25 Април, 2024
0.0260

Како ќе изгледа процесот на спречување на перење пари во иднина?

Објавено во: Колумни 24 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Спречувањето на перење пари претставува едно исклучително комплексно прашање на кое мора да му се посвети должно внимание. Со оглед на тоа што самото перење пари е една „жива материја", односно процес кој постојано се развива и бара нови форми на манифестација, потребно е да се дефинираат одредени насоки и препораки за применување на процесот на спречување на перење пари во иднина.

За да може да се дефинираат соодветни насоки и препораки, треба да се даде одговор на следните прашања: а) Со кои предизвици ќе се соочуваат во иднина финансиските  институции при спроведувањето на процесот на спречување на перење пари? б) Кои ќе бидат основните механизми за откривање и спречување на перењето  пари? Дали постојат нови технологии коишто можат да се искористат во функција на предвидување на заканите и/или идентификација на можните активности од областа на перењето пари? в) Каква ќе биде улогата на внатрешните ревизори, лицата задолжени за следење на усогласеноста со прописите и лицата задолжени за спроведување на процесот на спречување на перење пари во иднина? А) Еден од најголемите предизвици со кој ќе се соочат финансиските институции во иднина е оптималната распределба на човечките и материјалните ресурси за да може институцијата соодветно да одговори на барањата на позитивните законски прописи и соодветно да управува со ризиците од перење пари. Овој глобален предизвик може да се подели на серија помали предизвици: човечките и материјалните ресурси мора да бидат поставени, односно организирани на начин што ќе ѝ овозможи на финансиската институција спроведување на сите активности поврзани со деловните односи со комитентите; финансиската институција мора да одлучи кои трансакции или комитенти носат најголем ризик; мора да се изврши оптимализација на времето потребно за спроведување на финансиски истраги. Б) Технологијата може да биде од голема помош при откривањето на сомнителните трансакции. Софтверите за спречување  перење пари можат на пазарот да се најдат во различни форми и големини, но најчесто нивната цена е висока. Од таа причина, лицето одговорно за спречување  перење пари мора да ја оправда инвестицијата во современите технологии. Тоа ќе го направи само ако ја промени својата филозофија - перењето пари не се открива само преку следење одредени активности или трансакции, туку преку комплексна и динамична проценка на ризиците. Технологијата, односно софтверското решение треба да овозможи ефикасна борба против перачите на пари. Онаа технологија која овозможува посеопфатна анализа на ризиците од перење пари ќе придонесе за избегнување на скапите истраги на легитимните трансакции. В) Се очекува во иднина сѐ поголемо значење да имаат внатрешните ревизори, лицата задолжени за следење на усогласеноста со прописите (compliance officers) и лицата задолжени за следење на примената на процесот на спречување перење пари. Потребна е тесна соработка помеѓу овие три лица (односно три служби) за да може финансиската институција соодветно да ги следи промените во меѓународното и националното законодавство, тие промени да ги преточи во своите интерни акти и процедури, да спроведе соодветни обуки на вработените и целосно да го примени процесот на спречување перење пари. Може да се очекува лицата коишто се одговорни за применување и следење на овој процес да го добијат истото значење во финансиската институција што го имаат лицата задолжени за следење на усогласеноста со прописите и внатрешните ревизори. д-р Гоце Трајковски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД