трансферите на прифаќањето на некаков ризик во даден период од време со плаќање на определена цена. Ризиците за кои се предлага заштита преку осигурување се најразлични видови на штета на имотот, реколтата, животните и луѓето, штети од природни или општествени фактори (град, измрзнување, пожар, болест, смрт, кражба и други штети).
Договор за коалицирање (кооперирање). Овој тип договори ги уредува правата и должностите при коалицирање на дејствија или ресурси помеѓу две или повеќе страни (членови). Членовите на коалицијата разменуваат меѓусебно определени права поврзани со сопственоста, контрола и распределба на ресурси, управување на коалицијата, распределба на доходот и други погодности од дејности во период (време) на коалицирање, начините за ширење на коалицијата, прекинување на членството и друго. Во зависност од целите можат да се формираат различен тип коалиции – неформални партнерства (здружување на ресурси и, или дејности, кооперативи – чија цел не е добивка на фирма, а цел е добивка на асоцијации (за колективна дејност) и друго.
Кај овие типови на договор најчесто се јавува опортунизам кога некој член (членови) не ги исполнуваат задолженијата кон коалицијата или пак ја користат бесправно во своја полза. За избегнување на овој ризик, потребно е да е избираат партнери кои меѓусебно имаат висок степен на доверба и да се ограничува бројот на членовите (взаемната доверба го оневозможува опортунизмот). Кај коалицирањето со отвореното членство (кооперативи и фирми) е потребно да се предвидат механизми за стимулирање на учесниците, преференции за вработените во коалициите и непосредно учество на членовите во управувањето и контрола на коалицијата.
Форми за организација на договорните односи. Во поедини случаи земјоделците немаат избор за формата на договорите со други странки. Тоа се случаи кога се тргува со монополски фирми како што се електростопанство, водоводни фирми и друго.
Меѓутоа во најголем број случаи земјоделецот може да избира најефективни партнери и договорни форми меѓу неколку алтернативи.
Кај изборот во договорната форма треба да се имаат во предвид следните основни фактори:
Прво, личните карактеристики на менаџерот – знаење, искуство и можност за прибирање и анализа на информации, подготовка на договарање и на договор, контрола на извршување на договорот, оспорување на одредбите на договорот, склоност кон ризик.
Второ, специфичните карактеристики на договорниот партнер – перспективност, изградена (добра или лоша) репутација, моќ на договарање, желба за соработка.
Трето, ефективност на надворешната иституционална средина за управување на определен тип взаемни односи помеѓу странките – степенот на регулативата, контрола, можност за брзо и ефтино решавање на спорови, санкции за виновните странки и слично.
Четврто, критични карактеристики на конкретни размени како што е зачестеноста на взаемните односи меѓу едни и исти партнери, неодреденоста поврзана со размената и правење на специфични инвестиции за односи помеѓу партнерите.
Управувањето на договорите се услужнува кога земјоделецот треба да прави крупна инвестиција за поддршка на взаемните односи со строго определен партнер. Кај слична зависност на активите постои голем ризик за загуба на вредноста на вложувањето кога договорот ќе пропадне или за опортунистичкото поведение при ново договарање (пред истекување на ефективниот животен век на инвестицијата). Така станува неопходно разработување на специфична форма за заштита на специфичното вложување во : земја, средства за работа, човечки капитал и друго.
Најчесто, договорните односи во земјоделските стопанства се во врска со: снабдување со земја и други природни ресурси, снабдување со труд, снабдување со долгорочни материјални активи, снабдување со кусорочн материјални активи, снабдување со услуги, снабдување со иновации и know-how технологија, финансирање, осигурување и реализација на продукцијата и услугите.
За избор на најефективна форма на соодветна функционална област, прво, треба да ги согледаме суштествените (алтернативни) можности на фармата. Менаџерот треба да ги определи само практичните (не воопшто) можни форми за конкректните услови на неговата фарма.
Потребно е да ги оцениме и компаративните ефекти на алтернативните форми. Практично можни форми, треба да се оценат по неколку критериуми:
- вкупните трошоци сврзани со договорањето и исполнувањето на договорите
- вкупните погодности од користењето на дадена договорна форма
-прифатливост на порастот на трошоците за добивање на дополнителни погодности
-соодветност на законите и другите институционални ограничувања
- преферирање на фармерот кон различние договорни форми.
Многу чест фармерите даваат предност на неформални и поефтини договорни форми. На големо се применуваат на пример усни, незаконски договори за наем на работна сила, закуп на земја, купопродажба и слично, за да се заштедат средства врзани со трошоци за подготовка на договор, за регистрација,даночни и други плаќања. Меѓутоа законските договори се со предност бидејќи, не постои можност од откривање и голема казна за неостварување на законски обврски и заштита на интересите од трета страна се гарантирани, а можен е пристап до општествени програми.
Вкупни ефекти од договорите на земјоделското стопанство. Ефективното управување на договорите многу често претставува можност за избор не на една туку на неколку разни форми во одделни функционални области на стопанството. Тоа се налага поради неможноста за остварување на целите во соодветната област преку најефективната форма (обезбедување на целата неопходна земја, на целосното финансирање, реализација на вкупното производство) или од желбата на земјоделецот да се здобие со различни погодности и или да го сподели ризикот помеѓу повеќе договорни форми. Така, на пример, земјоделецот може да реализира дел од производството директно на пазарот на големо или на мало ( моментален или стандарден договор), а останатиот дел преку кооператива (договор за членство и користење на услуги на кооперативата).
Во одделни ситуации, ниедна од практично можните договорни форми (или комбинација помеѓу нив) во определена функционална област не е прифатлива од менаџерот, бидејќи не дава можност да се остварат саканите погодности, или е недозволено скапа, или не овозможува да се реализираат вкупните цели на стопанството. Во такви случаи е потребно да се утврди какви се алтернативните можности за достигнување на целите на стопанството и произлезените од тоа договорни потреби во другите функционални области. Потоа се прави оценка и избор на новите договорни алтернативи според претходно предложениот пристап. Притоа, неретко може да се укаже потребата од споредбени оценки на договорните форми во две или повеќе функционални области на земјоделското стопанство. Ако и новата оценка не води до прифатлив избор на договорна комбинација, потребно е да се преразгледа и промени стратегијата за развој на фармата – зацврствување на постојниот обем наместо ширење на капацитетите, промена на структурата на производството, промена на производната ориентација (тип на производство) и така натаму.
Заклучок. Земјоделското стопанство е област, богата со разнообразни и интензивни договорни односи. Земјоделските менаџери перманентно треба да разработуваат, користат и управуваат многубројни и разновидни контакти. Изборот на ефективна договорна форма е неразделен дел од управувањето на земјоделското стопанство и основно средство за зголемување на ефектите на стопанството. Со овој напис сакавме да покажеме дека современиот развој на агроекономската наука дава ефективни приоди за систематизирање и оптимизирање на договорните односи на земјоделските кадри. Нивната анализа и усовршувањето, треба да стане примарна задача на новите насоки на аграрната економика, односно економики на аграрните договори. Оваа материја мора да најде место и во наставните содржини на предметите за управувањето на земјоделските стопанства.
Проф.Др.Борис Анакиев
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.