14 Мај, 2024
0.0296

Kакво влијание има перењето пари врз националната економија?

Објавено во: Колумни 14 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Перењето пари, како феномен од глобални размери, предизвикува низа проблеми со кои мора да се соочи секоја држава, односно секоја национална економија. Карактеристично за овој феномен е тоа што истиот не ги засега само институциите на системот и деловните субјекти, туку  влијае и врз секојдневниот живот на обичните граѓани. Обично се мисли дека перењето пари претставува криминал во кој нема жртви (victimless crime). Оној субјект којшто се занимава со перење пари остварува лична корист, а никој друг не е оштететен од неговите активности. Сепак, проблемот е многу посложен, отколку што изгледа на прв поглед.

Треба да се знае перењето пари доведува до ширење на девијантните појави во општеството. Најчести извори на финансиски средства на перачите на пари претставуваат трговијата со дрога, оружје, бело робје итн. Доколку криминалните групи коишто се занимаваат со овие недозволени активности успеат да ги исперат парите преку финансиските институции, тие ќе поседуваат легитимни финансиски средства. Со оглед на тоа што овие криминални групи се занимаваат со различни видови криминал, може да се очекува тие средства да бидат повторно насочени во нелегални активности. Доколку системот на една земја поради своите слабости го прави перењето пари лесно изводливо, ширењето и омасовувањето на девијантните појави е неминовно. Уште повеќе, таа земја може да привлече криминалци и од други земји каде што се посветува поголемо внимание на спречувањето на перење пари. Перењето пари е тесно поврзано со даночното одбегнување. Имено, криминалните групи коишто се стремат кон максимизирање на својот профит настојуваат своите активности или своите финансиски средства да ги насочат кон оние средини кои се познати како „даночен рај". На тој начин, перачите на пари имаат двојна корист. Избегнуваат плаќање на данок и ги внесуваат нечистите пари во системот на финансиски институции. По завршувањето на целиот процес на перење пари (пласман, прикривање и интеграција), истите располагаат со легални и неоданочени финансиски средства со кои уште повеќе ја зацврстуваат својата моќ. Оштетени се државата и нејзиниот буџет, како и граѓаните кои се соочуваат со ограничена јавна потрошувачка и ограничено функционирање на институциите на системот. Познато е дека перењето пари е присутно во т.н. "cash economies", односно во оние национални економии каде што доминира плаќањето со готови пари. Готовинските плаќања одат во прилог на развојот на сивата економија, а перењето пари е нејзин составен дел. Големото количество на пари во оптек и растот на сивата економија влијаат врз порастот на побарувачката за одредени производи и услуги, а тоа доведува до пораст на цените на тие добра. Од друга страна, граѓаните во земјите каде што доминира плаќањето со готови пари обично имаат мала куповна моќ и низок животен стандард. На тој начин, тие тешко можат да дојдат до производите и услугите што им се потребни и стануваат зависни од темпото и начинот на живот што ги диктираат субјектите коишто перат пари и сивата економија во целина. Конкуренцијата е едно од клучните прашања во функционирањето на современиот деловен свет. Таа подразбира почитување на одредени норми и деловни обичаи, односно почитување на одредени пишани и непишани правила на игра. Во случај кога одредени субјекти на еден или друг начин вршат перење пари, таа појава доведува до нелојална конкуренција. Имено, тие субјекти работат со средства кои доаѓаат од нелегални извори (дрога, оружје итн.). Овие средства кои се неоданочени претставуваат поевтин извор за финансирање на деловната активност, во споредба со средствата што имаат легитимен извор. На тој начин, субјектите што перат пари уште на стартот имаат предност. Доколку средствата од нелегален извор бидат испрани преку системот на финансиски институции, тие можат да бидат инвестирани во легитимна деловна активност. Со оглед на почетната предност, перачите на пари се во позиција да остварат подобри резултати од компаниите коишто работат на легален начин. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка