18 Април, 2024
0.0253

Како до вистински политики во време на паралелни вистини и лажни вести?

Објавено во: Колумни 16 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Инспириран од секојдневното спомнување на терминот „лажни вести“ од сите страни во општеството  - Владата, политичките партии, граѓаните, медиумите, граѓанските организации, јавните институции (министерства, агенции, судство, општини), бизниси – поттикнат од бројните телефонски јавувања од роднини, пријатели, познаници во последниот месец,  поврзани со шпекулациите во банкарскиот сектор – се решив да излезам од мојата комфорна економска сфера и да елаборирам, коментирам една проблематика која ги заматува не само економските води туку и целиот процес на добро управување со јавните добра и ресурси.  Во продолжение покрај терминот „лажни вести“ ќе биде користен и терминот „паралелни вистини“, имајќи предвид дека целата ситуација ме потсеќа на серијата „Ѕвездени патеки: Откритие“ и постоењето на паралелни универзуми, каде играчите се исти, а во зависност од тоа која ја раскажува целосно е различна приказната улогите и вистините помеѓу тие играчи.  

Веднаш најдиректно да дадеме одговор на прашањето во насловот - овој процес не лесен, не е едноставен, потребно е многу време, нерви и за волја на вистината ова претставува предизвик со кој се соочува глобалниот свет, посебно малите и кревки економии и демократии.

Огромната количина на лажни (или полувистинити) вести не доведува во ситуација на тешко доаѓање до вистината и креира околина во која постојат повеќе паралелни вистини. Ова е така имајќи предвид дека луѓето се рационални и здраворазумски битија, чие што однесување се модифицира и менува со стимулирање на нивните сетила (согласно нивните  интереси, сфаќања, искуства) – лажните вести се тие кои прават дисторзија во овој систем и стимулираат различно однесување/реакции кај различни индивидуи.

Доколку состојба на лажни вести во едно општество трае подолго, се создаваат паралелни вистини кои придонесуваат кон тоа определени групи во општеството да се затворат во своите вистини и начини на толкување, разбирање. Ваквата состојба е потоа тешко да биде брзо исправена и ни фактите и „вистинската“ вистина не може тоа да го променат на краток рок и без загуба на време и ресурси.

Ова е сериозен предизвик за сите нас и целото општество – меѓутоа претставува посебен проблем и предизвик за креирањето на економските и другите политики, донесувањето на одлуки и спроведувањето промени/реформи во државата. Доколку граѓаните/индивидуите се фатени во кругот на лажни вести тогаш последиците се сериозни, меѓутоа кругот на влијание е многу помал/ограничен на семејството пријателите колегите, роднините. Кога креаторите на политиките (Владата, политичките партии и другите институции) се фатени во „спиралата“ на паралелни вистини и лажни вести тогаш штетата е преголема, а последиците имаат ефект на илјади граѓани, понекогаш и на целото општество.

Оваа теза е од особена важност за оние кои носат одлуки и креираат решенија имајќи предвид дека преку сигналите од граѓаните за нивните решенија и политики добиваат повратен одговор за начинот на која треба да продолжат со своите активности. Меѓутоа ако сигналите кои ги добиваат се измешани, тогаш повратната врска/одговор кој го добиваат не се секогаш точни/исправени што има свои последици на долг рок во перцепцијата на креаторите на политиките за успешноста и исправноста на насоката во која се движат. Ваквата ситуација на мноштво од паралелни вистини/лажни вести може исто така лесно да биде искористено и од креаторите на политиките – тие исто така да се затворат во своите идеи, размислувања, вистини – и да претпоставуваат дека она што го прават е најисправно и дека голем дел од  критиката на нивните политики се лажни вести, ставови манипулирани - поттикнати од лажните вести и дека таа критика не е кредибилна... И додека за граѓаните е дозволиво да бидат изманипулирани (најчесто само краткорочно), оние кои креираат политики и носат решенија не смеат да си го дозволат тоа, имајќи предвид дека нивните одлуки ја менуваат околината, имаат влијание на реалноста и животот на луѓето – тие треба да опстојат на вистинските позиции, кои ако се на линија на фактите/вистината во определен период ќе ги разоткријат и елиминираат лажните вести, ако е спротивно недовербата дополнително ќе се засили.

При оваа наша елаборација не навлегуваме кој е во право и кои се причините за креирање лажни вести и паралелни вистини.

Оттука особено е важно „расчистување на маглата“ и посебно важно прашање кој и како може да ја расчисти маглата од паралелни вистини и лажни вести. Како да дојдеме на „чиста подлога“ кога најголемиот дел од граѓаните ќе можат без двоумење несигурност да примат и застапуваат определена информација. Едно од релевантните прашања, кое бара посебен простор за елаборација во друга прилика -дали дел од граѓаните/интересните групи навистина сакаат (или зошто не сакаат) да ја видат вистинската информација, точниот податок, или се чувствуваат покомфорни во веќе креираната слика и сопствена вистина.

 Во делот на ширењето на паралелните вистини кај граѓаните не можеме да не ја спомнеме улогата на медиумите, како крвоток на информативната мрежа во општеството. Професионалниот однос на медиумите е пресуден за креирањето на мислењето кај јавноста, нејзиниот одговор на окружувањето, мерките, политиките и нејзиното однесување и реакции по истите. Оттука повик и одговорност кон сите медиуми за споделување на проверени информации, објавување на изворите на информациите, добро селекција на релевантни гости/говорници, постојана едукација на своите гледачи/слушатели и чесен однос на професијата која сериозно може да влијае на перцепцијата за секоја политика/одлука/настан.

Нашиот фокус тука е на посебно значајните начини на кои креаторите на политиките (Владата, државните институции, политичките партии) можат да ја расчистат маглата од лажни вести и да создадат околина во која не виреат паралелни вистини. Кои се тие поуки (принципи) кои секој кој креира политика, носи одлука, предлага реформа, треба да ги има предвид и не треба да ги заборави:

 - Бидете транспарентни и отчетни во обезбедување колку што е можно повеќе факти, информации и податоци  (има една изрека  - во состојба на сомнеж, треба да преовлада транспарентноста). Ова практика и заложба е главен непријател на лажните вести и паралелните вистини.

- Едуцирајте ги своите граѓани – да знаат да ги побараат и прочитаат фактите и информациите, да знаат да ги разберат и со тоа да ја побараат и најдат и препознаат вистината кога ќе биде пред нив.

 - Водете политики базирани на факти, докази и анализи кои можат лесно да се најдат, разберат и да ги разбијат сите сомнежи и лажни вести.

 - Подгответе го теренот за секоја поголема реформа или политика – сослушајте ги граѓаните, не брзајте, не игнорирајте (брзањето и импровизацијата остава простор за паралелни вистини).

Доколку нешто се испостави дека е точно, или погрешно јасно признајте и транспарентно образложете  - тоа ги отстранува можностите за манипулација со вистината.

Обидете се тоа што ќе го најавите/ветите да го исполните или транспарентно објасните зошто не е исполнето (ваквите моменти се расадник за лажни вести).

 - Внимателно одмерувајте ги Вашите јавни настапи и најави пред се на клучите луѓе во институциите – секоја импровизација и слободна интерпретација создава никулци за паралелни вистини и лажни вести.

 - Неказнивоста на секоја  манипулација или проневера на јавни ресурси исто така преставува расадник за лажни вести и паралелни вистини.

Живееме во време на информации, различни интереси и многу можности - време во кое информацијата стимулира размислување, размислувањето води до одлука, а секоја одлука има соодветни последици/ефекти и во економијата и во политиката и во секојдневниот живот – обидете се во секоја прилика да ја побарате вистинската информација, за да ја донесете вистинската одлука!


Проф. д-р Борче Треновски

Економски факултет – Скопје, УКИМ


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок