29 Март, 2024
0.0260

Како се врши легализирање на криминалните приноси?

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Финансиските институции во рамките на своите редовни активности се соочуваат со низа на предизвици. Дел од предизвиците со кои се соочуваат се резултат на нивните редовни активности, а друг дел се јавува под влијание на економското и општественото окружување во кое функционираат тие институции. Еден од најголемите предизвици пред кој се исправени финансиските институции е секако, перењето пари.

Претворањето на "црните пари во зелени", односно легализирањето на криминалните приноси, отсекогаш била крајната цел на субјектите кои вршат перење пари. Тие субјекти сакаат да уживаат во плодовите од своите нелегални активности на легален начин. За да ја постигнат таа цел, криминалните субјекти настојуваат да ги внесат нечистите пари во системот на финансиски институции, да ги исперат парите, а потоа да ги користат тие пари за одредени легитимни активности. 

Финансиските институции се доведени во опасност да станат продолжена рака на финансискиот, односно организираниот криминал. Притоа, мора да се има во предвид дека денеска под поимот организиран криминал не се подразбира строго утврдена хиерархиска структура и организација, туку голем број на мали и флексибилни криминални групи кои делуваат независно една од друга. Тоа во значителна мера ја усложнува борбата со перењето на пари. Ако една криминална група биде уништена, на нејзино место се појавува друга која продолжува со активностите на перење на пари.

Ниедна земја во светот не е имуна на процесот на перење на пари. Ниедна земја во светот не може максимално да ги заштити своите финансиски институции од опасноста од нивно инволвирање во процесот на перење пари. Зошто е тоа така?

Одговорот лежи во различните фази на процесот на перење пари и нивната имплементација во различните системи на финансиски институции ширум светот. Во неразвиените земји постои низок животен стандард, енормно висока стапка на невработеност и високо ниво на корупција. Финансиските институции од овие земји се поставени пред исклучително тешка задача да се застанат на патот на нелегално стекнатите приходи на поединци и да не дозволат да влезат во нивните шеми на перење пари. 

Од друга страна, развиените земји имаат строго дефинирани правила на функционирање на финансиските институции. Во таква ситуација, обично и имплементацијата на процесот на спречување на перење пари е на квалитативно повисоко ниво, отколку што е тоа случај со неразвиените земји. Освен тоа, останатите институции на системот функционираат, сивата економија и готовинските плаќања се сведени на релативно ниско ниво, а животниот стандард на граѓаните е доста висок. Па сепак, и во овие земји перењето пари и злоупотребата на финансиските институции во таа цел е релативно честа појава. Што доведува до појавата на перење пари во земјите со стабилни системи на финансиски институции?

Токму таа стабилност на системот и дефинираните "правила на игра" ги тера криминалците да ги насочуваат своите приноси од финансиските институции во неразвиените земји кон финансиските институции во развиените земји. Криминалците сакаат безбедно да уживаат во своите приноси, а тоа не можат да го прават во земји каде нема пропишано стандарди и норми на деловно работење. Затоа, нечистите пари се перат преку финансиските институции на неразвиените земји, а потоа тие средства се насочуваат кон банките и небанкарските финансиски институции во развиениот свет. Со оглед на тоа што фазата на пласман, а често и фазата на прикривање се извршени во финансиската институција во која се внесени парите, останува уште фазата на интеграција која речиси редовно се случува во развиените земји со стабилни финансиски институции. Доколку перењето пари стаса до фазата на интеграција, и најсовршените системи и методи за борба со овој феномен тешко можат да докажат дека се работи за перење на пари. Потеклото на тие пари е невозможно да се утврди од страна на финансиските институции во развиените земји, а во одредени ситуации тешко се утврдува и трагата, односно патот на движење на парите. Од тие причини, финансиските институции во развиените земји се соочуваат со истата опасност од перење пари, како и нивните кореспондентски институции од неразвиените земји.

                                                                                                  

д-р Гоце Трајковски



*Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народната банка на Република Македонија


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?