25 Април, 2024
0.0308

Како ќе се регулира вештачката интелигенција во уметноста - Може ли да ве тужат и да тужите за повреда на авторски права?

Објавено во: Интервјуа 31 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

Може ли содржинитекои ги генерирате со алатките за вештачка интелигенција (ВИ) да ве доведат на суд? Употребата на генеративната вештачка интелигенција експлодираше во последните месеци. Речиси секој „си поигра“ со алатките, правејќи ВИ профилна слика или се испроба со креативни „промптови“ за создавање слика во интересен стил. Сепак, употребата на новата технологија не е без ризици.

Иако во преден план се големите компании, медиумите, маркетинг агенциите и софтверските студија, сепак и самите поединци треба да ги знаат основните правни рамки за употреба на материјалите генерирани од ВИ алатките. Без оглед дали ќе ги користите за бизнис идеја, комерцијализација или само за забава, можни се одредени правни импликации.

Подетално разговараме со адвокатката Ангела Јанкоска од Адвокатската канцеларија Јанкоска и Трајковска која меѓу другото се специјализира и за правата од интелектуална сопственост.

„Моментално, македонскиот Закон за авторското право и сродните права го дефинира авторот единствено како физичко лице кое создало авторско дело, односно се бара авторот директно да учествувал со својот труд и интелект во создавањето на делото“, вели Јанкоска.

Како што вели таа, авторското дело подразбира индивидуална и интелектуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и другите области на творештвото, независно од видот, начинот и формата на изразување.

„Следствено, иако во некои држави во светот има тенденција делата создадени од ВИ да уживаат заштита со авторско право, кај нас во овој момент тоа не е можно бидејќи генераторот на ВИ самиот по себе не може да биде „автор“, потенцира Јанкоска.

Јанкоска ја прашавме и што треба да знаат македонските корисници за ВИ алатките, во поглед на правните аспекти. Дали може слободно да ги користат сликите, текстовите, видеата и останатите генерирани содржини и дела од сервиси како ChatGPT, Dall-E, Midjourneyи други. Може ли да ги споделуваат безгрижно на социјалните мрежи, да ги комерцијализираат, да ги продаваат и да ги стават во промет без притоа да се грижат од можна тужба?

„Иако делото создадено со помош на вештачка интелигенција засега не е предмет на авторско право што му се припишува на некое лице, сепак тоа не значи дека истото е слободно за користење и ставање во промет, затоа што уметноста што е искористена за да се генерира тоа дело често може да биде предмет на заштита на авторско право“, вели Јанкоска.

Таа потенцира дека за да се избегнат потенцијални правни проблеми, корисниците треба да размислат и да проверат како генераторот што го користат ги добил неговите информации.

„Иако ова е прашање кое ќе треба да се цени од случај до случај и не може однапред да се даде одговор, сепак доколку корисниците препознаат слики од уметник или фотограф или забележат дека новосоздаденото дело со ВИ многу наликува на претходно оригинално дело или користи очигледни елементи од други оригинални дела, не треба да ризикуваат и истото да го споделуваат, репродуцираат, комерцијализираат“, смета Јанкоска.

Дополнително, не треба да се заборави и дека различните генератори на ВИ си имаат свои различни услови и правила за нивна употреба кои го регулираат односот меѓу корисникот и генераторот и се препорачува да ги прочитаат истите пред да одлучат дали и на кој начин ќе користат или дистрибуираат какво било дело кое што го создале преку ВИ.

Тоа што може да ги комплицира состојбите е опцијата за генерирање слика, текст, аудио и видео во стил на некој уметник или позната личност. Се поставува дилемата дали креирањето на пример слика според стилот на некој етаблиран сликaр значи дека се нарушени неговите авторски права и може ли тука да настанат проблеми, особено при употребата на овие материјали во креативните сектори, маркетинг и рекламни агенции, медиумите и организациите.

„Создавањето дела во препознатлив стил на некој уметник или позната личност, како што беше случајот со сликата „Следниот Рембрант“ во Холандија која беше компјутерски генерирана со анализирање на илјадници дела на Рембрант со цел да се долови неговиот стил, или пак песните во стилот на Канје Вест и Дрејк кои беа создадени преку анализирање на текстовите од претходни песни, можат потенцијално да ги повредат авторските права, но повторно станува збор сè уште за сива зона, која ќе мора да се цени на поединечна основа“, анализира Јанкоска.

Таа додава дека создавањето содржина во стил на етаблиран уметник може да ги повреди неговите авторски права доколку репродуцира или копира значителни елементи од нивните оригинални дела без овластување.

„Авторското право ги штити оригиналните креативни изрази, вклучувајќи визуелни стилови, техники и уметнички избори направени од уметникот. Создавањето содржина што многу наликува на делото на уметникот може да се гледа како неовластена репродукција“, објаснува Јанкоска.

Со алатките за ВИ се создава и опасност од копирање на авторски дела во базите за учење на моделите со толкава брзина на која не може да одговорат ниту креаторите ниту организациите за заштита на авторски права.

Дали таа несигурност треба да се регулира за да нема злопотреби и колку оваа тема е воопшто интересна за македонските законодавци, со оглед на постојната „лабава“ почит кон веќе воспоставените стандарди за авторски права?

„Неспорно е дека со сè пошироката употреба на вештачката интелигенција, како и со усовршувањето на делата генерирани преку неа, правната регулација на оваа проблематика ќе станува се понеопходна и се поитна. Имајќи предвид дека од ден на ден сè повеќе бледнеат разликите помеѓу делата создадени од човекот и делата создадени од компјутерот, правната наука и теорија веќе се трудат да дадат одговор на прашањето како авторското право треба да се развива со цел да одговори на брзиот напредок на вештачката интелигенција“, смета Јанкоска.

Потребно е да покажеме разбирање за целиот процес, правотоја следи информатичката технологија, но секогаш е неколку чекори зад неа, па следствено ќе биде потребен одреден период за вештачката интелигенција да се регулира во „традиционална смисла“ и истата да биде „ограничена“ во редовите на законските прописи, дополнува таа.

Оттука, како ВИ ќе создава сè пософистицирани дела, така и барањата и притисоците за нивна заштита ќе се зголемуваат и домашното законодавство ќе мора да најде начин  да ја регулира ВИ како „креативен творец“ кој може да создава оригинални дела. Во иднина веројатноста е голема дека ВИ ќе добие одредено правно признавање, но тоа не значи дека истата ќе биде препознаена како „автор“.

„Законодавците ќе треба да развијат нови креативни решенија кои ќе ги балансираат интересите на креаторите, корисниците и лицата кои ја развиваат вештачката интелигенција, а барањето на „едно решение кое ќе им одговара на сите“ ќе биде сложен и долготраен процес,“ заклучува Јанкоска.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“