14 Мај, 2024
0.0245

Како државата се иззема од законот за финансиска дисциплина?

Објавено во: Колумни 02 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Повеќе од јасно е дека надежите на бизнисмените се изјаловија. Тешко дека со најновото понудено законско решение во блиска иднина ќе може да се најде лек за решавање на горкиот проблем со недисциплината во плаќањето меѓу државниот и приватниот сектор . Законот за финансиска дисциплина и покрај најавите не ја нуди потребната регулација со која ќе се надмине долгогодишниот проблем на одолговлекување на плаќањето на обврските, па дури и свесното избегнување да се исполнат обврските спрема доверителите. А надежи постоеа, пред се’, поради одредбите  со стриктни рокови во договарањето за плаќање на обврските и ригорозните санкции за непочитување на договореното. Се ветуваше дека во процесот на дисциплинирање на неплаќачите ќе влезат и државата и јавниот сектор. Договорено било, единствено одложување да има само за Фондот за здравствено осигурување, но тоа не се третираше како голем проблем. Како резултат на таквиот договор бизнисмените пред медиумите со „славопојки“ за законот ги промовираа решенијата, верувајќи дека тоа што го прочитале во последната верзија на законот ќе биде и конечното законско решение. Но, што тоа се промени и поради што потонаа „лаѓите“ на македонските бизнисмени, кои, минатата недела, алармираа дека спроведувањето на законот за финансиска дисциплина ќе ги влоши состојбите во стопанството? Проблемот е во тоа што содржината што се договарала меѓу надлежните и бизнис заедницата отстапува од текстот што е објавен во службеното гласило на државата. Во објавениот текст, црно на бело, стои дека рокот за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена меѓу субјекти од јавниот и приватниот сектор, во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник ќе се применуваат од 1 јануари 2016 година. Значи, спротивно на договореното, „бонусот“ за Фондот за здравствено осигурување е проширен и на другите субјекти од јавниот сектор. И тука се јавува главниот проблем. Очигледно се случило она во што бизнисмените се’уште неможат да поверуваат. Добија решение што не го очекуваа, а не знаат како се случило тоа. Може само да се претпоставува.  Промената е направена или во Собранието или во постапката на објавувањето во службеното гласило. А добро е да се знае дали се работи за политичка одлука или е грешка на неодговорни службеници. Но, со сигурност може да се претпостави дека не се работи за грешка, бидејќи ако беше така, грешката ќе се исправеше досега, а неодговорните ќе беа санкционирани. Очигледно е дека се работи за случај со  посериозни импликации, како во  односите на власта со бизнис заедницата, така и во односот кон проблемот на ненаплатените побарувања. Ако станува збор за политичка одлука донесена во последен момент, тешко е да се избегне критиката дека бизнис партнерот бил „изигран“, со оглед на фактот што не бил благовремено информиран за тоа што се случува (притоа, да не ги забравиме пратениците –бизнисмени во парламентот, како тие успеале со месеци да не ја информираат бизнис заедницата). „Изигрувањето“ не би било проблем доколку со последната верзија на законот се подобреше позицијата на субјектите од приватниот сектор. Меѓутоа, проблем е што со измената битно се наруши надежта дека почнува да се решава проблемот на неплаќање на обврските меѓу стопанските субјекти, во кој голем удел, покрај приватниот, имаат и субјектите од јавниот сектор. А тие се бројни, почнувајќи од органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа; фондовите; агенциите; дирекциите; бироата и јавните установи основани од Република Македонија, преку,  јавни претпријатија формирани од Република Македонија; општините; градот Скопје; општините во градот Скопје и друштва врз кои државата или органите на општините имаат директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив. Оттука, а со оглед на тоа што добар дел од домашните бизниси многу зависат од соработката со субјектите од јавниот сектор очигледно е дека бизнисмените од приватниот сектор се изиграни, а позитивните очекувања  за поефикасна наплата на побарувањата од соработката со јавниот сектор ќе бидат само пуста желба. Со бенифициите кои и со овој закон ги добија субјектите од јавниот сектор домашните бизниси се повторно пред дилема- дали да соработуваат со нив? Бидејќи доколку не можат да сметаат на сигурна наплата за 60 дена, не можат да воспоставуваат ни деловни односи со други субјекти на кои тие треба да им платат во тој рок. Тие се повторно на стартна позиција- на позиција пред донесување на законот за финансиска дисциплина. Ова е знак дека „здравјето“ на финансиите во државата се’уште не е на степен да се подвргне  на поголема дисциплина. Се’уште му е потребна инјекција од приватниот сектор. Меѓутоа, таа него го чини многу, со оглед на неговата финансиска исцрпеност. А, до наплатата на побарувањата од јавниот сектор, приватниот бизнис и натаму ќе мора да  позајмува средства, нормално ако е кредитоспособен. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка