Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии
Објавено во: Колумни 02 Декември, 2024
Неполни 50 денови остануваат до инаугурацијата на Доналд Трамп на претседателската функција на најголемата воена сила во светот. Толку денови им остануваат на Украина и на Русија да ги остварат воените цели во третата година во војната. Цели, кои со текот на времето се пишуваа, се препишуваа, се допишуваа. За денес да нема ништо останато од она што беше декларирано на почетокот на руската агресија врз Украина. Најновата цел на Украина е членство во НАТО, онака како што го замислил претседателот Владимир Зеленски. На Русија целта е да освои повеќе територии на истокот од Украина, а ако може и да ги врати 500-те квадратни километри под украинска окупација во Курската област.
Во моментов американската администрација прави се’ за максимална поткрепа на Украина. Она што не го правеше претседателот Џо Бајден, кога требаше, сега, на заминување, го прави небаре Украина може да направи некаков воен пресврт до инаугурацијата на Трамп. Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен, вчера вели:„ Се подготвуваме да направиме се’ што е во наши сили во текот на останатите 50 дена да и ги дадеме на Украина сите можни инструменти за зацврстување на нејзините позиции на военото поле, за да би де посилна на масата за преговори. Претседателот Бајден ме задолжи да го надгледувам огромното зголемување на испораката на воена техника на Украина, за да го потрошиме секој долар доделен од Конгресот до моментот кога претседателот Бајден ќе ја напушти функцијата“. Сумите не се мали, се мерат во милијарди долари, секоја недела се споменуваат испораки во вредност од стотици милиони долари. А, Бајден од Конгресот тајно побарал уште 24 милијарди долари. Саливен смета дека администрацијата во заминување ќе ја стави Украина во најдобра положба, кога ќе ја предаде штафетата на новиот тим. Значи интересот на Бајден е Украина да има посилни позиции во евентуалните преговори, па затоа и купот ново оружје за Киев. А тоа што ситуацијата само ескалира, како да не го интересира.
Ново-стариот американски претседател во предизборието најавуваше мир во Украина за 24 часа, но уште тогаш беше јасно дека тоа е предизборен трик. Па најавуваше дека ќе донесе мир во периодот додека седне на претседателската фотелја. Сето ова ќе се заборави кога ќе го добие уздите во САД. Тој веќе назначи свој специјален претставник за Украина Осумдесет годишниот воен ветеран, Кит Келог, ќе треба да ги подготви условите за прекина на војната и за мировни преговори. Американски медиуми сметаат дека тој може да одигра клучна улога во ставањето крај на војната. Келог, по назначувањето во социјалните мрежи напиша дека со нетрпение ја чека можноста „неуморно да се труди над обезбедувањето „мир со посредство на сила“ и да ги брани интересите на Америка“.
ДО МИР СО СИЛА
Веднаш по назначувањето почнаа да се обнародуваат и неговите изјави околу Украина. Па се спомна неговиот план од април годинава со кој се предлага на Украина да и се продолжи испораката на оружје, но само ако е подготвена да седне на маса да преговара со Русија за ставање крај на војната. Војната би требало да се прекине на линијата на фронтот, без признавање на териториите освоени од Русија како нејзин дел, и да се создаде механизам за безбедност за рускиот претседател Владмир Путин одново да не помисли да ја нападне Украина. Келог предложи Украина да не биде примена во НАТО, со што би се стимулирал Путин да учествува во преговори, а на Русија би и се дале и перспективи за укинување на санкциите. Доколку Русија не се согласи на преговори, тогаш воената помош на Украина би се зголемила.
Целиот план ставен на хартија изгледа надежен, но во пракса тешко дека би с спровел. Прво, кои се интересите на САД во Украина и во односите со Русија, кои сака да ги брани Келог? Трамп досега не се изјаснил за нив. Можеби оние кои ги споменува републиканскиот сенатор, Линдзи Грем, кој е ден од најчестите гости во Киев. Неодамна во едно интервју, тој рече:„ Овој конфликт е поради пари. Луѓето малку зборуваат за тоа. Но, знајте, Украина е најбогата со ретки минерали во цела Европа. Такви минерали таму има на сума од два до седум трилиони долари и тоа е многу важно во 21. век. Украина е подготвена да работи со нас, но не со Русите. Затоа во наш интерес е да направиме Русија да не ја завладее таа земја“. Дека Грем разговарал за оваа варијанта со Зеленски, може да потврди и неодамнешната изјава на Зеленски, кога им вети на Американците дека ќе им отстапи природни богатства за помош во војната.
Не се знае дали интересите на Трамп ќе се поклопат со оние на Грем. За да си ги врати американските пари вложени досега во војната. И таа варијанта, за природните украински богатства не треба да се отфрли. Но, овде многу побитен е интересот на Зеленски. Тој, изненаден од победата на Трамп сега на секој начин гледа некако да му се доближи. Трамп го има наречено Зеленски трговец и виновник за војната. Сега Зеленски и тимот околу него прават се’ да бидат поблиски до американскиот претседател.
Интересот на Зеленски, откако не се постигна мир на почетокот на војната, беше борба до истребување на Русите и враќање на границите од 1991 година. Со текот на времето , во зависност од актуелната состојба на военото поле и интересите на Зеленски се менуваа. Па така можеше да се чуе дека има некаков план за мир, па план за победа, па план за внатрешна стабилизација...И така веќе, како да се губеа од видикот границите од 1991 година. Па можеше да се чуе за Украина без Крим, за враќање на границите од 24 февруари 2022 година, кога Украина, покрај Крим, не контролираше и територии од Донбас. Сето ова делуваше збунувачки. Што ќе му е враќање на состојбата од 24 февруари, кога тој веќе ја имаше и можеше да ја зацврсти со целосен суверенитет, ако им дадеше определена автономија на руските жители на Донбас. Како што налагаа Минските договори.
ПРИЗНАНИЕ НА ПОРАЗОТ
Најновото од репертоарот на Зеленски е членството во НАТО! Тој е подготвен за прекин на војната, доколку земјата стане членка на НАТО. Тоа го изјави во интервју за телевизискиот канал Sky.„Ако сакаме да ја прекинеме жешката фаза од војната, нам неопходно ни е, да се земе под чадорот на НАТО територијата на Украина, која се наоѓа под наша контрола“, изјави Зеленски. Тоа, би помогнало, според Зеленски, во преговорите за враќање на териториите, заземени од Русија, по „дипломатски пат“. Со ова Зеленски практично се откажува од главната точка на неговата „формула за мир“, - војна се до враќањето на сите територии во границите од 1991 година.
Ова што го прави Зеленски не е „предавство“, иако многумина во Украина ќе го осудуваат поради ваквиот став. Пред се јастребите, но и националистите под оружје. Украинскиот претседател сега започнува нова игра. Тој го знае планот на специјалниот претставник на Трамп, Келог, за војната во Украина, кој го искажавме погоре. Слични ставови имаат и многу други луѓе од тимот на Трамп. Веројатно Зеленски и негови советници од Запад, сметаат дека таквиот план треба да се сосече во корен. Па минатата недела украинскиот министер за надворешни работи, Андреј Сибига, упати писмо до членките на НАТО, во кое, според Ројтерс, Сибига ги повикал колегите од НАТО да му упатат покана на Киев за членство во Алијансата на министерската средба што ќе се одржи утре и во среда. Се смета дека ова би било знак за Путин за ескалација на војната, на што би се спротивставил Трамп. Задачата на Зеленски во однос на Трамп е да се направи така, вината за каква било мировна иницијатива да падне врз Путин. Но оваа приказна сигурно нема да помине кај Трамп. Не е исклучено сега да почне кампања за убедување на Трамп да го смени ставот за членството на Украина во НАТО, да ја прифати идејата на Зеленски, како и обиди да се организира поканување на Украина во Алијансата до денот на инаугурацијата на Трамп.
Согласноста на Зеленски да ја замрзне војната во замена за членство во НАТО може да ги урне и евентуалните намери за преговори. Тоа го тврди и бившиот шеф на воената мисија на Франција во ОН, генералот во пензија Доминик Тренкан, за Le Parisien. „Кога однапред објавувате со што треба да завршат преговорите, на пример, со враќање на изгубените територии, вие не можете да го привлечете на такви преговори господинот Путин. Тоа е крајно нереално“, изјави Тренкан. Според него, „токму НАТО е причината, која Путин ја користи, како оправдување на војната“. Како да била целта да се покаже дека Путин не сака преговори и ги отфрла сите предлози. За Тренкан изјавата на Зеленски е „признание на поразот и неспособност трезвено да се оцени реалноста и да се направи проекција на нејзината иднина“. Тренкан смета дека НАТО нема да реагира на зборовите на украинскиот претседател, „за да не ги нагласува грешките на Владимир Зеленски“.
ОСНОВНИ ПРИЧИНИ ЗА КОНФЛИКТОТ
Вчера Зеленски направи нова промена на темата НАТО. Кај него на гости дојдоа новите луѓе на ЕУ. Претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, првиот човек н дипломатијата Каја Калас и комесарката за проширување , Марта Кос. Од она што излезе во јавноста очигледно е дека домаќините ги занимавале гостите и со членство на Украина во НАТО. Веројатно опипувале пулс за такво нешто. Но веројатно на погрешна адреса. Зеленски во вечерното обраќање потврди дека разговарале за покана на Украина во НАТО. Покана која би можела „фундаментално да ја зацврсти Украина пред какви било преговори за завршување на војната. Работа, која многу може да гарантира справедливост на мирот“. На средбата Зеленски допуштил можност за влегување во НАТО без распространување на членот-5 за колективна одбрана! Од причина што тој член не може да дејствува во време на војна на целата територија на Украина, поради ризиците за вовлекување во војна и на другите членки на НАТО. Ова внесува конфузија, што сака Зеленски? Какво НАТО, ако не важи членот 5. Дали погрешно се изразил? Дали наредниве денови нема да има ново:„што сакаше да каже претседателот“? Дотолку повеќе што тој по интервјуто за Sky се коригираше и сега се застапува за членство на Украина со целата нејзина територија. Чудни некои изјави на Зеленски. Како да е конфузен, што не би можело да се рече, ако се знаат неговите ораторски и убедувачки тиради.
И додека Украина се подготвува за Трамп, Русија за почеток на преговори со Украина бара повлекување на нејзините војски од четирите нови руски региони. Москва бара официјално во меѓународни договори да се потврди статусот на Крим, Севастопољ, ДНР, ЛНР, Херсонската и Запорошката област, како руски региони и симнување на санкциите. Освен тоа Украина треба и официјално да се откаже од НАТО. Не треба да се заборави дека Путин, меѓу причините за почеток на воената операција на Украина ја споменуваше и „долгогодишната агресивна политика на НАТО, насочена кон создавање антируска отскочна даска на територијата на Украина, истовремено игнорирајќи ги интересите на нашата земја во сферата на безбедноста и газејќи ги правата на жителите што зборуваат руски“. Според Путин, за постигнување некаков договор најнапред треба да бидат отстранети основните причини за конфликтот.
Очигледно Зеленски сака да ја вовлече ЕУ во приказната за НАТО, но се чини главен адут на Трамп во Европа ќе биде унгарскиот премиер, Виктор Орбан. Ако се верува на унгарското „Радио Слобода“, претседателот Трамп, од изборите наваму неколку пати барал конкретни мислења од Орбан за Украина. И може да се случи Орбан сега да почне мировни патувања околу украинското прашање. Според изворите на радиото, Трамп во прв ред го интересирало што мисли Орбан за брз крај на војната во Украина, и каков алгоритам гледа за решавање на конфликтот. Трамо му ѕвонел на Орбан и да дознае како тој ги оценува способностите на Русија да ги продолжи воените дејства и колку стабилна кон предизвиците на војната е власта на Путин. Според радиото, Орбан порано изјавуваше дека Москва има неспоредливо повеќе ресурси, за да ја продолжи војната, отколку Киев, што е „блиску до идеите на Трамп“. Според владини извори, како резултат од тие разговори Орбан може да почне уште една мировна мисија спроти декемврискиот самит на ЕУ. Не се знае суштината на мисијата, но некои експерти сметаат дека Орбан може на страните да им претстави некои предлози од Трамп.
Ако вака се развијат работите, тогаш и фон дер Лајен и другите европски политичари кои го критикуваа Орбан за посетата на Москва, ќе мора да си ги подголтнат навредите кон Орбан. Тој ќе биде заштитен од Трамп. Тоа многу значи, особено сега кога ЕУ сака да му се доближи на Трамп. Велат за да го омекнат американскиот нов претседател, од ЕУ ќе му понудат од САД да купуваат многу повеќе земјоделски и прехранбени производи, а не помалку и оружје. Само да не дојде до трговска војна. Да не заборавиме дека Орбан своевремено изјавуваше дека Зеленски не сака да ја прекине војната со Русија и дека Трамп ќе ги повлече САД од војната во Украина. Потезите на Трамп ќе ги чекаат сите во ЕУ. Не само Зеленски и Путин.
НУКЛЕАРЕН СТАТУС ПРЕД НАТО
И додека Зеленски се подготвува за нова акробатика околу евентуалното мирно решение за Украина со помош на членство во НАТО, јавното мнение во таа земја потврдува дека анкетираните повеќе сакаат нуклеарен статус на земјата отколку членство во НАТО. Украинците неодамна ги прашале да ги кажат основните стратешки насоки на развој на украинската држава после војната. Во првата тројка влегле обнова на инфраструктурата (37%), развој на армијата (32%), и воведување механизам за обнова на нуклеарниот статус на државата(25%). Потоа доаѓа брз раст на економијата, па отворање на нови претпријатија и производство. Па дури потоа активирање на дејствата за влез во ЕУ(21%), па (19%) од испитаниците се изјасниле за влез во НАТО. Според анкетата, ако наредната недела би имало избори за претседател, тогаш на нив би победил Валериј Залужњи. Независно кој би му бил противкандидат.
Според анкетата доколку би имало парламентарни избори, на нив би победила хипотетичка партија на Залужњи. А партијата на Зеленски би била на второ место. Анкетата е уште една причина Зеленски да размисли за својата иднина и за иднината на Украина. Критичарите на Зеленски го обвинуваат дека е неспособен брзо и ефикасно да реагира на предизвиците на военото време, а исто така дека се опкружил со луѓето од неговото комедијантско студио „Квартал -95“. Репутацијата на претседателот е поткопана и од корупциските скандали во вооружените сили на земјата, иако нема никаков доказ дека и тој е вмешан во нив. Експерти велат дека рејтингот на Зеленски може да падне и ако се согласи со предлогот од Вашингтон да ја намали возраста за мобилизација од 25 на 18 години.
По сето погоре кажано околу намерите на Зеленски се поставува прашањето, а кој ќе го послуша и кој ќе се согласи со него? Зеленски е во трка со времето. Ене каде е 20 јануари. Нема многу време да се вршат експерименти со методата „проба и грешка“. Украинскиот претседател притиснат со војната, но и со паѓањето на рејтингот од една страна, и со желбата да биде победник во војната и нов претседателски мандат, од друга, сигурно не може многу да маневрира. За да не направи грешки Киев сега се престројува пред Трамп, а зад себе го има Бајден и големата воена помош. Па затоа Зеленски постојано, во последно време, зборуваше за дипломатски решенија , за мировни преговори, што е пријатно за увото на Трамп. Но Зеленски во суштина не е подготвен да ја прекине војната. Амбициите му се поголеми од реалноста за војната и популарноста. И тој не може да донесе мир. Сака некој друг да го направи тоа. Па нека се вика Доналд Трамп. На тој начин пред некои нови испитаници од народот ќе може да зборува дека е донесен мир, дека САД се најзаслужни за него, и дека не можело да се направи нешто повеќе. Дека САД се нашиот најголем сојузник и мора да ги слушаме. И дека останува надеж за подобра иднина во некакви преговори со Русија. Па ајде нека се стави крај на војната и да одиме на избори. Тоа е желбата на Зеленски.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.