28 Март, 2024
0.0395

Како суштински да ја поттикнеме високата профитабилност на банките во функција на македонскиот раст?

Објавено во: Колумни 03 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Како што завршив во претходната колумна, така и ќе започнам во оваа, со прашањето:  Каде се гледа македонската економија во стратешки рамки, на среден рок во пост-ковид периодот?  Во таа насока, јас ги познавам следниве правци и не познавам други, а тоа се:

(1)  ИТ & електрична енергија  

(2)  Земјоделство

(3)  Образование и 

(4)  Уметност   

Деновиве, пребарувајќи по материјалите за подготовка за часовите по контролинг, во една од книгите за таа намена, ја сретнав следнава реченица: „За да постигнеме големи нешта, не треба само да дејствуваме, туку и да сонуваме. Не треба само да планираме, туку и да веруваме.“

Имено, за да постигнеме силен раст во македонската економија, а притоа имајќи ги во предвид состојбите со ковид-кризата, кои, сѐ уште не се завршени, поточно чекаме период т.н. пост-ковид, а го нема, на домашниот управувачки естаблишмент ќе му треба навистина голема способност, особено сега, да продуцира верба за раст на економскиот систем. Или, ако милувате со други зборови, во периодот што следи, без разлика кој ќе учествува во управувачките елити, тие едноставно мора да умеат да „продадат“ НАДЕЖ во граѓанството. Секако, тоа ќе биде речиси невозможно, за идните елити зборувам, доколку тие се немотивирани, или пак, истите немаат силна поддршка од банките. Во таа насока, ми доаѓа да напишам, а притоа молам да не ми замерат активните политичари, за следново: во тој занает наречен политика, во иднина треба, а многу здраво е ѝ за општеството, да влегуваат повеќе банкари и успешни претприемачи со најмалку двоцифрен број на години на стаж, отколку лица без искуство и обични идеолози. Практично, можеби ова ќе звучи чудно, но сум на мисла дека македонското општество има потреба од лица на раководни позиции - напред, кои, имаат карактерни особени на „workaholic“ и ќе бидат спремни да работат без работно време. Имено, јас разбирам дека треба да се размислува разумно и во насока на оптимално работење на управата од „8 часа работа во пет дена“. Пак, од друга страна во општествено-политичкото управување, од утре ќе биде потребно работа „25/7“ (т.е. ќе мора да се најде плус еден час). Исто така, знам дека „на младите е светот“, но тоа не значи дека првата работна позиција треба да биде висока и извршна. Секако, ова е мој личен став, стекнат од контактите со многу паметни умови кои постигнале нешто во животот.

Во контекст на ова, повторно мисла на Колин Пауел некако ми се наметна како добра, кој ќе истакне: "Сонот не станува реалност преку магија; потребно е пот, решителност и напорна работа“. Оттука, ако јас се прашувам, за тоа, дали имам надеж за македонската економија во стратешки рамки, на среден рок во пост-ковид периодот, ќе речам да, имам. За таа цел, подолу давам краток осврт во пет точки.  

Прво, Скопје и Охрид, треба да бидат двигатели и препознатливи во Западен Балкан како центри за привлекување на меѓународни ИТ компании. Со тоа, за пет години од денес, тие ќе постанат силни центри за привлекување на квалификувани млади лица од регионот. Практично, со други зборови би рекол, кој не би сакал да живее во Охрид со најмалку две просечни плати месечно, како програмер, а притоа да има убава подлога за создавање на креативност и енергија од природата... Ова, можеби изгледа како сон, и сум добивал коментари во инбокс, во таа насока (дека сум налудничав), но во право е Теодор Рузвелт, кога рекол: "Верувај дека можеш и веќе си на пола пат таму." Тука, пред сѐ мислам на можностите да се создадат предуслови, за тоа, како да се привлечат големите меѓународни компании од ИКТ и производството на електрична енергија, воопшто. За таа цел, претпоставените колеги од сојузната држава Баден-Виртемберг (од Хајделберг и Манхајм) основаа тело, препознатливо како „Совет за дигитална трансформација“, потоа избраа комуниколог експерт за таа работа, кој, знае како да лобира кај сите целни групи за оваа намена, и на крај, во него се интегрираат влијателни професори, експерти и голем дел на Факултети за ИТ, како членови. Според тоа, сум силно убеден, ако за пет години од денес, стратегијата „Скопје & Охрид - регионални центри за ИКТ, со цел привлекување на странски капитал на големите меѓународни ИТ компании“ успее, тоа ќе предизвика силен ефект, во растот на платите кај младите лица, така што, тие ќе се вработуваат во целост и на пазарот ќе се појави силен недостиг за таквите профили. На крај, тоа ќе предизвика притисок врз висината на платите, со нивно подигнување нагоре од една страна, и засилена потреба од развој на дуални едукативни установи за младите среднисти и дипломци, од друга страна.  

Второ, има една стабилна и речиси сигурна индустрија за раст на БДП, покрај градежништвото и фабриките во зоните, а таа се вика - земјоделство. За таа цел, мора системот, и тоа многу брзо, со алатки на маркетинг да ја врати некогашната атрактивност на земјоделското селско стопанство од средината на 19-ти век. Ајде, да погледнеме од друг агол. Имено, ако се анализира структурно, во македонската економија, лани, изворот на падот на БДП, особено во кварталот број 3, треба да се бара во индустријата, а највеќе кај гранките на трговија, транспорт и угостителство. Она што остана позитивно беше земјоделството и помалку градежништвото. Исто така, со поддршка на нови земјоделци во таа насока ќе се мотивира и стимулира земјоделското претприемништво. Секако, овде во анализата јас само елаборирам од стојалиште на економист. Во контекст на тоа, мора да се направи една „трилатерала“ помеѓу банките, идните земјоделски стопанственици и државата (некоја форма на гарантен фонд). Целта на таквата „трилатерала“ би била олеснет пристап до парични средства за инвестиции од страна на претприемачите земјоделци, и тоа, најмногу во современи капацитети за производство на земјоделски продукти. Од друга страна, пак, тоа за банките ќе значи поголема можност за раст на сигурни и стабилни пласмани. Кога велам, сигурни пласмани за банките, тоа подразбира дека тие ќе поддржуваат фирми во гранка која ќе инкасира приходи од извоз на земјоделски производи од 4 до 5 отсто од БДП.  

Трето, како добра тема во оваа насока, а со цел да има ефект на директно вбризгување на свежи пари (девизни средства) во економијата од надвор, за раст на БДП, се наметнува - легализацијата на парите кои се „под перница“ и сите оние пари изнесени надвор во другите економии. Во анализите од 2013 година, ќе се сретнам со податокот дека повеќе од 1 милијарда евра, нашите граѓани чувале надвор од системот „под перница“. Денес, таквите бројки се двојно повеќе. Дополнително на тоа, иако немам официјален податок, ќе шпекулирам дека на ова може да се придодадат и парите изнесени надвор од системот. Со тоа, се доаѓа до огромен потенцијал за раст на БДП. Толку голем, што може да личиме на БДП на Словенија или Хрватска. Во овој контекст, би дополнил - само претприемништвото е патриотизам и ништо повеќе. 

Четврто, морам да признаам дека ме воодушевува германскиот образовен систем. Не велам дека е најдобар, но е најприменлив и многу потребен кај нас. Имено, ако, Германија е наш најголем трговски партнер, а така е, ајде тогаш да дозволиме една реформа во образованието согласно нивниот модел. На мисла сум, и искрено се надевам, или сакам да верувам дека ова писание ќе биде еден мал придонес, мотивациски текст, за политиката, преку која, може да следуваат некои идини реформи во системот. Во таа насока ќе го цитирам Конфучиј: „Образованието ја негува самодовербата. Самодовербата ја негува надежта. Надежта го негува мирот.“  

Денес, за силна едукација и образование во земјите членки на ЕУ, потребно е многу пари, многу поддршка од државата, стопанството, банките и коморите. Имено, мора да се направи еден модел на јавно-приватно партнерство помеѓу државата и образовните установи, со цел, да се зајакне квалитетот во наставата и највеќе да се обидеме да извезуваме образовните продукти. Имено, тоа го прават неколку силни универзитети за дуално образование во сојузната држава Баден-Виртемберг во Германија. Со тоа, најмногу ќе се јакнат ТИРЗ-овите.  

Петто, за крај, имам една стара размисла, и тоа: јавни-приватни партнерства во насока на изградба на големи музички студија. Намената на ова ќе биде, производство на голема количина на високо-квалитетна македонска музика за извоз.   

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?