Како „Стопанска банка Скопје“ оствари добивка од една милијарда денари за 90 дена?
Објавено во: Економија 15 Мај, 2018
Фантастичен квартал бележи „Стопанска банка Скопје“ која за 90 дена надмина една милијарда денари.
Тоа значи дека резултатот е подобар од истиот период лани.
Официјалните податоци покажале дека „Стопанска банка Скопје“ за три месеци остварила добивка од 1,05 милијарди денари што е за 57 отсто повеќе од 2017 година
Заработката по акција за само три месеци изнесува 60 денари што е значајно повеќе од 38 денари заработка по акција остварена во истиот период во 2017 година. Оваа вест силно ќе ги охрабри малите домашни акционери на таа банка, а многу е веројатно да се очекува дека ќе охрабри многумина инвеститори на берзата да купат од таа акција.
Дали „Фени“ ја подобри „крвната слика“ на „Стопанска банка Скопје“?
Како банката оствари добивка од една милијарда денари за 90 дена? Нето приходите од камати достигнаа 960 милиони денари и во однос на првиот квартал лани се поголеми за 47 милиони денари. Во исто време нето приходите од надоместоци и провизии достигнале 245,3 милиони денари и во однос на првиот квартал лани се поголеми за речиси 9 милиони денари. Клучната предност за овој фантастичен резулат е во резервациите на средства за кредити. Имено, банката за првите три месеци има ослободени резервации во износ од 199 милиони денари. За споредба во истиот период лани имала резервирани средства во износ од 133,7 милиони денари. Ова значи дека „Фени Индустри“ во голема мерка ја стимулирал кварталната добивка на „Стопанска банка“ затоа што со неговото проработување почнал да сервисира обврски и банката ги намалила своите резервации. Трошокот на банката кој настанал како загуба заради оштетување нефинансиски средства е минимален и изнесува 7,7 милиони денари. Кредитирањето го држи на исто ниво, депозитите пораснале за 1,1 милијарди денари Кредитирањето за првите три месеци е на ниво од 60,8 милијарди денари што е речиси исто како и лани кога кредитирањето во првиот квартал било 60,66 милијарди денари. Од другите ставки на билансот на состојба значајно е да се истакне дека депозитите на други коминтенти пораснале за 1,1 милијарди и достигнале 71,97 милијарди денари.